Фото: president.gov.ua
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Украинскиот претседател Володомир Зеленски повторно е мета на дезинформации дека наводно трошел пари наменети за украинската армија. Овојпат се тврди дека тој го купил познатиот „мерцедес-бенц 770“, чиј најпознат сопственик бил Хитлер. Веста доаѓа од „новинскиот портал“ Сиетл Трибјун, кој е создаден неколку дена пред да биде објавена ударната вест, а главен извор е манипулирана скриншот фотографија од Телеграм. Не само што не постои таква објава на Телеграм групата што се цитира, туку и илустрацијата е монтирана од две различни фотографии. Овој нов напад врз Зеленски следи само неколку дена откако тој беше во САД, каде што го презентираше својот „План за победа“
Дезинформациските напади врз украинскиот претседател Володомир Зеленски се константа откако започна војната во Украина. Овојпат се тврди дека тој наводно го купил автомобилот „мерцедес-бенц 770“ или „Großer Mercedes“ (Големиот мерцедес) на озлогласениот диктатор на нацистичка Германија, Адолф Хитлер, за 15 милиони долари. Точно е дека „мерцедес-бенц 770“ бил еден од најпознатите и најмногу користените модели во редовите на Нацистичката партија на Германија и дека токму овој автомобил Хитлер го искористил да парадира по победата на Франција. Но, уште во 2018 година тој бил даден на аукција во Аризона, САД. Оваа дезинформација ја проверија повеќе колеги од Литванија (15 минути и Делфи), Чешка, САД (Форбс и Глас на Америка), Украина (Јунајтед 24 Медиа и Центар за справување со дизинфо), Русија, Австралија, како и од дипломатскиот сервис на ЕУ, ЕУ вс Дизинфо.
„Веста“ прилично брзо почнува да се шири во балтичките земји и Украина, со тоа што се споделуваше фотографија или видео, како и директен линк од сајтот Сиетл Трибјун, кој на прв поглед делува како вистински новински портал.

Но, уште веднаш може да се воочат повеќе проблематични моменти со порталот. Прво, според Конгресната библиотека на САД, неделниот весник „Сиетл трибјун“ бил основан во 1931 година и не се знае точно кога во минатиот век бил затворен. Следствено, не може да се најдат податоци дали има некаква врска со порталот создаден подоцна под ова име.
Второ, фактот што сајтот е за првпат регистриран на 03.10.2024 година, односно неколку дена пред да биде објавена ударната вест за Зеленски, е многу сомнителен. На сајтот не може да се најде импресиум, линк до новинарите кои ги пишуваат вестите, датум кога се објавени вестите или какви било информации за самиот портал. Oва се чисти показатели дека овој сајт имитира вистински новински портал преку кој се создаваат нови вектори на дезинформациски напади, што е добро позната тактика.
Исто така, сомнително е и тоа што главниот извор за оваа вест, всушност е скриншот фотографија од канал на платформата Телеграм наречен „Реальна Війна“ или Реална војна (нема линк до објавата на Телеграм).

Самата фотографија, пак, од „мерцедесот“, наводно паркиран пред претседателската палата на Украина, може да се види дека е монтирана од барем две фотографии.
Едната фотографија, од претседателската палата во Киев, може да се најде на Adobe Stock – сајт за преземање на фотографии за комерцијална употреба. А, другата може да се најде на платформата Пинтрест. Манипулацијата е направена така што фотографијата од автомобилот е додадена преку другата фотографија од Палатата. Може да се видат истите одблесоци од крилата на „мерцедесот“ и хаубата. И не само тоа, на фотографијата може да се види дека времето било сончево или барем ведро. А, на 6 октомври, кога всушност почнува да кружи оваа дезинформација, временската прогноза за Киев бележела рекордна количина на врнежи.
Инспирацијата за оваа дезинформација
Како и во сите претходни случаи кога Зеленски и членовите од неговото семејство биле мета на дезинформации, најчесто претходел некој значаен настан што ќе ги разбуди руските пропагандисти сè со цел да го одвлечат вниманието на друго место. Поточно, да ја поткопаат довербата не само на граѓаните на Украина, туку и кај политичарите и сојузниците од САД и Западот кои ги снабдуваат со финансиска и воена помош. А, со тоа и да се одолговлечи или блокира помошта што ја добиваат, како што беше случајот зимоска со американскиот Конгрес.
Овојпат, можната причина е што една недела пред да се керира сајтот Сиетл Трибјун, Зеленски беше во САД. Поточно, на 23 септември беше во сојузната држава Пенсилванија каде посети фабрика за муниција, а неколку дена подоцна, на 26 септември, го изнесе својот „План за победа“ во Овалната канцеларија во Белата куќа.
Инаку, само оваа година шестпати Вистиномер има проверено различни дезинформации за наводните луксузирања на Зеленски, според кои излегува дека тој наводно досега има потррошено на една милијарда долари наменети како помош за украинската армија.
- Нови вили, стари лаги – повторно кружат дезинформации за Зеленски
- Не е вистина дека сопругата на Зеленски купила автомобил „бугати“ од 4,5 милиони евра
- Нема докази дека Зеленски купил вила од британскиот крал Чарлс Трети за 20 милиони долари
- Со дезинформации се урива финансиската помош за Украина
- Зеленски нема купено две јахти вредни 75 милиони долари
- Зеленски не купил казино во Кипар