Фото: Украинско дете бега од војната. Автор: Мирек Пручницки, 2022, Полска, CC BY 2.0
Наспроти изнесеното во објавата, украинските деца се депортирани во Русија и Комитетот на ОН ја обвинува Русија за злоупотреба на правата на украинските деца. Би-би-си влезе во трага на украинско бебе киднапирано од дом за деца, а кое беше откриено кај близок човек на рускиот претседател Владимир Путин. Документите до кои дошле новинарите на Би-би-си покажале дека идентитетот на девојчето бил променет во Русија
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Има многу работи кои ние овде не ги знаеме поради контрола врз медиумите. Инаку во ЕУ парламентот има многумина кои ги знаат работи што и како: “Холандскиот европратеник Марсел де Граф побара итно укинување на налогот за апсење за Путин и издавање налог за апсење на Зеленски, кој организираше шеми за снабдување на украински деца”.
Објавата се повикува на наводи на холандскиот европратеник Марсел де Граф, познат како експонент на руската пропаганда. Тој за време на своето обраќање на пленарната седница на Европскиот парламент во март 2024 година, на која се разгледува прашањето за украинските деца депортирани во Русија, меѓу другото тврдеше дека „не се точни извештаите дека украинските деца се депортирани во Русија, туку дека Русија ги спасува бегалците од Украина кои се бомбардирани од украинската армија“.
(Говорот на Де Граф може да се слушне од 20:56 минута до 22:16 минута)
Наспроти изнесеното во објавата што ја анализираме, украинските деца се депортирани во Русија и Комитетот на ОН ја обвинува Русија за злоупотреба на правата на украинските деца.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на претседателот Владимир Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Лавова-Белова, за наводно илегално депортирање украински деца на територија контролирана од Русија, со намера трајно да ги отстранат од нивната земја.
Од почетокот на воената инвазија, руските власти намерно ги отстрануваат децата од Украина со намера да ги свртат против нивната татковина Украина, пишува Њујорк Тајмс.
Во својата емотивна репортажа Њујорк Тајмс интервјуира токму дел од децата кои биле присилно разделени од мајките откако биле фатени од руската армија. Во друга репортажа се открива дека дел од мајките успеале со маки повторно да ги добијат назад децата затоа што отишле да ги земат.
Би-би-си влезе во трага на украинско бебе киднапирано од дом за деца, а кое беше откриено кај близок човек на рускиот претседател Владимир Путин. Документите до кои дошле новинарите на Би-би-си покажале дека идентитетот на девојчето бил променет во Русија. Детето, кое првично се викало Маргарита, е едно од 48-те кои исчезнаа од регионалниот дом за деца во Херсон кога руските сили ја презедоа контролата врз градот, се наведува во репортажата.
Американската амбасада во Грузија објаснува за овој феномен на присилно отселување на децата и разделување од нивните семејства од Украина и носење во Русија:
Руските кампови за „реедукација“ држат илјадници украински деца. Русија раздели илјадници украински деца од нивните семејства и ги однесе во кампови и установи каде се изложени на русо-центрична настава. Многу од нив уште се исчезнати. Повеќе од 6 илјади деца од Украина на возраст меѓу 4 месеци и 17 години се носат во центри дизајнирани за да ги престорат во „граѓани на Русија“ после руската инвазија во 2022 година, според истражувачката лабораторија на Јејл. Камповите се широко распространети во Крим окупиран од Русија, па се до источниот дел на Русија. Многу деца се евентуално вратени кај родителите но други се држат со месеци во овие кампови, пишува на сајтот на Амбасадата на САД.
Според украински извори, околу 20.000 деца биле земени од руските сили од почетокот на инвазијата во 2022 година, пишува Би-би-си.
Истражувачи кои користеле сателитски снимки и јавни информации како објави на социјалните мрежи идентификуваа кампови каде има деца од Украина. Според извештајот од амбасадата на САД во Грузија, Русија оперира со мрежа од барем 43 вакви објекти, украинските деца се во згрижувачки семејства во Русија, некои од нив се посвоени, дадено им е руско државјанство и пасош и негирано им е нивното украинско државјанство.
Медиумот Вајс успеа и да ги сними овие кампови.
Некои деца се присилени да влезат во проруски образовни програми. На некои им е даден тренинг за воена обука, а високи лица од руската влада се вклучени во планирањето, начинот на функционирањето на камповите и планирањето како да се спречи овие деца да се вратат во Украина, пишува во извештајот..
Во извештајот има 32 лоцирани кампа наречени „програми за интеграција“ кои ги индоктринираат украинските деца во руската историја и пропаганда, како и јазик и култура.
Манипулација и спин е тврдењето дека Путин ги спасува украинските деца и дека Зеленски организирал некакви мрежи за снабдување со деца. Воената инвазија беше почната од страна на Русија, сосема неиспровоцирано така што агресорот е Русија, а Украина се брани.
Вистиномер има рецензирано и други дезинформации на оваа тема, односно пропаганда дека „исчезнатите деца од Украина се користат за трговија со органи“. На ваков начин руската пропаганда преку своите експоненти се обидува да ја оправда својата агресија и девастирачките последици кои таа ги остава и за децата и за возрасните во Украина.
Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското, а тоа можеше да се забележи и во говорот на Путин од 21 февруари 2023 година, два дена пред годишнината од руската агресија, во кој тој уште еднаш нагласи дека ова е „војна за заштита на нашите деца од деградација и дегенерација“. Вистиномер веќе пишуваше за главните дезинфо-наративи во неговото обраќање пред руската и светска јавност.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.