Ротердам по бомбардирањето во 1940 Фото: Rijksdienst voor het Cultureel Erfgoed, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Во Холандија се случиле: бомбардирањето на Ротердам, апсењето на Ана Франк, Путенската рација, Операцијата Маркет гарден, Гладната зима и други бурни настани, но рускиот портпарол Песков дезинформира дека Холанѓаните не ја осетиле Втората светска војна. Тоа му е реакција на една изјава на шефот на НАТО, Руте, чиј татко ја бранел холандската колонија Индонезија од Јапонците и бил нивен заробеник, па и тоа како видел и окупација и војна
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, во која е споделен клип и следниов текст:
Кремљ одговори на предупредувањето на сегашниот шеф на НАТО и поранешен премиер на Холандија, Марк Руте, дека Европејците мора да се подготват за видот војна каква што „издржаа нашите баби и прадедовци или прадедовци“.
Тука гледаме печатна грешка („прадедовци или прадедовци“, а треба „дедовци и прадедовци“), но тоа е најмал проблем во оваа пропагандистичка објава. Таа шири изјава на Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, која е манипулативна и фактографски неточна. Неспорно е дека Песков ја дал таа изјава, но проблемот е во нејзината содржина, а тaа е реакција на нешто што претходно го изјави шефот на НАТО, Марк Руте.
Заради агресијата на Русија врз Украина и нејзините смртоносни закани кон земјите членки на НАТО, Руте е загрижен дека нејзина следна мета ќе бидат токму тие. Затоа тој предупреди дека граѓаните на тие земји мора да бидат подготвени за голема војна каква што претрпеле нивните дедовци и прадедовци, најверојатно мислејќи на Втората светска војна.
На тоа Песков реагираше со својата изјава, во која ги омаловажува и исмева искуствата на Холандија од таа војна, затоа што Руте е токму од таа земја и затоа што до 2024 г. беше нејзин премиер. Таа реакција на Песков ја цитираме како што е изложена во објавата без интервенции:
Ова е за „страшнoтo искушение“ низ која поминаа [Холанѓаните] под фашистичка окупација, со скршени неколку прозорци и колку тоа наводно било трауматично. И тие го кажуваат ова сосема сериозно. Во исто време, Холанѓаните сè уште навистина не ги сакаат Германците поради таа мала непријатност.
Но, тие немаат поим што е вистинска војна. Тие дури и не можат да ја замислат. И за жал, г-дин Руте ги дава овие неодговорни изјави затоа што едноставно не разбира за што зборува.
Изјавата на Песков е псевдоисториска, што и објавата ја прави таква, а се работи за следново.
Холанѓаните под германската окупација не страдале толку многу како Русите, затоа што Адолф Хитлер ги сметал првонаведените за Ариевци, па на Песков му е смешно тоа што еден Холанѓанец говори за воени страдања. Но, сепак, Холанѓаните страдале, а Руте одлично знае за што зборува.
Татко му Изаак Руте бил трговец во холандската колонија Индонезија, па бил мобилизиран како пешадиски потпоручник кога Јапонците ја нападнале и бил во нивно заробеништво. Неговата прва сопруга Петронела Дилинг тогаш се нашла во затвореничкиот логор Тјиденг, каде што починала, а со неа биле нивните три деца, кои преживеале. Меѓу нив не бил Марк Руте, туку тоа му се постари полубраќа или полусестри, но, сепак, сето тоа била траума за неговото семејство.
Така страдале и многумина во самата Холандија. Хитлер ја нападнал на 10.5.1940 г., при што нејзините сили биле слаби и со застарено оружје, но, сепак, пружиле солиден отпор, а на 14.5.1940 г. нацистите извршиле варварско бомбардирање на Ротердам, што предизвикало доста жртви и разурнувања во неговиот историски центар.
Холандската кралица Вилхелмина и нејзината влада се нашле во егзил во Британија, а со нив и припадници на холандските воени сили, кои ја продолжиле борбата против Хитлер заедно со Британците. Тука особено се истакнала холандската бригада Принцеза Ирена.
Холанѓаните се бореле и против Јапонија во Пацификот, па биле меѓу светските сили пред кои таа потпишала капитулација на 2.9.1945 г., со што завршила Втората светска војна. Тоа ја става Холандија меѓу победниците во војната, дури иако не била една од посилните меѓу нив.
Холандија била опфатена со Холокаустот, во кој настрадала славната Ана Франк, но биле угнетувани не само Евреите како неа. Многу Холанѓани биле собирани за принудна работа во Германија или биле испраќани во концентрациони логори заради нивните ставови. Било создадено и движење на отпорот, кое нацистите го задушувале со стрелања, затворања и палежи како во гратчето Путен на 1.10.1944 г.
Во септември истата година, движењето на отпорот ја помагало ослободителната Операција Маркет гарден, која ја презеле САД, Британија, Канада и други сојузници, при што Холанѓаните трпеле репресалии од Германците, разурнувања и сл. Сепак, таа операција не успеала целосно да ја ослободи Холандија, а во зимата која следела таму завладеала смртоносна глад.
Накусо, Холанѓаните, а и блиските роднини на Марк Руте, и тоа како виделе што е тоа окупација и војна, па изјавата на Песков е неумесна, но тоа е типично за руската пропаганда. Притоа, Песков го премолчува фактот дека Холанѓаните се бореле против Хитлер уште во 1940 г., а Москва тогаш сè уште му била сојузничка на истиот тој Хитлер, бидејќи на сила бил пактот Молотов-Рибентроп и неговите тајни протоколи.
На крај ја имаме следнава ситуација. Неспорно е дека Песков дал таква изјава (т.е. реакција) каква што му припишува објавата, но самата објава е манипулативна и креира погрешна слика дека Холанѓаните не ја осетиле Втората светска војна. Па, поради сето ова сметаме дека објавата е со пропуштен контекст.




