Објава манипулира со тврдењата за забрана на опозициски партии и медиуми во Украина

Published on:

Киев, април 2022 Фото: Andreas M on Unsplash

Не може да се каже дека опозициските партии во Украина се забранети затоа што се опозициски, туку има партии чија дејност е забранета поради сомнеж дека се контролирани или поврзани со земја којашто изврши воена инвазија врз Украина. Замрзнувањето на нивното политичко делување ќе трае додека трае воената инвазија

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Во Украина, опозициските партии беа забранети, опозициските медиуми беа оневозможени. Сето ова го земавте здраво за готово, во име на борбата против Русите. Веќе сме на момент кога претседателката на Грузија одбива да ја напушти функцијата, а во Романија го поништија првиот круг од изборите. Знаеш каде оди ова.

Објавата тврди дека во Украина биле забранети опозициските партии, но тука заборава да спомне дека овие опозициски партии се поврзани со Русија и дека причината поради која тие беа забранети е тоа што Русија спроведе агресивна воена инвазија врз Украина, со бројни жртви, меѓу кои и цивили.

Според Гардијан, политичките партии не беа забранети зашто се опозициски, туку затоа што имаат врски со Русија, што во ситуација на воена инвазија претставува закана за националната безбедност. Политичките партии не беа забранети во услови на мир, туку во услови на војна, кога националната безбедност е примарна цел на Украина. Националниот безбедносен и одбранбен совет на Украина заседаваше и одлучи да забрани политички активности на овие партии. Повеќето од нив беа мали, но една од нив, наречена Опозициска платформа за живот, имаше 44 парламентарни места во парламентот на Украина во кој има 450 пратеници.

Активностите на тие политичари се насочени кон поделба и судири и нема да успеат, туку ќе добијат остар одговор. Затоа Националниот совет за безбедност и одбрана реши, со оглед на целосната војна што ја почна Русија и политичките врски што бројни политички структури ги имаат со оваа земја, да им ги суспендира активностите за време на воената состојбаизјави Зеленски во  март 2022 година.

Опозициска платформа за живот, најголемата украинска опозициска партија е предводена од Виктор Медведчук, промосковски олигарх со блиски врски со Владимир Путин. Украинските власти во 2021 го обвинија Медведчук, долгогодишниот пријател на Путин, (се верува дека Путин е кум на ќерката на Медведчук), за предавство и тој беше во домашен притвор, потег кој го налути Кремљ. Украина потоа извести дека Медведчук избегал од домашен притвор, еден ден откако Русија ја почна воената инвазија, за потоа да биде повторно уапсен и на крај разменет за дури 215 украински војници заробени од страна на Русија во текот на агресијата врз Украина.

На листата на забранети партии се наоѓа и партијата Наши, предводена од Јевхен Мурајев, како и помали партии кои немаа претставници во парламентот. Пред почетокот на војната, британските разузнавачки служби тврдеа дека Русија има за цел да го постави Мурајев да предводи влада во Киев контролирана од Кремљ, што Мурајев остро го демантираше.

Значи, не може да се каже дека опозициските партии во Украина се забранети затоа што се опозициски, туку овие партии се забранети поради сомнеж дека се контролирани или поврзани со земја којашто изврши воена инвазија врз Украина. Замрзнувањето на нивното политичко делување е додека трае воената инвазија.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека опозициските медиуми во Украина биле оневозможени, треба да се посочи дека во 2021 година, на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленскибеа спроведени санкции врз три телевизии: Њуз Уан, Чанел 112 и ЗИК, коишто му припаѓаа на Тарас Козак, за кој се верува дека е параван за Виктор Медведчук. Санкциите беа спроведени во согласност со Законот од 2014 година, кој дозволува украински државјани да бидат санкционирани ако ги загрозуваат националните интереси на Украина. На овие канали се емитуваше пропаганда на Кремљ.

Масовните медиуми во Украина се и во државна сопственост и во сопственост на корпорации кои зависат од реклами, претплата и продажба. Уставот на Украина гарантира слобода на говор. Украинскиот медиумски систем е во процес на транзиција. Како што наведува Би-би-си, со почетокот на воената инвазија, медиумите во Украина зазедоа патриотска страна.

Би-би-си наведува дека голем број медиуми постојат во Украина, од што произлегува дека не е вистина оти опозициски медиуми „се оневозможени“.

Што се однесува до изборните процеси во Грузија и Романија, за кои објавата исто така коментира, Вистиномер напиша поширока анализа на оваа тема, посочувајќи на руското влијание кое фрли сенка врз изборите во овие држави. Анализата можете да ја прочитате тука.

Од сите горенаведени факти, можеме да заклучиме дека објавата е манипулативна, испушта многу важни информации, неопходни за на вистински начин да се информира јавноста за темите и настаните што ги загатнува, што, пак, води до креирање на сосема погрешни заклучоци заради што ја оценуваме како објава на која ѝ недостига контекст.