Не е точно дека војната во Украина е прокси војна на Америка планирана со децении

Published on:

Сцена од Киев по руската воена инвазија во април во 2022 Фото: President.gov.uaCC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Нема докази дека војната во Украина е „американска прокси војна“ планирана со децении. Нема докази за западен државен удар во Украина во 2014 година. Неонацистички групи постојат, но немаат контрола врз Украина. Санкциите не се дел од долгорочен таен план, туку реакција на руската агресија. Тврдењата за „глобалистичка доминација“ се конспиративни и непотврдени. Сите овие наративи се дел од руската пропаганда насочена кон создавање впечаток дека Украина нема сопствена волја и дека Западот е виновен за војната — што не се совпаѓа со реалните факти, настани и докази

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Како што можете да видите сега, оваа војна во Украина е американска прокси војна која беше планирана со децении, чинеше милијарди долари и вклучуваше субверзивни државни удари и сојуз со неонацисти. Американската империја мислеше дека лесно може да ја добие војната со користење санкции за да ја уништи руската економија и испраќање неограничен број украински мажи да умрат на бојното поле.

Крајната цел на оваа прокси војна е глобална доминација од страна на глобалистите – да ја поразат Русија, а потоа да се справат со Кина.

Сепак, сите глобалистички планови пропаднаа мизерно и сега тие се одвраќаат од своите воени и економски неуспеси обвинувајќи ги Индија и Кина за купување руска нафта. САД/ЕУ можат да ја завршат оваа војна за еден ден со одбивање да испратат оружје и пари во Украина.

Сепак, премногу воени изведувачи и политичари профитираат преку перење пари и мито. И американската империја има преголемо его за да признае дека изгубила од Русија.

Така, лудилото ќе продолжи сè додека не може.

Во јавноста често се среќава наративот дека војната во Украина е „американска прокси војна“, дека е планирана со децении, дека Украина е нацистичка, дека Западот извршил државен удар во Киев во 2014 година и дека целта е уништување на Русија и глобална доминација на „глобалистите“.

Сепак, независните анализи и проверки на факти покажуваат дека овие тврдења се претежно пропагандни тврдења зготвени во кујната на Кремљ кои не се поткрепени со докази.

Според анализа на RAND Corporation („No, Ukraine Is Not Fighting a Proxy War“, 2024), терминот прокси војна (војна преку посредник) често се користи погрешно. Во класична смисла, прокси војна значи дека голема сила директно контролира и управува со конфликтот преку друг актер, односно кога две земји се борат една против друга индиректно – преку поддршка на завојуваните учесници во трета земја.

Во случајот со Украина, тоа не е така. САД и НАТО ја поддржуваат Украина со оружје, финансии и обука, но не ја контролираат нејзината политика или воена стратегија. Украина е активен и самостоен субјект, а не марионета.

Целта на ваквиот наратив е да се претстави Украина како држава која не може самата да одлучува за себе. Како да се работи за држава без територијален интегритет и суверенитет, како да не е самостојна, па мора да биде во нечии раце и контролирана. Но, вистината е дека Украина се брани, веднаш по првиот напад на 24 февруари 2022 година одговори на руската воена агресија и продолжува тоа да го прави подолго од три години.

Еден од најстарите руски дезинформациски наративи е за прокси војна што ја води Западот, НАТО или ЕУ… во Украина, против Русија. Таа започна со изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во април 2022 година.

Факт е дека Русија започна воена инвазија во Украина во февруари 2022 година од земја, воздух и море, што е втор акт на агресија, откако во 2014 година го анектираше полуостровот Крим. Оттогаш НАТО во рамки на заедничка политика на земјите членки, но и на индивидуални одлуки на секоја земја членка, се обидува да ѝ помогне на Украина која има легитимно право на самоодбрана, согласно и Повелбата на ООН. Испраќањето сложени системи за копнено и противвоздушно дејствување не значат прокси војна, туку помош за одбранбената политика на Украина.

Овој наратив со прокси војната има своја предисторија, а тоа е наративот за наводно ветување на Западот, поточно на покојниот американски претседател Џорџ Буш постариот дека НАТО нема да се проширува на Исток по падот на Берлинскиот ѕид. Но, и ова е невистина и тоа демантирана е токму од последниот лидер на СССР Михаил Горбачов.

Некои извори (особено руски државни медиуми) тврдат дека САД извршиле пуч во Украина во 2014 за да го соборат проруското раководство. Меѓутоа, според Форин полиси, нема докази дека протестите на Евромајдан биле режирани од Западот. Протестите започнале спонтано како реакција на одлуката на тогашниот претседател Виктор Јанукович да го прекине процесот на евроинтеграцијата. Западните држави давале политичка поддршка, но не постојат докази за координирана операција или пуч финансиран од нив.

На оваа тема и Вистиномер веќе има пишувано.

Руската реторика често тврди дека Украина е „неонацистичка држава“. Но, ова е манипулацијаЕкстремно десничарски групи (како делови од Азов) постојат, но немаат реална политичка моќ во државата. Владата на Украина е демократски избрана, и не е под контрола на неонацисти.

Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Интересно е што руските државни медиуми ја опишуваат Украина како „нацистичка“ држава уште од 2014 година, но податоците покажуваат дека бројот на текстови и медиумски објави кои ја поврзуваат Украина со нацизмот се зголемиле нагло на денот на инвазијата, оцениле од италијанскиот институт ИСПИ90.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека санкциите биле долгорочно планиран механизам за уништување на Русија, според PolitiFact, нема докази дека постоел таков децениски таен план. Санкциите биле реакција на конкретни настани – анексијата на Крим во 2014 и целосната инвазија во 2022. Економски ефекти постојат (намалување на трговијата, технолошки застој, одлив на капитал), но истражувањата покажуваат голема неизвесност и непредвидливост во нивниот исход – тоа не е однапред осмислен заговор.

Тврдењето дека „глобалистите“ преку оваа војна сакаат глобална доминација не е поткрепено со ниту еден конкретен доказ. Тоа е конспиративен наратив што потекнува од пропагандни извори поврзани со руската државна дезинформација и екстремно десничарски медиуми во САД и Европа. Ниту една меѓународна организација или независен истражувач не нашол материјален доказ за координирана „глобалистичка завера“.

Од сето ова можеме да заклучиме дека нема докази оти војната во Украина е „американска прокси војна“ планирана со децении. Нема докази за западен државен удар во Украина во 2014 година. Неонацистички групи постојат, но немаат контрола врз Украина. Санкциите не се дел од долгорочен таен план, туку реакција на руската агресија. Тврдењата за „глобалистичка доминација“ се конспиративни и непотврдени. Сите овие наративи се дел од руската пропаганда насочена кон создавање впечаток дека Украина нема сопствена волја и дека Западот е виновен за војната — што не се совпаѓа со реалните факти, настани и докази.

Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.