Онлајн хистерија за Дуров – Русија го протера во егзил, а сега е многу загрижена за неговото апсење и за слободата на говорот

Published on:

Русија, која ја презеде контролата врз првата компанија на Дуров и за која Дуров го основа Телеграм во егзил, сега изразува загриженост за неговото апсење. Тамошните медиуми известуваат за апсурдноста на обвинувањата против него и го гледаат случајот со Телеграм како напад врз Русија, а руската амбасада во Франција „веднаш ги презеде неопходните чекори“ за да се разјасни ситуацијата. Руските медиуми во Србија веднаш почнаа со пропаганда дека апсењето на Дуров е напад врз слободата на изразување и дека ова е обид на Западот целосно да ги потчини луѓето

 

Пишува Ана Анастасова

 

Павел Дуров, претприемач со руско потекло кој ја основаше платформата за пораки Телеграм, беше уапсен во саботата во Франција, како дел од истрагата на француските обвинители за криминални активности на апликацијата. Тој беше уапсен на аеродромот „Бурже“, околу пет милји северно од француската престолнина, откако слета со приватен авион од Азербејџан.

Тој не е обвинет, но беше во притвор и беше сослушан во француската Национална канцеларија за борба против измами, агенција за спроведување на законот која се справува со широк спектар на финансиски злосторства.

Француските истражни судии вчера (28 август), отворија официјална истрага против Дуров, откако тој помина четири дена во притвор. Отворањето на официјална истрага во Франција против него не значи вина, ниту нужно води до судење, но укажува дека правосудните органи веруваат дека има доволно материјал за да се продолжи со истрага во случајот.

На Дуров му е одредена кауција со услов да плати капар од пет милиони евра. Од него се бара и двапати неделно да се јавува во полиција и не смее да ја напушти Франција.

 

Кој е Павел Дуров?

Павел Дуров е роден во Русија. Како дете се преселил со своето семејство во северна Италија и се вратил во Русија на почетокот на 1990-тите по распадот на Советскиот Сојуз.

Дуров се прослави во Русија во своите 20-ти години откако ја основа социјалната мрежа ВКонтакте (ВК), која ги задоволуваше потребите на корисниците на руски јазик и го надмина Фејсбук низ целиот поранешен СССР.

Но, откако наиде на проблеми со Кремљ поради одбивањето да ги предаде личните податоци на корисниците на руските безбедносни служби (ФСБ), тој го продаде својот удел во компанијата и ја напушти Русија во 2014 година и на крајот се декампираше во Дубаи, каде рече дека владата нема да се меша во неговиот бизнис.

Дуров во 2013 г. заедно со Николај Дуров основаше нова апликација за пораки наречена Телеграм, која брзо доби привлечност, но се покажа контроверзна со критичарите кои го осудуваат наводното отсуство на контрола на екстремната содржина. Тој пркосно одби да дозволи модерирање на пораките на Телеграм, што им дозволува на корисниците да објавуваат видео, слики и коментари на „канали“ што може да ги следи секој.

Тоа водеше до вртоглав раст на популарноста на Телеграм, па така од 100 илјади активни корисници месечно во 2013 година, во април 2024 компанијата објави дека има 900 милиони активни корисници на месечно ниво.

 

Руската пропаганда го искористи апсењето на Дуров за да го нападне Западот

Русија, која ја презеде контролата врз првата компанија на Дуров и заради што Дуров го основа Телеграм во егзил, сега изразува загриженост за неговото апсење. Тамошните медиуми известуваат за апсурдноста на обвинувањата против него и го гледаат случувањето со Дуров и Телеграм како напад врз Русија, а руската амбасада во Франција „веднаш ги презеде неопходните чекори“ за да се разјасни ситуацијата.

Руските медиуми во Србија веднаш почнаа со пропаганда дека апсењето на Дуров е напад врз слободата на изразување и дека ова е обид на Западот целосно да ги потчини луѓето. Така, Спутник, нарекувајќи го Дуров „рускиот Асанж“ објави анализа дека апсењето на Дуров е парче во мозаикот на западниот стремеж кон апсолутна контрола.

Европската унија, особено Франција и Германија, станаа најекстремните во спроведувањето на програмата за целосно потчинување на луѓето во Европа и Северна Америка на систем кој ќе се заснова на апсолутна контрола. Апсењето на Дуров е само дел од тој проект, кој содржи многу агресивна, навредлива стратегија на задушување на слободите од секаков вид, почнувајќи од слободата на говорот, слободата на движење, слободата на приватната сопственост и слободата на мислење, ја пренесува Спутник изјавата на директорот и професор на белградскиот Факултет за медиуми и комуникации Станко Црнобрња.

Раша тудеј на српски јазик анализира дека апсењето на Дуров е мафијашка тактика на изнудување, нагласувајќи дека Западот стана тоталитарното општество на Џорџ Орвел. Прашувајќи до каде оди западната цензура, и Раша тудеј прави споредба меѓу Дуров и Асанж.

Апсењето на Дуров предизвика онлајн бура, претворајќи го во народен херој меѓу оние кои се загрижени за слободата на говорот и цензурата на владата, особено кога глобално се зголеми контролата на онлајн содржините.

Илон Маск, сопственикот на Икс, и Едвард Сноуден, американскиот разузнавач кој побегна во Русија откако откри доверливи информации, беа меѓу оние кои се тркаа во одбрана на Дуров. Хаштагот #FreePavel се рашири на Икс.

Се огласи и американскиот новинар Такер Карлсон.

 Павел Дуров ја напушти Русија кога владата се обиде да ја контролира неговата компанија за социјални медиуми Телеграм. Но, на крајот, Путин не го уапси затоа што и дозволи на јавноста да практикува слободен говор. Тоа беше западна земја, сојузник на администрацијата на Бајден и ентузијастичка членка на НАТО, која го затвори. Павел Дуров вечерва седи во француски затвор, живо предупредување за секој сопственик на платформа кој одбива да ја цензурира вистината по налог на владите и разузнавачките агенции. Темнината брзо се спушта на некогашниот слободен свет, напиша Карлсон.

Онлајн хистерија и во С. Македонија

Онлајн хистеријата проследена со рускиот наратив дека апсењето на Дуров е обид на Западот за цензура и ограничување на слободата на говорот, не ја заобиколи ниту С. Македонија.

Така, во објави на социјалната мрежа Фејсбук се пропагира дека Западот ја стега јамката околу сите социјални мрежи што не поддржуваат цензура и се споделува фотографија од објава на социјалната мрежа Икс, во која пишува дека е елиминирана социјалната мрежа Тик Ток, а на листата остануваат Телеграм, Икс и Рамбл.

И кај нас во објави на Фејсбук апсењето на Дуров се споредува со Орвеловата 1984-та, а самиот Дуров го поистоветуваат со Асанж.

Телеграм е осамен остров на слободата на говор во овој цензуриран и мониториран дигитален свет. Токму тој остров им боде очи на службите кои сакаат да следат сè и да знаат сè, баш како во Орвеловата 1984. Дуров во оваа деценија е она што беше Асанж во минатата, борец за вистината, борец за слободата на говор, борец против цензурата, стои во една објава.

Која е вистината за апсењето на Дуров

Платформата за пораки Телеграм, која е основана во 2013 година, има повеќе од 900 милиони корисници и е популарна во земји како Бразил, Индија, Индонезија, Русија и Украина. Прегледноста на Телеграм за она што корисниците го кажуваат или прават на платформата им помогна на луѓето да комуницираат, организираат и споделуваат вести без притоа да стравуваат дека во позадина некој може да ги види доколку сакаат да останат анонимни. Но, тоа, исто така ја направи апликацијата алатка омилена од терористички организации, продавачи на дрога и екстремно десничарски екстремистички групи.

Францускиот претседател Емануел Макронтврди дека процедурата со Дуров, сопственикот на Телеграм, не е политички мотивирана процедура.

На судството, целосно независно, е да го спроведе законот. Апсењето на претседателот на Телеграм на француска територија се случи како дел од тековната судска истрага. Тоа во никој случај не е политичка одлука, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Француските обвинители велат дека Дуров бил приведен во врска со широката истрага отворена минатиот месец за криминални активности на платформата.

Лоре Бекуа, париската обвинителка, во понеделникот рече дека истрагата била отворена на 8 јули „против неименувано лице“ за голем број потенцијални обвиненија поврзани со материјал за сексуална злоупотреба на деца, трговија со дрога, измама, перење пари, поттикнување криминални трансакции и одбивање да соработуваат со органите на прогонот. Истрагата ја водат специјалисти за сајбер криминал и за борба против измами, пишува Њујорк тајмс.

Европската комисија (ЕК) одби да го коментира апсењето на основачот на Телеграм, Павел Дуров во Франција, нарекувајќи го „индивидуален случај“

Портпаролот на ЕК изјави дека апсењето на Дуров нема никаква врска со обврските на Телеграм според таканаречениот Закон за дигитални услуги (ДСА). ЕУ ги засили контролите на големите технолошки компании во рамките на ДСА, кој стапи на сила претходно оваа година. Регулативата бара таканаречените „многу големи онлајн платформи“ (оние со повеќе од 45 милиони месечни корисници) да следат низа правила поврзани со заштитата на податоците и рекламирањето.

Кривичното гонење не е меѓу потенцијалните санкции за прекршување на ДСА“, рече портпаролот на ЕК, додавајќи дека „ДСА не дефинира што е незаконско, ниту утврдува какво било кривично дело и затоа не може да се повика за апсење“. Само националните [или меѓународните] закони кои го дефинираат кривичното дело може да се користат како основа, пренесува Восток.рс.

Нејасно е дали некое од обвиненијата ќе биде покренато против Дуров. Во соопштението на Телеграм објавено во неделата, компанијата рече дека „апсурдно е да се тврди дека платформата или нејзиниот сопственик се одговорни за злоупотреба на таа платформа“.

Во компаниската изјава, Телеграм рече дека „ги почитува законите на Европската унија, вклучително и Законот за дигитални услуги“.

Русија и Обединетите Арапски Емирати, каде се наоѓа Телеграм, побараа конзуларен пристап до Дуров. Тој е државјанин на двете земји, а поседува и француски пасош.