Фото: President Of Ukraine from Україна, CC0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Вистиномер не успеа да најде видливи, независни докази (од украински владини извори, западни разузнавања или рецензирани медиумски извештаи) кои го потврдуваат ова тврдење — дека постои таков конкретен оперативен „план за бегство“ на Зеленски во Полска
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Зеленски подготвил план за бегство од Украина во Полска.
Објавата споделува и напис во кој се посочува дека претседателот на Украина, Владимир Зеленски подготвил план за бегство од Украина во Полска, а изворот на оваа информација е изјава на поранешниот советник на шефот на Пентагон, Даглас Мекгрегор.
Мислам дека Зеленски одеднаш би можел да исчезне. Може да се качи на својот авион и да оди во Полска, рекол тој.
И тоа е сè. Нема никакви факти кои потврдуваат дека Зеленски подготвил план за бегство во Полска. Целото вакво тврдење изнесено во објавата се базира на изјава на поранешен советник на шеф на Пентагон, кој пак, за ваквото тврдење нуди „мислење“, а не докази.
Она што успеавме да го најдеме е дека Мекрегор оваа изјава ја дал на 8 ноември 2025 година.
Мислам дека Зеленски може одеднаш да исчезне. Може да се качи на својот авион и да одлета за Полска. Мора да се соочи со последиците од своите постапки. Треба да се сретне со украинскиот народ, чии животи непотребно ги потроши, како и со Русите, рекол Мекгрегор на Јутјуб каналот на Даниел Дејвис, пренесува ЕА дејли.
И тука нема никакви факти и докази кои би го потврдиле тврдењето дека Зеленски подготвил некаков план за бегство.
Вистиномер не успеа да најде видливи, независни докази (од украински владини извори, западни разузнавања или рецензирани медиумски извештаи) кои го потврдуваат ова тврдење — дека постои таков конкретен оперативен „план за бегство“ на Зеленски во Полска.
Медиуми за проверка на факти забележуваат дека Мекгрегор, чиешто мислење се користи во објавата како некаков факт, често е користен/цитиран од руски или проруско ориентирани извори за ширење дезинформации или пропаганда.
Како што посочува Гласот на Америка во својата анализа „Како Русија ги користи дезинформациите за Украина на пензионираниот американски полковник за домашна пропаганда“, на 15 декември 2021 година, кога САД предупредуваа за непосредна руска инвазија на Украина, а Кремљ негираше какви било такви планови, РИА Новости објави дека е малку веројатно украинската армија да може да издржи руска воена инвазија повеќе од три до четири дена. Агенцијата цитираше статија во „The National Interest“ напишана од Мекгрегор и поранешниот офицер на ЦИА, Џорџ Биби:
Под овие околности, не е неразумно да се претпостави дека руските копнени сили би ги достигнале своите оперативни цели по должината на реката Днепар за само седумдесет и два до деведесет и шест часа.
Сепак, руските трупи не беа во можност да ги постигнат своите цели во сливот на реката Днепар дури ни до средината на март 2022 година. До 2 јануари 2023 година, Украина ослободи 40 отсто од територијата што руските сили ја окупираа по целосната инвазија која започна во февруари 2022 година, забележува Гласот на Америка.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.




