„Орешник“ и изборот на Трамп главни теми на (дез)информациите со недели

Published on:

РС 26 Рубеж, основата на системот „Орешник“. Фото: скриншот/ Факти ICTV

Лансирањето и успешниот напад со новата руска хиперсонична ракета „оревокршачка“ врз Дњепропетровск во втората половина на ноември, речиси да ги засени сите други информации и дезинформации пласирани во неделите пред тоа, па дури и оние околу значењето на победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД

 

Сè започна со дозволата за употреба на класичните ракети со долг дострел што на Украина и ги доставуваат САД и Франција и Велика Британија. За ова медиумите масовно известуваа во почетокот на втората половина на ноември, а веќе првиот напад со нив, потврдено и од руски и од западни извори, се случил на 19 ноември, со шест истрелани ракети од американско производство ATACMS врз воен објект во Русија, во регионот Курск.

Следејќи ја веста што Пентагон и администрацијата на претседателот во заминување Џо Бајден тактизираа да ја потврдат, истовремено пристигнаа и вести и од Лондон и Париз дека и овие две земји дале дозвола за употреба на нивните ракети со долг дострел Storm Shadow/SCALP, кои најчесто се истрелуваат од авиони. Вистиномер објави „прибанкинг“ анализа од информациите што се случуваа во тие ден – два и таа може да се прочита тука.

Реакциите од Москва беа многу остри, а први се јавија руски сенатори и пратеници во долниот дом на Собранието.

А рускиот претседател Владимир Путинбарем според еден македонски медиум, кратко време пред да стане јасно дека одлуката на САД е донесена, го изјавил следното:

Доколку се донесе оваа одлука, тоа ќе значи директно учество на земјите од НАТО, САД и европските земји во војната во Украина. Тоа е нивно директно учество. И тоа, се разбира, значително ја менува самата суштина, самата природа на конфликтот. Тоа ќе значи дека земјите од НАТО, САД и европските земји се во војна со Русија. И ако е така, тогаш ќе донесеме соодветни одлуки врз основа на заканите што ќе ни бидат создаденирече Путин.

Односно, ако ја преместат војната на територијата на Украина на исток, таа нема да застане тука – ќе дојде и на Запад.

Украина сама, без помош на земјите од НАТО, не е во состојба да изврши напади со модерно прецизно оружје со долг дострел, рече Путин.

Ова е можно само со користење на разузнавачки податоци од сателити, кои Украина ги нема. Тоа се податоци само од сателити на Европската Унија или САД – од сателитите на НАТОпотсетил тој, а објави единствено Нетпрес на 17.11. 2024г. во вечерните часови, но, нема извор на веста.

Ванковска

Од домашната експертско-политичка сцена така да се каже, стигна само една реакција. Станува збор за професорката Билјана Ванковска која беше кандидат на партијата Левица на претседателските избори во 2024 година. Нејзиниот став беше пренесен во само еден од онлајн медиумитe со наслов МОЛЧЕШКУМ СЛЕДИМЕ СЕНИЛНА БУДАЛА: Ванковска за најновите случувања меѓу САД и Украина

Б. Ванковска. Фото: скриншот

Во текстот се пренесува реакцијата на Ванковска на Фејсбук:

Дали во земјава има политичар кој ќе ѝ ја соопшти веста на јавноста дека ние, НАТО, тукушто предизвикавме трета светска војна и дека се заканува нуклеарен холокауст? 

Молчешкум следиме сенилна будала на чело на Империја која го изгубила умот. 

Нивните ДПМНЕ и СДС си подметнуваат трета светска војна, а играат на картата дека Путин е разумен и дека само блефира, напиша таа на Фејсбук, пренесе медиумот.

Ажурирање на нуклеарната доктрина

Следниот ден стигна и официјалната реакција на Москва во вид на ажурирање на доктрината за употреба на тактичко нуклеарно оружје, нешто за што руските фактори дискутираа и во септември, а сега го официјализираа. Медиумите на македонски јазик масовно известија за оваа прва реакција на Путин по одобрувањето за употреба на ракетите со долг дострел од САД, Велика Британија и Франција.

Во вестите се наведува дека одлуката за промена на официјалната нуклеарна доктрина на Русија е одговор на Кремљ на најавената одлука на администрацијата на американскиот претседател Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади длабоко во Русија. Во ажурираната доктрина во која се опишуваат заканите што ќе го принудат раководството на Русија да размисли за нуклеарен напад, се вели дека нападот со конвенционални ракети, беспилотни летала или авиони може да се смета за закана.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека ажурираниот декрет на рускиот претседател Путин за нуклеарната доктрина значи дека отсега Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија со употреба на конвенционално оружје против неа.

Дел од медиумите пак, во целост го пренесоа ставот на еден од најголемите руски пропагандисти, потпретседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев, кој предупреди дека по одлуката на Бајден Русија сега има право да употреби и тактичко нуклеарно оружје:

Едно е важно – што изјави шефот на руската држава на 12 септември. И како резултат на тоа, денеска беше одобрена нова верзија на Основите на државната политика во областа на нуклеарната политика. Употребата на ракетите на Алијансата на овој начин сега може да се оквалификува како напад врз Русија од страна на земјите од блокот. Во овој случај, произлегува правото да се изврши одмазднички удар со оружје за масовно уништување против Киев и главните објекти на НАТО, каде и да се наоѓаат. И тоа е веќе трета светска војна. Можеби старецот Бајден навистина решил да го напушти овој живот и да земе со себе значаен дел од човештвотонапиша Медведев на Телеграм.

 

Подгревање на стравот од трета светска војна дојде и од Вучиќ

И српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до јавноста ги предупреди граѓаните на неговата земја од нуклеарен удар на Русија, со тоа и на потенцијална трета светска војна, доколку под итно не се постигне примирје и некакво запирање на конфликтотјавија повеќе медиуми на македонски јазик.

Александар Вучиќ (Архива 2022).Фото: Влада на РСМ

Насловите беа драматични, од Вучиќ: Светот е на работ на целосен нуклеарен конфликт, ние сме целосно неподготвенипреку Нуклеарна катастрофа, засолништа, стокови резерви, Вучиќ ги „смрзна“ Србите, до Вучиќ: Ако е загрозена безбедноста на Москва, Путин нема да се двоуми, ќе употреби нуклеарно оружје.

Ако е загрозена безбедноста на Москва, ви велам, тој нема да се двоуми и ќе употреби нуклеарно оружје. Прашањето е дали сме подготвени за тоа. Ние сме целосно неподготвени за тоаги пренесува зборовите на Вучиќ еден од медиумите.

Познавајќи ги сите актери, мислам дека никој нема да се двоуми да ги искористи сите алатки што ги има. На Запад ќе речат дека Путин си игра, јас ќе ви кажам, малкумина го познаваат Путин како мене. Ако е загрозена безбедноста на Москва и нејзините сили, ако види дека нема друг излез, дури и да ми се налути, нема да се двоуми ниту еден час – ќе употреби нуклеарно оружјетврди Вучиќ, пренесува друг медиум.

 

Украински напад и руски одговор – новата хиперсонична ракета „Орешник“

Вистинската возбуда и на политичката и на медиумската сцена пристигна два дена по ажурирањето на доктрината, на 21.11.2024 г., а повод беа првите украински напади со западните ракети со долг дострел за кои јавија медиумите два дена претходно.

Русија истрела моќна балистичка ракета со среден дострел врз индустриски комплекс во Дњепар или Дњипро на украински (порано познат како Дњепропетровск), за кој во западните медиуми се појавија информации дека е воен комплекс во кој Украина ја развива сопствена индустрија за производство на балистички ракети, пренесоа масовно медиумите на македонски јазик.

Реакциите на Украина беа повик на Зеленски до Западот да ја притисне уште повеќе Русија со сила, наведувајќи дека Путин ги тестира. Русија пак соопшти дека истрелала проектил од сосема нов ракетен систем „Орешник“(во превод на македонски „оревокршачка“), кој лета 2-3 км во секунда и кој носи неколку боеви глави, кои во случајов биле наполнети со класично, а не нуклеарно полнење. После нападот видеообраќање до вооружените сили и до граѓаните имаше Путин, кој меѓу другото кажал:

На 19 ноември шест оперативни тактички ATACMS проектили од американско производство и на 21 ноември во комбиниран ракетен напад со британските системи Storm Shadow и американските HIMARS (односно проектили ATACMS), изведени беа удари врз воени цели на територијата на регионите Брјанск и Курск, потврди Путин.

Како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел, на 21 ноември оваа година руските вооружени сили извршија комбиниран напад врз објект на воено-индустрискиот комплекс на Украина. Еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, меѓу другото, беше тестиран и во борбени услови. Во овој случај, тоа беше балистичка ракета во ненуклеарна хиперсонична опремарече рускиот претседател.

ATACMS MG-140, американсата ракета со долг дострел. Фото: Министерство за одбрана на САД

 

Ударот врз комплексот во Дњипро е всушност тестирање на новото руско вооружување, посочи Путин. Објектите коишто треба да бидат уништени“ во текот на пробните лансирања се избираат „врз основа на заканата за безбедноста на Руската Федерација. А не само фактот што тие се наоѓаат на територијата на Украина“, ги пренесува зборовите на Путин агенцијата Нетпрескоја емитуваше и две видеа на кои се гледа ударот на боевите глави.

Скриншот од моментот на ударот врз Дњипро, од видеото на Известија што го емитуваше Нетпрес

Попрецизни цитати пренесе и Плус инфо повикувајќи се и на РИА Новости кои беа линкувани во текстот. Плус инфо и утредента објави текст со наслов: „ДАЛИ ГЛЕДАМЕ УВЕРТИРА ВО ОТВОРЕН ВОЕН КОНФЛИКТ МЕЃУ РУСИЈА И ЗАПАДОТ? Ракетата „Орешник“ за 20 минути може да стаса и до Лондон и до Париз“.

 

В. Путин на состанок со рускиот Совет за безбедност (25.11.2024). Фото: Веб сајт на Кремљ

Пентагон утредента соопшти дека по каналот за комуникација за намалување на опасноста од употреба на нуклеарно оружје САД биле известени 30-тина минути пред лансирањето на ракетата.

Но, наместо тензијата да стивне, украинскиот парламент ја откажа сесијата поради закани од бомбардирање на 22.11. 2024, а светските медиуми пишуваат и анализираат за опасноста од разгорување на конфликтот. На тоа помогна и рускиот пропагандист Медведев ден по нападот изјави дека Украина и Западот сами си барале напад со хиперсонични проектили.

Загриженоста ја зголеми и унгарскиот премиер Виктор Орбанкој ги повика западните земји сериозно да ги разберат изјавите на Путин.

„Опасноста е неизбежна. Овие вести говорат за непосредна воена опасност за Унгарија“, рече Орбан.

По повод инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Орбан изјави дека „секој што бил војник и чувал стража знае дека ноќта е најтемна пред зори“.

Тензијата околу употреба на нуклеарно или конвенционално оружје надвор од Украина, а со тоа и директен судири меѓу Русија и НАТО трае и во моментот кога се затвора овој текст во последните денови од ноември. Иако Путин изјавува дека верува дека Трамп ќе успее да најде решение за мир во Украина и дека Москва е подготвена за дијалог, не само што продолжија масовните и уништувачки руски напади во последната недела од ноември и тоа посебно и врз енергетската инфраструктура на Украина, туку тој повторно упати уште пострашни закани, што го натераа Зеленски да верува дека Путин има намера да му ја направи невозможна мисијата на Трамп за мировно решение.

Победата на Трамп и очекувањата на балканските и македонските лидери

Нема сомневање дека голем дел од лидерите на земјите од Западен Балкан и дел од Централна и Југоисточна Европа силно се израдуваа на победата на Трамп на американските претседателски избори. Тоа се почувствува и во Северна Македонија, каде што политичката елита, почнувајќи од премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и поголем дел од неговите министри изразија јавни честитки и задоволство од исходот на изборите уште од првиот ден по изборите, а брза честитка и надеж за идна стратешка соработка со државата изрази и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче.

Ваквиот став на оние што носат одлуки („десижн мејкерите“), секако дека влијае и на оние што анализираат јавно (т.н. „опинион мејкери“), што можеше да се види од неброените емисии во отворените студија на македонските телевизии на сите јазици, дебатни емисии или анализите и колумните во печатените и онлајн медиумите. Уште од првиот ден, дел од медиумите побрзаа да потсетат дека премиерот Мицкоски уште како опозициски лидер, а и откако дојде на власт, одржувал блиски контакти со луѓе кои сега се споменуваат како дел од првиот круг околу Трамп, при што најпосочуван беше Ричард Гренел. Најсликовит пример беше текстот на Алфа Телевизија:

Ричард Гренел, Девин Нуњес, Хауард Лутник, Крис Павловски. Моќни личности од политичкиот и бизнис сектор во САД, кои важат за блиски на идниот претседател Доналд Трамп. Според Њујорк Тајмс Гренел треба да биде идниот државен секретар на Америка. Но и личности кои важат за многу блиски со премиерот Христијан Мицкоски. Уште кога беше лидер на опозицијата, актуелниот македонски премиер имаше редовни средби со овие видни личности, од кои уште тогаш се испраќаа позитивни сигнали за соработка со Македонија.

Милошоски: контактите (со кругот околу Трамп) беа државна инвестиција

Но, ваквите вести и прилози на дел од медиумите несомнено беа поттикнати од политичарите на власт, а еден од нив е Антонио Милошоски, актуелен пратеник и поранешен министер за надворешни работи.

Фото: ФБ профил на Антонио Милошоски (март 2024)

Тој уште на 7 декември, ден откако стана јасно дека Трамп е победник за 360 Степени изјави дека нема потреба од стравување затоа што и Европа и нашиот регион веќе имаат одредено искуство со мандатот на претседателот Трамп.

Но, тука не застана. Од умерената изјава „зависи кој ќе биде во неговиот тим“, преку „нема потреба од стравување зашто Европа и нашиот регион веќе имаат одредено искуство со мандатот на претседателот Трамп“, Милошоски стигна до квалификацијата дека средбите со Гренел и други лица блиски до Трамп се државна инвестиција во надворешната политика (околу 45 мин од разговорот).

Друг висок функционер од Владата, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ на дебатна емисија Само вистина на Канал5 (прв и втор дел), повеќепати изјавуваше, парафразираме,  победата на Трамп е позитивна за нас и за светот.

Така што, може да се извлече впечаток дека информациите или дезинформациите за значењето за победата на Трамп не доаѓаа толку од медиумите преку некои симулиран бран на влијание врз нив од странство, туку повеќе од ставовите на домашната политичка владејачка елита која ги преплавија медиумите со нивните ставови за ова прашање.

Слична состојба можеше да се регистрира и во земјите од регионот на Западен Балкан, за што во текст под наслов „Кој на Балканот им се радува на Трамп и на Гренел?“, објавен и на македонски јазик, пишуваше и Дојче Веле.