Не е вистина дека САД предлага трансфер на нуклеарно оружје во Украина

Published on:

Фото: Alexa auf Pixabay

САД не ѝ даде, ниту пак, администрацијата на Бајден предлага трансфер на нуклеарно оружје во Украина. Администрацијата на Бајден пред неколку денови одобри употреба на американско оружје со долг дострел за напади врз руска територија. Но ова не е нуклеарно оружје, ниту пак,  постои одлука за трансфер на нуклеарно оружје, како што неточно се тврди во објавата. Овие тврдења потекнуваат од поединци познати по ширење на дезинформации. Портпаролот на Советот за национална безбедност во Белата куќа во изјава за Newsweek ги демантирал ваквите тврдења

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека САД предлагаат трансфер на нуклеарно оружје во Украина коешто ќе се користи против Русија. Ова е невистина.

Ескалацијата продолжува. Светов буквално го водат лудаци!!!

Алармирање за крајот на светот! Администрацијата на Бајден предлага трансфер на нуклеарно оружје во Украина кое ќе се користи против Русија!

Ова е најголемата и најопасна нуклеарна ескалација во историјата!

Објавата што е предмет на оваа рецензија споделува застрашувачки тврдења за кои нема реални докази. Со споделување на неточни информации предизвикува страв и загриженост кај корисниците на социјалните мрежи. Објавата е придружена со исечок од објава на социјалната мрежа „Х (поранешна Твитер) на којашто се тврди истото. Оваа објава е напишана од Алекс Џонс, кој е конзервативен политички коментатор и радиоводител, oсновач на Infowars, крајно десничарска веб-страница. Тој е забранет од повеќе платформи за социјални медиуми поради објавување дезинформации.

Иако во објавата се тврди дека администрацијата на Бајден предложила да ѝ се даде нуклеарно оружје на Украина за таа да го користи против Русија, нема апсолутно никакви докази дека тоа е вистина. Ниту едно официјално лице нема изјавено или потврдено дека вакво нешто се случува. Напротив, овие тврдења, кои потекнуваат од поединци познати по ширење на дезинформации, како Алекс Џонс, се демантирани.

Портпаролот на Советот за национална безбедност во Белата куќа во изјава за Newsweek ги демантирал ваквите тврдења.

Ова не е точно – САД не размислуваат да и дадат нуклеарно оружје на Украина.

Професорот Брајан Тејлор, директор на Институтот за глобални прашања Мојнихан на Универзитетот Сиракуза, вели дека испраќањето нуклеарно оружје на САД во ненуклеарна држава ќе го прекрши договорот за неширење на оружјето од 1968 година.

Во теорија, САД би можеле да стационираат американско нуклеарно оружје во Украина и да го задржат командниот авторитет за него, како што тоа го прави во неколку земји-членки на НАТО. Но, исклучително е тешко да се замисли тоа да се случи, рече Тејлор.

Што е она што САД навистина ѝ го даде на Украина?

САД не ѝ даде, ниту пак, администрацијата на Бајден предлага трансфер на нуклеарно оружје во Украина. Она што е вистина е фактот дека администрацијата на Бајден пред неколку денови одобри употреба на американско оружје со долг дострел за напади врз руска територија. Но, ова не е нуклеарно оружје, ниту пак, постои одлука за трансфер на нуклеарно оружје, како што неточно се тврди во објавата.

Тврдењето дека администрацијата на Бајден предлага трансфер на нуклеарно оружје во Украина го оценуваме како невистина, бидејќи се заснова на цитати на познати теоретичари на заговор и споделувачи на дезинформации, а не на реални докази.