Фото: Принтскрин видео
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Објавата се обидува да манипулира дека НАТО и Западот си лечеле некакви комплекси со видео игри во кои го ликвидирале Путин. Видеоигрите што поединци ги креираат и ги објавуваат на Јутјуб немаат никаква врска со НАТО, ниту пак со Трамп. Вистиномер досега многупати го има дебанкирано овој про-руски наратив дека војната во Украина ја почнале НАТО и западните земји за да војуваат со Русија
НАТО И ЗАПАДОТ СИ ГИ ЛЕЧАТ КОМПЛЕКСИТЕ СО ВИДЕО ИГРИ НА КОИ СЕКОГАШ ПОБЕДУВААТ ..СО ЕДЕН ПОТЕГ ГО ЛИКВИДИРАА ПУТИН И РУСКИТЕ ГЕНЕРАЛИ….П.С НЕ МИ Е ЈАСНО КАКО ПУТИН ПРЕГОВАРА СО ОВИЕ БОЛНИ УМОВИ…ЗАРЕМ ЌЕ ПОПУШТИ И ЌЕ СЕ СОГЛАСИ НА ПОСЛЕДНИТЕ БАРАЊА НА САД И УКРАИНЦИТЕ..ЗАРЕМ НЕ ГЛЕДА ДЕКА ТРАМП Е ЧОВЕК БЕЗ ЗБОР ИЛИ ШТО БИ РЕКЛЕ НИЕ МАКЕДОНЦИТЕ..ВРТИКАПА…
Објавата притоа споделува фотографија од рускиот претседател како лежи во болнички кревет и споделува видео со наслов: ПРЕД 13 МИНУТИ! Рускиот авион со Путин и 20 руски генерали беше соборен од Украина.
Станува збор за видеоигра што е јасно наведено во описот под видеото.
Но, објавата се обидува да манипулира дека НАТО и Западот си лечеле некакви комплекси со видеоигри во кои го ликвидирале Путин. Никој не си лечи никакви комплекси, посебно не НАТО и Западот, бидејќи тие не се во никаква војна со Русија и со Путин.
Вистиномер досега многупати го има дебанкирано овој проруски наратив дека војната во Украина ја почнале НАТО и западните земји за да војуваат со Русија.
НАТО е одбранбен сојуз. Сојузниците работат заедно за да ја спречат агресијата и да осигурат дека НАТО е подготвен да ги брани сите сојузници во случај на напад. НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија или која било друга нација. НАТО не ја нападна Грузија во 2008 година. НАТО не ја нападна Украина во 2014 година и повторно во 2022 година. НАТО направи значителни напори во текот на многу години да воспостави стратешко партнерство со Русија.
Русија ја започна својата војна против Украина без да биде загрозена од Украина или која било друга земја во Европа. Незаконски го анектираше Крим во 2014 година и продолжи со заземање територии во Доњецк и Луганск. И во 2022 година, со целосната инвазија на Русија врз Украина, започна најкрвавиот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Русија ги ракетираше болниците, училиштата и трговските центри во Украина, ја бомбардираше цивилната енергетска и водена инфраструктура, убивајќи илјадници украински цивили.
Украина има право и одговорност да го заштити својот народ. Самоодбраната е фундаментално право, кое е вградено во Повелбата на ОН . А НАТО има право да ја поддржи Украина додека се обидува да го одржи нејзиното право на самоодбрана и да преовладува како суверена држава во Европа. Самоодбраната и поддршката на самоодбраната е во согласност со меѓународното право. Со поддршка на Украина и работа на зајакнување на способноста на Украина за одбрана, НАТО помага да се одржи меѓународниот поредок заснован на правила и безбедноста на една милијарда луѓе на НАТО, стои на сајтот на НАТО.
Уште повеќе, во тие неколку недели пред почетокот на инвазијата на Русија врз Украина, редица западни лидери, кои или допатуваа лично во Москва или преку конференциска врска, во текот на своите разговори со Путин, јасно му ставија до знаење дека доколку агресијата навистина се случи, сите заедно ќе ја поддржуваат Украина на сите можни начини – и со финансиски средства, и со хуманитарна помош и со вооружување и муниција (што и беше направено). Сето ова му беше познато на рускиот претседател и поширокото раководство на Руската Федерација уште пред почетокот на агресијата.
Видеоигрите што поединци ги креираат и ги објавуваат на Јутјуб немаат никаква врска со НАТО, ниту, пак, со Трамп, па оттука е неточно тврдењето дека САД си измислуваат некакви игри во кои го соборуваат Путин за да си лечат некакви комплекси.
Објавата исто така споделува и фотографија на која Путин лежи во болнички кревет. Таква фотографија или вест, Вистиномер не успеа да најде на Интернет. Очигледно е дека истата е креирана со вештачка интелигенција, а тоа не е јасно наведено во објавата.
Некој што нема да обрне внимание на напишаното, може лесно да помисли дека некој навистина го урнал авионот на Путин и дека тој е во болница. Токму затоа, компанијата Мета јасно посочува дека нејзините правила се содржината креирана со вештачка интелигенција и објавена на нејзините платформи Фејсбук, Инстаграм и Тредс, јасно да биде назначена.
Работиме со индустриски партнери на заеднички технички стандарди за идентификување на содржината креирана со вештачка интелигенција, вклучувајќи видео и аудио содржини. Во следните месеци, ќе ги означуваме сликите што корисниците ги објавуваат на Facebook, Instagram и Threads кога ќе можеме да откриеме стандардни индикатори во индустријата дека се генерирани со вештачка интелигенција. Ги означивме фотореалистичките слики создадени со помош на Мета вештачката интелигенција од нејзиното лансирање, така што луѓето знаат дека се „Креирани со вештачка интелигенција“, наведува Мета.
Од компанијата посочуваат дека постои опција, доколку платформата автоматски не ја препознае фотографијата дека е креирана со ВИ, корисникот кој ја споделува истата, да може да ја означи како таква.
Додека индустријата работи на оваа способност, ние додаваме функција за корисниците да откријат кога споделуваат видео или аудио генерирани со вештачка интелигенција за да можеме да додадеме етикета на нив. Ќе бараме од корисниците да ја користат оваа алатка за откривање и етикетирање кога објавуваат органска содржина со фотореалистичко видео или аудио со реалистичен звук што е дигитално креирано или изменето, а може да примениме казни доколку тие не го сторат тоа, се наведува во правилата на Мета.
Во објавата што ја анализираме, тоа не е сторено, односно не е јасно назначено дека фотографијата е плод на ВИ, со што се прекршени правилата на Фејсбук.
Поради сето погоре, можеме да кажеме дека објавата е невистина.