Знамето на НАТО
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Правото на Украина да се брани од руската воена агресија е неприкосновено а НАТО земјите ја поддржуваат Украина во тоа право, притоа не оставајќи простор да се дојде до погрешен заклучок – дека се неспремни за одбрана и на своите територии. Војната во Украина ја почна Русија и во неа не е С. Македонија. Парите што се одделуваат за одбраната во земјава како и прагот што е договорен меѓу НАТО сојузниците од 5 проценти, не оди „на скапано оружје и војна со Русија“ туку за зајакнување на целокупната одбрана на регионот како и националната одбрана на С. Македонија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Секоја година треба на НАТО да му плаќаме по 750 милиони евра за скапано оружје и војна со Русија, која ништо не ни направила.
Откако Северна Македонија стана членка на НАТО Алијансата, земјата има обврска годишно да одвојува барем 2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) на одбрана. Тоа не е за „скапано оружје и војна со Русија,“ како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку е за самоодбрана и јакнење на интероперабилноста во делот на одбрана со оружените сили на другите НАТО членки.
Од годинава, долгорочна определба е буџетот за одбрана да се зголемува до евентуални до 5 отсто од БДП, но дури во 2035 година. Во буџетот за одбрана влегуваат и одржувањето на објектите и изградба на нови, платите на вработените во одбраната, одржување на опремата и оружјето и набавка на нови, евентуални ангажмани на припадници на Армијата во странство, итн. Сето ова покажува дека значителен дел од овие средства ќе останат кај нас, дел ќе бидат потрошени за набавки од странство, но не станува збор за никаква ситуација во која ние ќе му плаќаме на НАТО и тоа особено не 750 милиони евра.
Исто така, овие средства не се само за директни воени набавки, туку се севкупна инвестиција во безбедноста, економскиот развој и инфраструктурата. На пример, предвидувањата се најмалку 3,5 отсто од БДП да бидат потрошени за потребите на одбраната, меѓу другото и за набавка на оружје, а до 1,5 отсто ќе бидат наменети за други инвестиции поврзани со одбраната што ја подобруваат воената мобилност и штитат од сајбер напади. Сето ова значи дека на НАТО нема да му се плаќа ништо, туку средствата ќе се трошат за нашата одбрана и нашиот развој од областите какви што се инфраструктура, одбрана од сајбер напади и друго. Понатаму, динамиката на трошењето, начинот и одлуките за ова ќе бидат донесени од страна на македонските власти и органи и ќе бидат ревидирани секои во следните четири години, што значи дека може да се донесе и одлука овие средства да се пренаменат, како што, впрочем може да се одлучи за секој државен трошок во буџетските расправи.
Одиме кон пет проценти, за да немаме потреба некогаш да одиме кон 30-40 проценти, како што трошат некои држави кои имаат конфликти на својата територија, рече Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи, додавајќи дека средствата ќе опфатат не само воена модернизација, туку и инвестиции во инфраструктурата, сајбер безбедноста, како и иновации и стартап компании.
БДП за 2024 година за С. Македонија изнесуваше 13,7 милијарди евра. Од нив, според последниот ребаланс на буџетот предвидено е за одбрана да се потрошат 293,8 милиони евра, што претставува 2,2 отсто од бруто-домашниот производ.
Според министерот за надворешни работи целта за повисоки годишни буџети за одбраната се во согласност со стандардите на НАТО и одлуката ја поддржуваат со консензус сите членки на Алијансата. Во трошоците ќе влезат аспекти кои досега не биле вклучени во дефиницијата за минималниот праг од 2 проценти, како инвестиции во НАТО коридорите, инфраструктурата со стратешко и трговско значење, капацитетите за сајбер-безбедност…
Сите набавки и мерки што ги презема Министерството за одбрана за модернизација на нашата армија ќе се вкалкулираат во тие 5 проценти, рече шефот на дипломатијата на Северна Македонија.
Безбедносниот експерт Емир Хасановиќ за „Локално“ изјави дека инвестициите во одбраната се широка категорија, која може да биде клучна во дигитализацијата, енергетиката, инфраструктурата и други области и дека 5 проценти од БДП во одредена мерка би останале во државата.
НАТО не е во војна со Русија и не е страна во војната што Русија ја води во Украина. НАТО ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана како што е наведено во Повелбата на ОН. Не бараме конфронтација со Русија. Како одговор на руските агресивни акции, продолжуваме да ја зајакнуваме нашата одбрана за да осигураме дека нема простор за недоразбирања, дека НАТО е подготвен да го брани и заштити секој свој сојузник. НАТО е одбранбена алијанса. Нашата основна цел е да ги заштитиме нашите нации, пишува на страницата на НАТО каде се дебанкираат проруските дезинформации.
Русија ја почна војната во Украина, неиспровоцирано, а Украина е во позиција да мора да се брани.
Ова е војна на ресурси и одбранбени системи кои се натпреваруваат, а исто така е и војна на ресурси. Така што мора да продолжиме да инвестираме во одбранбените системи на Украина. Нашиот план за одбранбена подготвеност 2030 ќе биде клучен. Ќе ги направи достапни потребните ресурси и фискален простор за обезбедување на воени капацитети. И ќе го зголеми инвестирањето во одбранбените способности на Украина, истакна претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на Конференцијата за економско закрепнување на Украина, што годинава се одржа во Рим.
Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година. Да се очекува од Украина да седи со скрстени раце би значело дека граѓаните на Украина се согласуваат со тоа да бидат окупирани и територијално преземени од Русија, што не се случи. Украина како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија.
Според Повелбата на ОН Украина има право и одговорност да го заштити својот народ. Самоодбраната е фундаментално право.
Од горенаведеното е јасно дека не се точни тврдењата дека „секоја година треба на НАТО да му плаќаме по 750 милиони евра“ и дека „парите се за скапано оружје и за војна со Русија која ништо не ни направила“.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека објавата што ја рецензираме е невистинита.




