Не е точно дека Зеленски трипати барал покана за инаугурацијата на Трамп и бил одбиван

Published on:

Фото: president.gov.ua

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Лажна вест јавува дека Зеленски трипати барал покана за инаугурацијата на Трамп и дека бил одбиван, а тоа се раширило преку еден скриншот, наводно од објава на Доналд Трамп Помладиот, која ја нема никаде во нејзината изворна форма, што покажува дека скриншотот е само фотомонтажа

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Украинскиот претседател Зеленски три пати побарал да биде поканет на инаугурацијата на Доналд Трамп, но бил одбиен, изјави Доналд Трамп помладиот

Тоа е дезинформација, која уште на 19.1.2025 г. ја разобличил украинскиот факт-чекерски сајт StopFake, а утредента тоа го сторил и американскиот неделник NewsweekВолодимир Зеленски не барал покана за инаугурацијата на неговиот американски колега Доналд Трамп, а таа вест не ја објавил неговиот син Доналд Трамп Помладиот.

Не е тајна дека Трамп Помладиот има негативно мислење за Зеленски и дека дури го исмева по социјалните мрежи како „разгалено дете“ или „питач“, кој постојано нешто бара од САД (пари, воена помош и др.), па затоа некои поверувале дека тој барал и покана за инаугурацијата и дека таа вест ја објавил Трамп Помладиот, но тоа не е точно.

Дури и Трамп Помладиот да го објавил тоа, мора да се нагласи дека тој не е претседател на САД, ниту каков било функционер во тамошното политичко раководство, туку е просто бизнисмен, па неговите изјави и ставови не се изјави и ставови на официјален Вашингтон.

Што се однесува до ставот на официјален Вашингтон, на прес-конференција на 16.12.2024 г., на прашање дали Зеленски е поканет на инаугурацијата, Трамп Постариот одговорил (во превод):

Не. Но, ако сака да дојде, ќе ми биде драго да го имам тука.

Изјавата е штура и некако противречна, а од неа сфаќаме дека Трамп не го поканил Зеленски, но и дека не бил против неговото доаѓање. Можеби Трамп сакал да каже дека би му пратил покана на Зеленски ако тој баш инсистира на тоа. Но, без оглед на тоа што Трамп сакал да каже, тој не споменал дека Зеленски барал покана, ниту дека бил одбиен за тоа.

Патем да споменеме дека на инаугурацијата можат да дојдат и лица без покана, доколку обезбедат билети, кои за американските граѓани се бесплатни и кои понекогаш неофицијално се препродаваат, или, пак, со посебни VIP-покани за богати гости, кои се спремни да донираат големи суми. Но, Зеленски е сепак шеф на странска држава и тоа не баш богата, па тешко дека Трамп мислел на некоја од овие опции.

Дезинформацијата дека Зеленски трипати барал покана и дека бил одбиван почнала да се шири по социјалните мрежи некаде пред денот на инаугурацијата, 20.1.2025 г., најпрвин преку скриншот, наводно направен од објава на Трамп Помладиот, но Newsweek не успеале да ја најдат во нејзината изворна форма. Значи, таа „вест“ се темели врз лажен скриншот, кој е всушност фотомонтажа.

„Скриншотот“ содржи реални изјави на Зеленски во врска со инаугурацијата на Трамп, но извадени од контекст, а нив ги дал за поткастот на Лекс Фридман, што било објавено на 5.1.2025 г. Притоа, за инаугурацијата Зеленски го кажал следново:

Би сакал да гостувам таму, се разбира. Ќе видам како тогаш ќе се одвива војната, затоа што има моменти на тешкотии, ескалација, многу ракетни напади итн. Но, искрено, нема да можам. Не можам да дојдам, особено не среде војна, освен ако претседателот Трамп не ме покани лично.

Спротивно на она што го тврди лажната вест, Зеленски тука не бара покана како разгалено дете, а она што е тука цитирано може да има две значења. Првото е дека Зеленски просто соопштува дека не може да замине на инаугурацијата ако не е поканет, но не инсистира да биде поканет, а второто значење е дека тој можеби сакал таа посета на САД да ја искористи за лична средба со Трамп, па затоа говори за лична покана од страна на Трамп, но тоа ќе го објасниме малку подоцна.

Воедно, Зеленски тука ги споделува дилемите кои го мачат околу инаугурацијата. Во принцип, тој би сакал да присуствува на истата, но тој се запрашува дали тоа би било умесно среде војна. На тие свои дилеми тој ја додава и следнава:

Не сум сигурен дали е умесно да дојдам, затоа што знам дека, генерално, светските лидери, од некоја причина, обично не се канети на инаугурациите на претседателите на Соединетите Американски Држави.

Странски политичари обично не се канат на претседателските инаугурации во САД, па затоа Зеленски се прашува дали е умесно да присуствува на онаа на Трамп. Но, Трамп го прекрши тој обичај така што ги поканиСи Џингпинг (Кина), Најџел Фараж (Британија), Матеуш Моравјецки (Полска), Џорџа Мелони (Италија), Хавиер Милеи (Аргентина), Жаир Болсонаро (Бразил) и др. Интересно, во списокот не се нашле некои доста битни странски политичари како: Кир Стармер (Британија), Емануел Макрон (Франција), Олаф Шолц (Германија) и Урсула Фон Дер Лејен (ЕУ).

Трамп ги бирал странските гости не толку по нивната важност колку по тоа колку му се идеолошки блиски, а среде нив доминираат десничари, конзервативци и сл. Иако Виктор Орбан (Унгарија) би можел да се опише како таков, тој, интересно, не бил поканет.

Тука сфаќаме дека доста познати политичари не добиле покана, а и не сите што ја добиле ја искористиле, па не е никаков пораз или нешто за потсмевање тоа што Зеленски не присуствувал на инаугурацијата. И, на крај, тој сепак добил покана, што тој го објасни во интервјуто за Пирс Морган од 4.2.2025 г.:

Трамп ме покани на неговата инаугурација, но ме покани на многу воопштен начин, можеби и како другите лидери. Не сум запознат кого тој поканил лично или на друг начин, но верувам дека ни треба време да седнеме и да разговараме како да ја завршиме војната и ни треба време за тоа, а во моментот на инаугурацијата, мислам дека тој ќе има свои проблеми на агендата

Значи, во даден момент Зеленски сепак добил покана, но решил да не замине на настанот, затоа што сфатил дека Трамп ќе нема време за лични средби, а приоритет на Зеленски не му биле бесцелни шетања и свечености, туку решавање на проблемите со кои Украина се соочува. Можеби токму тоа е значењето на изразот „лична покана“, со кого претходно се сретнавме.

Зеленски не барал таква лична покана или средба, туку само изјавил дека би заминал за САД во случај да ја добие. Во спротивно, тој сметал дека би било неумесно да патува по свечености среде војна.

Треба да се има предвид и дека тој ги давал овие изјави во интервјуа, од кои веќе видовме снимки, значи во слободен разговор со симултан превод, при што некои нешта може се загубиле во преводот или сл. Тука видовме изјави, дел од кои се збунувачки, штури или противречни, а и некои дилеми и колебања, но, како и да е, никаде не видовме податок дека Зеленски трипати барал покана, но дека бил одбиван.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.