Нема докази дека на фронтот во Украина биле убиени германски и британски војници

Published on:

Илустрација: Вистиномер

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Нема ниту еден извор од релевантен медиум или инстиутција кои би го потврдиле тврдењето изнесено во објавата дека руските војници убиле преку 3.000 германски и 2.000 британски војници. Официјални британски и германски воени или владини извори не потврдуваат распоредување на борбени сили како регуларна армија

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Руските војници убиле преку 3.000 германски и 2.000 англиски војници распоредени за Украина против Русија.

Нема веродостојни извори кои го потврдуваат тврдењето содржано во објавата дека руските војници убиле преку 3.000 германски и 2.000 англиски војници.

Нема докази од јавни извори („The Guardian“, „Al Jazeera“, британски или германски министерства за одбрана и сл.) дека Германија или Велика Британија имаат војници распоредени во Украина, ниту пак, дека загинале нивни војници.

Бројките на жртвите во војната генерално се поврзани со руските и украинските сили, а не со војници од Германија или Велика Британија на фронтот како директни борбени единици.

Постојат статии (на пример, локални медиуми или протечени извештаи) кои тврдат дека „британски војници“ се присутни „на терен“ во Украина.

Меѓутоа, официјални британски и германски воени или владини извори не потврдуваат распоредување на  борбени сили како регуларна армија. Еuvsdisinfo оценува дека дел од ваквите тврдења се дезинформација.

Ова е про-Кремљ дезинформативен наратив во контекст на руската агресивна војна против Украина. Широка коалиција од над 50 земји, вклучувајќи ги и земјите-членки на НАТО, ја поддржува Украина со воена и техничка помош, но трупите на Алијансата не се борат на фронтот. Претставниците на НАТО имаат чести контакти со своите украински колеги, но нема трупи на НАТО на фронтот. Странците кои служат во Меѓународната легија на Украина се целосно легални војници на вооружените сили на Украина, а не платеници. Странските волонтери, кои официјално се приклучија на редовите на вооружените сили на Украина, во согласност со протоколот на Женевските конвенции од 1977 година (Дел I, член 1), се борат против руските окупатори во Украина легално, бидејќи се дел од структурата на потчинување на украинските владини агенции, наведува Еuvsdisinfo во својата анализа.

Вистиномер и претходно има дебанкирано слични дезинформации, како на пример дека германски војници се борат во Украина.

Како што е наведено на веб-страницата на Министерството за одбрана на Германија, Германија ја поддржува Украина со снабдување оружје и опрема од залихите на Бундесверот и со помош на залихи од индустријата финансирана од посебна програма која им овозможува на луѓето на терен да преземат одговорност за сопствената безбедност. Во моментот како дел од оваа програма Германија префрли на Украина 20 тенкови Леопард 1А5 и 18 тенкови Леопард 2А6.

Информациите дека германски војници има во Украина ги демантираше германското Министерство за одбрана во изјава за Дојче веле уште на 24 септември 2023 година, отфрлајќи ги информациите на руските медиуми дека наводно бил уништен германски тенк Леопард со екипаж од Бундесверот во воената зона во Украина.

Нема германски екипажи на тенковите во Украинаизјавил претставникот на министерството за Дојче Веле.

Поранешниот британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, во 2024 година, исто така негираше дека има британски војници на фронтот во Украина.

Ние не испраќаме британски трупи на терен во Украина… Тоа е секако ставот на Велика Британија и останува став на Велика Британија во овој момент.

Според документ на британскиот Парламент (Commons Library Research Briefing), министер за одбрана Лук Полард, изјавил:

Став на британската влада е дека немаме и нема да испратиме британски трупи за борбени улоги во Украина.

Во истиот документ се наведува дека „тренингот … ќе продолжи“ преку програмата Operation Interflex, но тоа е одделено од борбени операции.

Според британското Министерство за одбрана, рускиот буџет и сила претрпеле многу големи загуби, но тоа се однесува на руската страна, не на „германски и англиски“ загуби.

Според еден извештај на британското Министерство за одбрана, Русија загубила најмалку 3.500 штабни тенкови и околу 7.500 оклопни возила. Во истиот извештај, британската разузнавачка анализа наведува дека „повеќето војници што сега служат добиле минимална обука“ и дека командантите користат „основна тактика“ и покрај високите бројки на загуби. Според UK Defence Intelligence, Русија претрпела огромни човечки загуби: во извештајот од април 2025 се наведува дека Русија можеби изгубила повеќе од 920.000 лица (мртви и повредени) од почетокот на инвазијата.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека нема докази оти на украинскиот фронт се борат германски и британски војници. Нема ниту еден извор од релевантен медиум или инстиутција кој би го потврдил тврдењето изнесено во објавата дека руските војници убиле преку 3.000 германски и 2.000 британски војници.

Поради сето ова објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.