Објавата манипулира дека Зеленски е диктатор и ги затворил или убил сите кои кренале глас против него

Published on:

Украинската новинарка Дијана Панченко Фото: Принтскрин видео

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Не може да се каже дека Зеленски е диктатор и дека ги затворил луѓето на списокот затоа што кренале глас против него, туку тие се гонети, а политичките партии чиишто членови се, се забранети поради сомнеж дека се контролирани или поврзани со земјата којашто изврши воена инвазија врз Украина. Замрзнувањето на нивното политичко делување е додека трае воената инвазија

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува видео од украинската новинарка Дијана Панченко во кое таа го обвинува украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ги затвора и убива противниците.

Украински новинар го обвинува Володимир Зеленски за затворање и убивање на противниците, означувајќи го како „диктатор“. Зеленски ја зеде Украина како заложник. Ние сакаме слобода. Затвораше или убиваше секој што се осмели да проговори“стои во објавата.

Во видеото, Панченко споделува листа со имиња на свештеници, новинари и политичари за кои тврди дека Зеленски ги затворил доживотно или ги убил само затоа што се обиделе да го кренат гласот против него.

 

Која е Дијана Панченко?

Дијана Панченко, украинска новинарка која работи во корист на Русија и е позната по ширење на про-руски дезинформации и пропаганда, аналитичката група за хибридна војна (HWAG) ја нарекува „Гебелс во женско здолниште“. Таа не е непозната за украинските екрани.

Позната по нејзината работа на изданија спонзорирани од Кремљ од 2018 година, таа долго време се означува себеси како кажувач на вистината, гласот на разумот и „личен непријател“ на Зеленски.

Панченко тврди дека открива информации што украинската влада и западните медиуми, наводно, не сакаат „вие“ да ги знаете, внимателно водејќи ја нејзината публика низ мастер часови за манипулирање со настани – труејќи ја вистината со наративи кои често е потешко да се побијат од вообичаената руска ТВ пропаганда, наведува HWAG во својата анализа за ликот и делото на Панченко.

Работејќи за каналите спонзорирани од Русија на чело со Виктор Медведчук (украинскиот тајкун на Путин), таа го прикажува своето „новинарство“ како патриотско, правејќи го она што е „правилно“.

Сепак, вестите што таа ги споделува првенствено изобилуваат со теории на заговор, преполни се со лажни и непроверени информациинаведува HWAG.

 

Зошто беа забранети дел од опозициските партии во Украина?

Кога се тврди дека Зеленски ги затворил или убил сите што се обиделе да го кренат гласот против него”, се пропушта да се каже дека тие личности се поврзани со Русија и дека причината поради која политички партии или поединци со приврзаности и линкови до Русија беа забранети во Украина, е тоа што Русија спроведе агресивна воена инвазија врз Украина, со бројни жртви, меѓу кои и цивили. Всушност, како што извести Гардијан, политичките партии не беа забранети зашто се опозициски, туку затоа што имаат линкови со Русија, што во ситуација на воена инвазија може да се подведе под графата национална безбедност, односно заштитување. Политичките партии не беа забранети во услови на мир, туку во услови на војна, кога националната безбедност е примарна цел на Украина. Националниот безбедносен и одбранбен совет на Украина заседаваше и одлучи да забрани политички активности на овие партии. Повеќето од нив беа мали, но една од нив, наречена Опозициска платформа за живот, имаше 44 парламентарни места во парламентот на Украина во кој има 450 пратеници.

Активностите на тие политичари се насочени кон поделба и судири и нема да успеат, туку ќе добијат остар одговор. Затоа Националниот совет за безбедност и одбрана реши, со оглед на целосната војна што ја почна Русија и политичките врски што бројни политички структури ги имаат со оваа земја, да им ги суспендира активностите за време на воената состојбаизјави Зеленски во  март 2022 година.

Опозициска платформа за живот, најголемата украинска опозициска партија е предводена од Виктор Медведчук, промосковски олигарх со блиски врски со Владимир Путин. Украинските власти во 2021 го обвинија Медведчук, долгогодишниот пријател на Путин, (се верува дека Путин е кум на ќерката на Медведчук), за предавство и тој беше во домашен притвор, потег кој го налути Кремљ. Украина потоа извести дека Медведчук избегал од домашен притвор, еден ден откако Русија ја почна воената инвазија, за потоа да биде повторно уапсен и на крај разменет за дури 215 украински војници заробени од страна на Русија во текот на агресијата врз Украина.

На листата на забранети партии се наоѓа и партијата Наши, предводена од Јевхен Мурајев, како и помали партии кои немаа претставници во парламентот. Пред почетокот на војната, британските разузнавачки служби тврдеа дека Русија има за цел да го постави Мурајев да предводи влада во Киев контролирана од Кремљ, што Мурајев остро го демантираше.

 

Кои се личностите од списокот на Панченко?

Што се однесува до личностите кои се појавуваат на списокот што го споделува Панченко, Вистиномер провери некои од нив и видовме дека тие не се гонети затоа што говореле некаква вистина, туку затоа што работеле за Русија и биле поврзани со Кремљ.

На пример, најдовме вест од јули 2023 година дека Службата за безбедност на Украина (СБУ) ги истражува фактите за соработката на Виктор Талко, ректорот на Украинската православна црква на Московската патријаршија (УОК-МП) во селото Бородинка.

ССУ ги проверува информациите за можната помош на Талко на Русите при принудниот транспорт на речиси 100 жители на Киевската област во Белорусија за време на привремената окупација на регионот. Покрај тоа, службениците на Службата за безбедност на Украина ги истражуваат околностите на функционирањето на руската комора за мачење во просториите на црквата со која раководи Талко, се наведува во веста.

Понатаму, на списокот е и името на новинарот Макс Назаров, поранешен водител на проруски канали.

Макс Назаров, поранешен водител на затворени проруски информативни канали, беше приведен поради сомневање за ширење про-Кремљ пропаганда, објави Suspilne на 21 јануари, цитирајќи судска одлука, пренесува Киев индипендент.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) објави обвинение против Назаров по претресите во неговиот дом на 18 јануари, велејќи дека „големи докази“ и „заклучоци од независни експерти“ укажуваат на „антиукраинските активности“ на водителот на вестите.

На списокот го видовме и името на Нестор Шуфрих, украински политичар кој служел во Врховната рада од 1998 година. Од 2017 година, Шуфрич бил во проруската евроскептична политичка партија Опозициска платформа – за живот, која беше забранета во 2022 година по започнувањето на руската инвазија на Украина. За време на инвазијата, Шуфрич беше уапсен во септември 2023 година под сомнение за предавство.

Поради овие околности, не може да се каже дека Зеленски ги затворил луѓето на списокот затоа што е кренале глас против него, туку тие се гонети, а политичките партии чиишто членови се, се забранети поради сомнеж дека се контролирани или поврзани со земјата којашто изврши воена инвазија врз Украина. Замрзнувањето на нивното политичко делување е додека трае воената инвазија.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.