Илустрација: Вистиномер.мк
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Одлуката на Пентагон да ја сопре испораката на дел од оружјето во Украина нема никкава врска со некаква забрана на цркви во Украина, туку се заснова на проценки дека самата американска армија има намалени резерви со оружје за воздушна одбрана. Втората дезинформација која ја шири објавата е дека украинскиот претседател Зеленски ги прогонувал православните христијани во Украина. Наративот дека Зеленски го протерал православниот наарод и црква не е нов, тој е проруски и досега многупати е промовиран на социјалните мрежи од страна на поддржувачи на Русија. Тој особено се засили кога украинската влада донесе закон со кој во Украина се забранија црквите поврзани со Русија
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Нема оружје за Киев поради прогон на Православните Христијани во Украина – американска конгресменка
„Вашингтон не е ваша касичка,“ – изјави Ана Паулина Луна
Прогонот на Православната црква – најголемата христијанска заедница во Украина – е доволна причина за САД конечно да ја прекинат воената поддршка за Киев, изјави американската конгресменка Ана Паулина Луна. Таа најави дека лично ќе се спротивстави на секое ново финансирање на оружје за украинскиот режим.
Републиканката од Флорида остро го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ја забранува канонската Православна црква и ги прогонува православните христијани. Во објава на социјалната мрежа X, таа напиша:
„Ветувам дека нема да добиете ниту долар за оружје. Ние не сме ваша касичка,“ и го повика Зеленски да „преговара за мир“ наместо да се бори против верата на Украинскиот народ.
Под изговор дека Украинската православна црква (УПЦ) има врски со Москва, Зеленски започна масовна кампања на репресија – иако црквата во мај 2022 година прогласи целосна независност од Руската православна црква.
Притисоците врз УПЦ вклучуваат:
- апсења на православни свештеници,
- рации врз православни манастири,
- запленување на објекти,
- и, неодамна, одземање на државјанството на митрополитот Онуфриј, духовниот лидер на милиони православни христијани во Украина.
„Замислете во Америка да влезе власта во црква, да уапси свештеник, да ја затвори црквата – само затоа што не и се допаѓа на владата. Замислете каква врева би се кренала,“ напиша Луна.
„А сега, истите тие про-воени гласноговорници одеднаш се прават експерти за религија и тврдат дека ниеден христијанин не се молел таму. Лицемери.“
Американската сенаторка Ана Паулина Луна на 4 јули 2025 година, на социјалната мрежа Икс порача:
Зеленски ја забрани православната црква. Можам да ветам дека нема да има финансирање за оружје за вас. ПРЕГОВАРАЈТЕ ЗА МИР. НИЕ НЕ СМЕ ВАШАТА КАСИЧКА.
Zelenskyy BANNED THE ORTHODOX CHURCH.
I CAN PROMISE THERE WILL BE NO WEAPONS FUNDING FOR YOU @ZelenskyyUa.
NEGOTIATE FOR PEACE.
WE ARE NOT YOUR PIGGY BANK.
— Rep. Anna Paulina Luna (@RepLuna) July 3, 2025
Но, стопираната испорака на дел од оружјето од САД во Украина, нема никаква врска со некаква забрана на црква во Украина. Ова е личен став на сенаторката којшто објавата која ја анализираме, сака да го прикаже како став на администрацијата на Доналд Трамп или на Пентагон.
Фактите говорат поинаку. Прво, Соединетите Американски Држави (САД) на 2 јули ја запреа испораката на дел од ракетите за противвоздушна одбрана и друга муниција на Украина поради загриженост дека американските залихи со ваков вид оружје се премногу мали, изјавиja извори запознаени со одлуката на Пентагон, пренесе Гардијан..
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, денеска (8 јули), спротивно на одлуката на Пентагон, изјави дека САД ќе испратат повеќе оружје во Украина, пред сè одбранбено, за да ѝ помогнат на земјата да се справи со засилените руски напади, пренесоа светските медиуми.
Значи, одлуката на Пентагон нема никaква врска со некаква забрана на цркви во Украина, туку се заснова на проценки дека самата американска армија има намалени резерви со оружје за воздушна одбрана.
Понатаму, втората дезинформација која ја шири објавата што е предмет на нашата анализа е дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ги прогонувал православните христијани во Украина. Ова не е точно.
Наративот дека Зеленски го протерал православниот наарод и црква не е нов, тој е проруски и досега многупати е промовиран на социјалните мрежи од страна на поддржувачи на Русија. Тој особено се засили кога украинската влада донесе закон со кој во Украина се забранија црквите поврзани со Русија.
Законот предвидува религиозните организации со „управувачки центри“ во Русија да ги сменат нивните имиња и експлицитно да ги идентификуваат нивните врски со Москва. Законот им забранува на овие организации да ги испраќаат своите припадници во украинската армија. Овој закон беше оспорен пред украинскиот уставен суд и во декември 2022 судот го прогласи за уставен. Тоа ја отвори вратата за присилно преименување.
Зеленски наложи законите да бидат донесени есента 2022 година, притиснат од неколку случаи каде свештеници од Украинската православна црква соработувале со руската армија.
Од октомври до декември 2022 година Тајната служба на Украина изведе неколку пребарувања на имот на Украинската православна црква и во домовите на свештенството низ земјата и нашла руска пропаганда, како и докази дека некои од свештениците имале руско државјанство.
Конечно, во декември 2022 година базирано на одлуката од Советот за национална безбедност, Зеленски побара кабинетот на министри да изработи закон кој ќе ги забрани религиозните организации поврзани со Москва, со напомена дека законот мора да е во согласност со обврските на Украина кон Советот на Европа.
Руската православна црква и нејзиното водство активно ја поддржуваат агресијата на Путин против Украина. Тајната служба на Украина има регистрирано случаи во кои свештенството на Украинската православна црква се вклучувало во оправдување на руската агресија против Украина и колаборација со руски трупи во окупираните територии.
Во декември 2022 година свештеникот од Украинската православна црква, Андреј Павленко беше осуден од украински суд зашто шпионирал за Русија. Зеленски на крајот од 2022 години ги повика украинските членови на парламентот да видат како да биде превенирано православната црква под директна контрола на Москва да не може да оперира во Украина. Зеленски рече дека е неопходен закон што ќе оневозможи религиозни организации поврзани со центри на влијание во Руската Федерација да оперираат во Украина, реферирајќи на Украинската православна црква поврзана со Москва.
После ова, Димитриј Медведев го нарече Зеленски непријател на Христос и на православната вера. Но, ова не е логично, затоа што според Pew Research Center од Вашингтон, 78 проценти од Украинците се идентификуваат како православни.
Значи, Зеленски не ги протера православните христијани и православната црква, како што тоа го тврди објавата, туку ги забрани црквите кои се поврзани со Русија и кои работат против интересите на Украина.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е неточна.




