Не е точно дека „Западот ги мами Украинците да гинат“

Published on:

Западот не ги мами Украинците да гинат, туку им дава помош за самоодбрана која им е неопходна. Западот не би давал помош за Украина доколку државата од тоа нема потреба и доколку Русија нема територијални претензии кон Украина. Дополнително, патриотските чувства и дела на украинскиот народ како и на раководството на државата кое одлучи да не се предаде, туку да се брани, не може да се минимизираат и да се понижат со невистината дека тие се „изманипулирани“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Западот како ги мами Украинците да гинат. Објавуваат лажни снимки како напредувале а Русите губеле.

Во склоп на објавата нема никакви снимки за да се поткрепи тоа дека било објавувано дека Украина напредува, а Русија губи. Меѓутоа, она што е карактеристично за објавата што ја рецензираме е промоцијата на про-Кремљ наративот во кој се обвинува Западот за војната во Украина. Воената инвазија Русија ја почна неиспровоцирано на територијата на суверена Украина и оттогаш до денес се води војна која доведе до огромни жртви, материјални штети и руинирање на украинската економија. Сето тоа влијаеше и на глобалните економски текови.

Не е вистина изнесеното во објавата дека „западот ги мами Украинците да гинат“. Според ваквата логика, Украинците би требало да се предадат односно да не ја бранат сувереноста и територијалниот интегритет на својата држава, па на таков начин да ѝ дозволат на Русија целосно да ги окупира што секако не се случи. Од самиот старт на неиспровоцираната воена инвазија на Русија врз Украина, Украинците пружаат одбрана и отпор, многу пожестоко отколку што се очекуваше.

Чиста пропаганда е да се тврди дека „Западот ги мами“ да се бранат, бидејќи се работи за државна стратегија за самоодбрана на Украина, во која учествува целата украинска армија. Понижувачкиот наратив дека Украинците се изманипулирани да се бранат е дел од руската пропаганда со дезинформации. Митот од „пакетот наративи“ од оваа група е дека „победата на Русија е неизбежна и дека западната помош за Украина само ја ескалира ситуацијата и го пролонгира страдањето“.

Западната помош за Украина прави голема разлика на военото поле секој ден, помагајќи ѝ на Украина да го одржи своето право на самоодбрана. Вистинскиот пат на мирот е комплетното повлекување на руските сили од интернационално признаените граници на Украина и комплетно напуштање на агресивната политика.

Русија почна неиспровоцирана воена инвазија со непочитување на меѓународното право. Мирот не може да се постигне со тоа што ќе се дозволи невооружена Украина да се соочи со високовооружена Русија која го негира нејзиниот суверенитет, пишува на сајтот на Европската комисија.

Западот не ги мами Украинците да гинат, туку им дава помош за самоодбрана која им е неопходна. Западот не би давал помош за Украина доколку државата од тоа нема потреба и доколку Русија нема територијални претензии кон Украина. Дополнително, патриотските чувства и дела на украинскиот народ како и на раководството на државата кое одлучи да не се предаде, туку да се брани, не може да се минимизираат и да се понижат со невистината дека тие се „изманипулирани“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.