Украински војник Фото: Ministry of Defense of Ukraine, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Наспроти изнесеното во објавата подготовката на Украина за национален отпор не значи дека „14 годишни деца ќе бидат регрутирани“. Најавениот пристап значи дека циклусот почнува на 14-годишна возраст, поточно преку учество во воено-патриотски игри како што се „Сокил“, „Јура“, како и изучување на ажурираниот предмет „Одбрана на Украина“, кој веќе се спроведува во училиштата и стручното образование
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Украина ке регрутират 14г. деца !!!
Борба до последен украинец.
Малкумина се свесни дека оваа војна е војна против народот во ЕУ и Русија…. Масовно осиромашување на средната класа и најголем број на екстремно богати корпорации.
Во склоп на објавата се споделува исечок од текст во кој пишува дека „Украина ќе почне воен тренинг за тинејџери од 14-годишна возраст“.
За што всушност се работи и дали навистина Украина ќе регрутира 14-годишни деца? Тоа не е точно. Имено, станува збор за изјава од вршителот на должност – раководител на Одделот за политика на национален отпор при Министерството за одбрана на Украина Игор Хорт.
Но, најавата од Хорт не е дека 14-годишни деца ќе бидат регрутирани како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.
Регрутирање е задолжително вклучување во служба на државните воени сили. А Хорт најави нешто сосема поинакво – тој најави воена обука за млади од 14 години. Тинејџери од 14-годишна возраст ќе учествуваат во воено-патриотски игри, а ќе ја изучуваат и ажурираната академска дисциплина „Одбрана на Украина“.
Најавата на Хорт е за голема реформа на системот за воена обука што ја спроведува Украина – за млади и за студенти. Украинските медиуми известуваат дека ќе се воведе нов циклус на обука за национален отпор, кој ќе започне на 14-годишна возраст. Како што објасни Игор Хорт, наместо класичната основна комбинирана воена обука во Украина, тие планираат да воведат нова програма – „Основи на националниот отпор“. Таа ќе ги опфати сите граѓани, почнувајќи од училишна возраст, и вклучува не само обука, туку и формирање на подготвеност за национален отпор.
Обуката ќе започне со учество во воено-патриотски настани, како што се „Сокил“ и „Јура“, како и со изучување на ажурираниот предмет „Одбрана на Украина“, кој веќе се изучува во училиштата. Но, тоа не значи дека на 14-годишни учениците ќе бидат дел од армијата спротивно на објавата што ја рецензираме. Според најавата на високообразовните институции, ќе се предава „Основи на националниот отпор“. Според Хорт за разлика од претходниот систем, новиот модел ќе се фокусира на практични вештини: ракување со оружје, тактики и обука за огнено оружје. Ова треба да го зголеми нивото на реална борбена способност.
По завршувањето на студиите во образовните институции, граѓаните ќе отслужуваат основна воена служба. Таа ќе стане задолжителен дел од системот за општа обука. Како што објаснува претставник на Министерството за одбрана, таков модел треба да ја направи одбранбената способност на земјата масовна и одржлива.
Покрај тоа, планирани се специјални центри за обука за резервисти, студенти и волонтери на возраст од 18 до 60+ години. Секој ќе може да се обучува, да научи како да ракува со оружје и да го процени нивото на борбена готовност.
Не станува збор за воена специјалност. Станува збор за мотивација, за подготвеност за одбрана на земјата. Предметот „Основи на националниот отпор“ ќе биде задолжителен и за момчињата и за девојчињата. Ако не сакате да положите, откажете се од училиште, нагласи Хорт.
Наспроти изнесеното во објавата подготовката на Украина за национален отпор не значи дека „14-годишни деца ќе бидат регрутирани“. Најавениот пристап значи дека циклусот почнува на 14-годишна возраст, поточно преку учество во воено-патриотски игри, како и изучување на ажурираниот предмет „Одбрана на Украина“, кој веќе се спроведува во училиштата и стручното образование.
Хорт потсети дека по завршувањето на студиите во образовните институции, граѓаните задолжително ќе отслужуваат основна воена служба, која ќе стане дел од општата обука. Целта на новиот модел е да ја направи одбраната на земјата масовна и одржлива.
Инаку од март годинава украинската армија почна да регрутира луѓе на возраст од 18 до 24 години, на доброволна основа, бидејќи вооружените сили на земјата се соочуваат со сериозен недостиг на војници за да ja спречат инвазија на руските трупи.
Во објавата е повторена руската пропаганда дека ова е „борба до последниот Украинец“, но не се наведува дека е самоодбрана на суверена независна држава со легитимна и демократски избрана власт, којашто беше нападната во 2022 година со неиспровоцирана воена инвазија од страна на Русија .Оваа војна во објавата се тврди дека е „војна против народот во ЕУ и Русија“, алудирајќи дека поради војната население во Украина осиромашува. Но пред сè, како што се тврди во објавата. ова е војна против народот во Украина, кој доброволно се бори за својата држава, за нејзината одбрана и е под силен напад на Русија.
Русија е таа којашто ја нападна Украина во февруари 2022 година, а Украина како независна држава има право да се брани и да ги користи расположливите средства добиени како помош од своите пријатели. НАТО испраќа воена помош за Украина, без притоа да биде учесник во војната. Западот ѝ помага на Украина да се одбрани од руската воена инвазија и да го задржи својот територијален суверенитет и интегритет. На тој пат на самоодбрана се појавуваат различни наративи со кои Украина се претставува како окупирана од западните држави или пак нивна марионета, со цел да војува против Русија. Но, тоа е далеку од реалноста, бидејќи власта во Украина е суверена, демократска, избрана на демократски избори, а граѓаните на Украина имаат суверено право да одлучат за својата иднина и кон кои сојузи ќе инклинираат.
Проверувачи на факти на „Опсервадор“ во март 2025 имаат дебанкирано дезинформација според која „Парламентот на Украина подготвува закон што ќе им овозможи на сите момчиња над 14 години да бидат регрутирани во вооружените сили на земјата“. Таков закон не постои и Украина не регрутира 14-годишници во армијата.
И украински извори пишуваат дека изјавата на Игор Хорт дадена на 4 август 2025 за агенцијата Укринформ, каде се одржа тркалезна маса за промените во патриотското образование во училиштата и универзитетите, се злоупотребува од руската пропаганда.
Новата безбедносна политика ќе послужи само за одбрана на татковината и за национален отпор, а не за регрутација на 14-годишници во вооружените сили на Украина.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.




