Протести во Грузија против „рускиот закон“ за странски агенти Zlad!, CC0, via Wikimedia Commons
Ниту некој барал Грузија да биде втор фронт против Русија, ниту, пак, луѓето што протестираат во Грузија се платени. Освен тоа, наративот за „вториот фронт“ се слуша и од високо позиционирани руски функционери
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Точно. Ова е вистината за Грузија, Србија и сите земји каде има платена опозиција за рушење на власт која стои на браникот на суверенитетот на земјата…Македонија веќе ја видовме во изминатите години…
Во објавата се споделува изјава на грузискиот премиер Иракли Кобахиџе, кој вели дека „западните притисоци и барања да се отвори втор фронт против Русија придонеле за ескалација на внатрешните тензии во државата“. Тие барања според наведеното во текстот од објавата „доаѓале од претставници на длабоката држава, САД и нивните сојузници во грузиската опозиција“
Наспроти изнесеното во објавата, во Грузија нема „платена опозиција за рушење на власта“, исто како што нема во Србија и немаше во Македонија. Тоа што изминатите години постои во Грузија е нотирана антизападна пропаганда која се шири а во која, според проверувачите на факти од Грузија, но и претставници на Европската комисија, главните актери се дури и претставници на владејачката партија и именувани лица.
Во објавата што ја рецензираме се актуелизира пропаганден наратив кој е присутен во Грузија подолго време, дезинформацијата дека „западот се обидува да отвори втор фронт против Русија во Грузија“. Како што може да се види од овој текст објавен на 25 октомври 2024 година, загриженоста од Европската комисија е голема поради тоа што ваквите антизападни наративи доаѓаат од фигури на владејачки позиции во Грузија.
Така, во текстот на ЕДМО се тврди дека портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано, истакнал дека „властите во Грузија почнале да користат дезинформации против Европската Унија“ и дека „нема посветена мисија на ЕУ да ù помогне на Грузија да го зајакне отпорот да се бори против странско влијание и дезинформации, бидејќи во овој случај, за жал, дезинформациите доаѓаат од официјални лица, од владејачките фигури“. За забележување е дека првиот фронт, кој е Украина, не го отвори Западот, туку самата Русија која почна неиспровоцирана воена инвазија врз Украина.
ЕДМО, пак, нотира дека „премиерот, спикерот во Парламентот и други функционери од партијата Грузиски сон отворено шират анти-западна пропаганда како дневна рутина“ и дека меѓу овие наративи се забележува оној за „отворањето на втор фронт против Русија во Грузија“.
Партијата „Грузиски сон“ усвои многу силна проруска платформа, а нејзиниот лидер Бидзина Иванишвили во август 2024 вети дека ќе „ги забрани прозападните партии поради нивната наводна улога во поттикнување на руската војна против Грузија во 2008 година и последователното окупирање на грузиските територии Абхазија и Јужна Осетија“.
Стејт Департментот неодамна соопшти дека САД воведоа санкции против Иванишвили поради поткопување на демократската и евроатлантската иднина на Грузија и работа во интерес на Русија.
Иванишвили и „Грузиски сон“ ги поткопаа демократските институции, овозможија злоупотреба на човековите права и ограничување на основните слободи во Грузија. Покрај тоа, тие ја закочија евроатлантската иднина на Грузија, иднина што е посакувана од огромно мнозинство на народот на Грузија и која е пропишана во грузискиот устав, се вели во изјавата на државниот секретар Ентони Блинкен.
Директорот на грузиската тајна служба, исто така, се обиде да ѝ помогне на партијата „Грузиски сон“ и да додаде легитимност во теоријата на заговор дека „постои групација на влијателни луѓе кои се обидуваат да почнат конфликт и да отворат втор фронт“, забележува ЕДМО. Тоа кореспондира со објавата што ја рецензираме во која се наведува дека „длабоката држава“ барала да се отвори „втор фронт“ против Русија. Ниту некој барал Грузија да биде втор фронт против Русија, ниту пак луѓето што протестираат во Грузија се платени. Освен тоа, наративот за „вториот фронт“ се слуша и од високо позиционирани руски функционери.
Западните земји не се заинтересирани за ескалација на војната. Ниту САД ниту ЕУ ниту Украина ја туркаат Грузија да биде втор фронт против Москва, пишува EUvsDisinfo.
Наративот за постоење на длабока држава, кореспондира со оној на теоретичарите на заговори Кју Анон.
Владината пропаганда го турка наративот дека има „партија за глобална војна“ која што има за цел да „ја вовлече Грузија во војна со Русија за да се отвори втор фронт кој би го намалил притисокот од украинскиот фронт“. Хипотетичката теорија од практична и воена точка на гледање е апсурдна и западните влади негираат дека имале такви планови во повеќе од една прилика, пишува ЕДМО.
Американската амбасада во Грузија ги негираше тврдењата за отворање „втор фронт“.
За жал дезинформациите пак испливаа, вклучително и во говорите на водечките политички фигури изминатите денови. Одговорот на дезинформацијата е едноставен и гласи – силните држави имаат потреба од силни партнери. Зошто ние би го уништувале она што го градевме внимателно изминатите 32 години?, пишува во изјавата од американската амбасада од 30 септември 2024.
Инаку, наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, во Грузија нема „платена опозиција за рушење на власт која стои на браникот на суверенитетот на државата“. Внатрешните превирања во државата проследени со протести, се предизвикани од најавата дека преговорите со ЕУ ќе бидат замрзнати до 2028 година, а и од тоа што изборите во Грузија беа сомнителни и со бројни нерегуларности.
Ова нема никаква врска со платеници од странство или западни поттикнувачи, туку со внатрешно-политичките случувања во земјата. Опозицијата во Грузија се соочува со големи последици поради протестите меѓу кои и апсења, исто како и демонстрантите кои се жртви на невидена полициска бруталност.
На улиците се десетици илјади Грузијци. Тоа што се тврди во објавата дека опозицијата во Грузија е „платена“ не е со ништо поткрепено. Граѓаните на Грузија имаат политички права, но и граѓански права, меѓу кои е и правото на собирање и протестирање. Тие ги користат своите демократски механизми да се спротистават и да застанат на страната на европската иднина на државата.
Не е точно изнесеното во објавата дека „западните притисоци и барања да се отвори втор фронт против Русија придонеле за ескалација на внатрешните тензии во државата“ ниту дека „тие барања доаѓале од претставници на длабоката држава, САД и нивните сојузници во грузиската опозиција“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.