Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Руската амбасада во Скопје им го честиташе на нашите граѓани празникот Св. Кирил и Методиј, воопштено опишувајќи ги како словенски просветители, но онаа во Софија објави честитка во која тие се опишани како бугарски, што кај нас не би минало добро. Руската амбасада во Атина, пак, зад грб нè има нарекувано „Скопја“, а додека сето тоа трае, Русија пред нас глуми некаква заштитничка на македонизмот. Темата тука не е дали некои историски личности ни припаѓаат нам или на Бугарија, ниту темата е нашиот спор со Грција, туку недоследноста и дволичноста на руската надворешна политика
Пишува: Вангел Башевски
За жал, нашите граѓани имаат доста трауми од подалечното или поблиското минато како конфликтот во 2001 г., спорот со Грција, промената на уставното име или бугарското вето за нашата евроинтеграција, па некои од нив гледаат спасоносно решение во Русија. Според нив, таа е подобра алтернатива од Западот, затоа што тој им бил понаклонет на Албанците, под негов притисок било променето уставното име Република Македонија, што било атак врз македонскиот национален идентитет во полза на нашите негатори Грците и во полза на проширувањето на НАТО… Русите во овој наратив играат улога на бескомпромисни поддржувачи на Македонците, но тоа е во најголема мера лажно.
Така, на пример, при посетата на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов на Москва на 24.5.2017 г., неговиот руски колега Владимир Путин му ласкаше дека и во Русија се празнува Денот на словенската писменост и дека таа дошла таму токму од Македонија. Но, тој најверојатно си има советници, кои му дошепнуваат што да каже и тоа е чиста куртоазија, на други гости, на пример од Бугарија, тој можеби им ласкал дека таа одиграла клучна улога за словенската писменост или сл.
На 24.5.2024 г., руската амбасада во Скопје им го честиташе празникот на нашите граѓани воопштено опишувајќи ги Св. Кирил и Методиј како словенски просветители, но онаа во Софија објави честитка во која тие поконкретно се опишани како бугарски. Меѓутоа, темата тука не е дали некои историски личности ни припаѓаат нам или на Бугарија, туку темата е недоследноста и дволичноста на руската надворешна политика.
Кај нас во тренд се некакви новокомпонирани и пропутински настроени националисти, кои наивно веруваат дека Русија безрезервно ги поддржува, но како што видовме, тоа не е така. Во реалноста, повеќето Руси немаат поим каде сме на мапа (темелно, инаку, врз лично искуство од живеењето во Русија), а македонското прашање, се разбира, не е централна тема во нивните животи, ниту во нивната политика.
Русија пројави троа поголем интерес за нас кога експремиерот Никола Груевски почна да кокетира со неа, некаде по разочарувањето од Самитот на НАТО во 2008 г., на кој, заради грчкото вето, ние не влеговме во алијансата. Интересот на Русија за нас уште повеќе се зголеми кога конечно требаше да се реши спорот со Грција заради нашиот влез во НАТО, што повлече и промена нашето уставно име. Русија на тоа негодуваше, но не затоа што ѝ беше грижа за нашето име, туку затоа што ѝ пречеше нашето влегување во НАТО. Почна да игра на картата на македонскиот национализам и да поттикнува револт против промената на името, а пример за тоа беше твитот на руската амбасада во Скопје од 20.10.2018 г.:
#Русија ја призна Република #Македонија под нејзиното уставно име пред повеќе од 26 години и својот став не го менува.
Тоа беше дочекано со одобрувачки коментари од некои наши сограѓани, а се разбира дека Русија не го исполни ветувањето. Всушност, тоа беше маркетиншки трик само за нашиот пазар и многу веројатно е дека не било објавено и од нејзината амбасада во Атина. Таму Русија играше сосема спротивна улога, која подразбираше поттикнување и финансирање на грчките националистички политичари како Панос и Димитрис Каменос од партијата Независни Грци (АНЕЛ), за тие да му се спротивстават на решавањето на спорот за името, за ние да не влеземе во НАТО. Ова беше школски пример за она што Римјаните го нарекувале: „Раздели, па владеј“.
Иако е вистина дека Русите ја признаа Р. Македонија под нејзиното уставно име, тие не секогаш беа доследни во неговата употреба, било на официјален, било на неофицијален план. Некаде тие велеа Республика Македония, а некаде Бывшая Югославская Республика Македония (БЮРМ) или варијации на тема. На пример, така беше на рускиот сајт за административни услуги Госуслуги (слика), а се случуваше во еден ист извор да бидат наведени и обете имиња (слика). Пример за таа недоследност околу именувањето имаше и во репортажата на познатиот руски шоумен Александар Прјаников, која тој ја сними кај нас во 2016 г., а во која тој повеќепати нè нарече БЈРМ.
На своите профили на социјалните мрежи руската амбасада во Грција дури нè нарекувала „Скопја“ (примери: тука и тука) и тоа во истиот период кога Русите кај нас се колнеа дека цврсто стојат зад името Република Македонија. Инаку, поимот Македонија е присутен во објавите на тие профили, но во грчки контекст, во смисла на регионот на северот на Грција (пример).
Воедно, руската амбасада во Грција ги нагласува православните и историските врски меѓу Русите и Грците, фактот дека царска Русија им помагала на Грците против османлиското ропство, дека им давала засолниште и дека Гркот Јоанис Каподистријас (1776 – 1831) дури станал министер за надворешни работи на Русија и премиер на слободна Грција, а притоа се цитираат следниве зборови на Путин:
Од првите чекори на грчката независност, Русија секогаш го поддржувала грчкиот народ и грчката држава и ќе продолжи да го прави тоа и во иднина.
Во даден период, Грција беше една од најпријателски настроените евроатлантски членки спрема Русија, а тие дури имаа и извесна воена соработка, за што придонесе министерот за одбрана на Грција, претходно споменатиот Панос Каменос. И додека тоа траеше, Русија пред нас глумеше нешто сосема друго.
Нејзината амбасада во Скопје дури почна да одбележува годишнини од раѓањето или смртта на нашите национални херои (на пример: тука, тука, тука, тука и тука), иако на повеќето од нив Русија со ништо не им помогнала во нивната борба и тие таму се потполно непознати. Ова беше бизарно и затоа што смислата на една амбасада е да ја промовира својата земја и нејзината историја и култура, а не онаа на домаќинот. Во ред е амбасадата да му честита понекој празник, да спомене понекоја историска личност која ги спојува двете земји, но ова веќе беше невкусно и најверојатно се работело за манипулирање со нашата јавност. Меѓутоа, се разбира, ова беше само за нашата публика и ова не беше пренесено од руските амбасади во соседните балкански земји, кајшто се ределе некои други херои. Или можеби истите само со поинаков опис.
Да бидеме искрени, не е невообичаено ако дипломати, политичари и други јавни личности даваат противречни изјави пред различна публика, со цел да ѝ се додворат, па сигурно дека тоа може да се случи и на Запад. Но кога тоа го прави Русија во однос на Македонците, тоа има посебна тежина, затоа што некои од нив наивно ја доживуваат како братска земја и искрен поддржувач, што особено важи за оние наши новокомпонирани и пропутински настроени националисти.