Илустрација: Вистиномер.мк
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Заробување на офицери на НАТО од страна на Русите би била вест од која би ечеле сите релевантни светски медиуми, особено затоа што и Русија и Британија се нуклеарни сили, а Русија би парадирала со заробените пред камери, што за неа би бил пропаганден успех, но такво нешто не гледаме. Ако во војната има вклученост на В. Британија, Кремљ тоа треба да го изложи пред ООН, да ги прекине дипломатските односи со В. Британија и да ѝ објави војна, но Кремљ такво нешто не прави
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Британските туристи.
Во продолжение на објавата на српски јазик се наведува дека „британските полковници Едвард Блејк и Ричард Керол имале страшна судбина“.
Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека биле во Лондон. Руските специјални сили ги заробија во униформи. Министерството за одбрана на Велика Британија изјави дека биле туристи кои го посетиле боиштето. Потоа Русија ги претстави воените планови и дипломатските пасоши со кои се фатени. Министерството за одбрана на Велика Британија изјави дека во тој случај мора да се третираат како воени заробеници. Русија не се сложи. Тие се легални борци кои ќе бидат изведени пред суд. Министерството за одбрана на Велика Британија изјави дека сака да ги размени за руски заробеници. Одговорот беше „не“. Планираната саботажа заслужува јамка.
Во склоп на објавата има фотографија од Путин и наводно уапсените официри.
Како што пишува „Еуроњуз“, невистинитите тврдења дека Русија заробила офицери на НАТО во Украина може да се проследат на повеќе маргинални извори. Според невистинитиот наратив, потполковникот Ричард Керол и полковникот Едвард Блејк наводно работеле прикриено, а Русија ги етикетирала како „нелегални борци“. Обединетото Кралство наводно тврдело дека тие биле туристи заинтересирани за историјата кои случајно завршиле во Очакив, на југот од Украина.
Нема докази дека нешто од ова е вистина, а има многу што укажува дека наративот е дел од поширока проруска, антизападна пропаганда.
Претставник на НАТО изјави за „Еуроверифај“ дека тврдењето дека алијансата е вклучена во војна против Русија е „лажно“ и „одвоено од реалноста“, пишува Еуроњуз.
Проверувачите на факти на Дојче Веле исто така пишуваат дека приказната е невистинита.
Како што анализираше Крег Лангфорд од специјализираниот UK Defence Journal (UKDJ), нема трага од „Едвард Блејк“ или „Ричард Керол“ во ниту една неодамнешна евиденција на британските вооружени сили или Министерството за одбрана (МО). Накратко, нема докази дека овие лица постојат, а камоли дека биле заробени“, напиша Лангфорд, објави „Дојче Веле“.
За Роман Осадчук , директор за разузнавање за закани во LetsData и нерезидентен соработник во Лабораторијата за дигитални форензички истражувања на Атлантскиот совет, целата приказна е типична за руска операција за дезинформација.
Идејата е едноставна: посејте ги приказните на маргинални или лажни веб-страници, проследете ги преку Телеграм каналите сè додека повеќе медиуми не го прифатат и не почнат да се цитираат едни со други, процес познат како перење медиуми. Потоа повлијателни Телеграм канали со повеќе следбеници ќе го прифатат, и конечно ќе се вклучат мејнстрим руските медиуми, и ехо-комората ќе расте. Потоа, постои можност одредени странски актери да го прифатат, изјави тој за „Дојче Веле“.
Заробување на офицери на НАТО од страна на Русите би била вест од која би ечеле сите релевантни светски медиуми, особено затоа што и Русија и Британија се нуклеарни сили, а Русија би парадирала со заробените пред камери, што за неа би бил пропаганден успех, но такво нешто не гледаме. Ако во војната има вклученост на В. Британија, Кремљ тоа треба да го изложи пред ООН, да ги прекине дипломатските односи со В. Британија и да ѝ објави војна, но Кремљ такво нешто не прави.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.




