По секоја цена да се оцрни ЕУ и да се оправда руската инвазија врз Украина

Published on:

Фото:NakNakNakPixabay

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Објавата манипулира и ги шири добро познатите дезинформациски наративи на Кремљ со цел да ја оцрни Европската Унија, но притоа не користи никакви докази и факти за наводите. ЕУ не е таа што лаже, туку Русија, која сакајќи да ја оправда својата инвазија на Украина не бира какви пропагандни средства ќе користи

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ЕУ ве лаже.

Лаже за Романија, Молдавија и Грузија, ве излажа „Претседателот“ за вакцините против Ковид, корупцијата и трговијата со влијание.

Се лаже за корумпираната украинска дикттура и војната што тие помогнаа да започне и нема да заврши.

Објавата содржи неколку манипулации и дезинформации. Имено, во неа се тврди дека Европската Унија лажела за Романија, Молдавија и Грузија. Имајќи предвид дека во овие држави неодамна се одржаа избори, а на кои, како што беше официјално соопштено, имало руско влијание, очигледно е дека објавата мисли на тоа и дека сака да ја манипулира јавноста дека тоа не е точно, односно дека Европската Унија лаже.

 

Руско влијание на изборите во Романија, Грузија и Молдавија

Вистиномер во една поширока анализа пишуваше токму за тоа како руското влијание фрли сенка врз изборите во Романија, Грузија и Молдавија.

Во Романија се одржаа претседателски избори на кои влез во вториот круг обезбедија екстремно десничарскиот и проруски кандидат Калин Георгеску (со 22,9 отсто освоени гласови) и лидерката на прогресивно-либералната алијанса Спас за Романија, Елена Ласкони (19,18 отсто освоени гласови). Освоеното прво место на критичарот на НАТО и ЕУ, кој својата кампања главно ја водеше на Тик ток, беше сомнително. Романските власти соопштија дека има докази за руско влијание и сајбер напади кои влијаеле на резултатите од првиот круг. Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг од изборната трка, а граѓаните чекаат нов изборен процес.

Ваквата ситуација во Романија ги разгоре страстите кај поддржувачите на Кремљ кои почнаа со ширење на руските дезинформации на социјалните мрежи. Со цел да го прикријат руското влијание на изборите во Романија, тие почнаа вината за поништувањето на првиот круг да ја префрлаат на западните земји и на ЕУ.

Руско влијание имаше и на неодамнешните парламентарни избори во Грузија на кои победи владејачката, проруски ориентирана партија Грузиски сон.

Руско влијание имаше и на претседателските избори и референдумот за ЕУ во Молдавија. За ова Вистиномер исто така напиша поопширна анализа која можете да ја прочитате тука.

 

Не ЕУ, туку Русија ја започна војната во Украина

Објавата, исто така, посочува дека се лажело за „украинската диктатура“ и за војната „што тие помогнаа да започне и нема да заврши“.

Во Украина нема никаква диктатура. Моменталната украинска влада не е диктаторска, ниту нацистичка или фашистичка како што поддржувачите на Кремљ милуваат да ја нарекуваат. Претседателот Володимир Зеленски е демократски избран на фер избори, добивајќи речиси 75 отсто од гласовите на претседателските избори во 2019 година. Актуелниот претседател на Украина е Евреин, кој победил не-Eвреин кандидат на последните избори. Во Украина навистина има десничарски екстремни сили, кои, сепак, се слаби во споредба со другите европски земји. Со други зборови, нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз парламентот, не се во владата и не може да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина. Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.

Тврдењето дека Европа, Европската Унија ја започнала војната во Украина е апсолутно неточно тврдење.

Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа и гинат голем број цивили и војници на украинска територија. На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа по Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

ЕУ ѝ пружа воена и финансиска помош на Украина која има право да се брани од воената руска инвазија и да го штити својот територијален интегритет.

ЕУ и нејзините земји-членки се обединети во нивната непоколеблива поддршка за Украина и цврсто ја осудуваат руската брутална воена агресија против Украина и нелегалната анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Од февруари 2022 година, Европскиот совет и Советот на Европската Унија редовно се состануваат за да разговараат за ситуацијата во Украина од различни перспективи.

Русија мора веднаш да ја прекине оваа страшна војна. Европската унија ќе застане до Украина со својата цврста поддршка онолку долго колку што е потребно, стои во заклучоците на Европскиот совет од 9 февруари 2023 година.

Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Тие го истакнаа правото на Украина да ја избере својата судбина и го пофалија народот на Украина за нивната храброст во одбраната на својата земја.

ЕУ покажа единство и сила и ѝ обезбеди на Украина хуманитарна, политичка, финансиска и воена поддршка.

Објавата посочува и на некакви лаги за вакцините против ковид. Имајќи предвид дека не е прецизирано за какви лаги станува збор, можеме да кажеме дека за време на ковид пандемијата, но и сега, постојано се шират бројни дезинформации и теории на заговор поврзани со самата пандемија и со вакцинацијата против коронавирусот, а кои се добро познати и кои Вистиномер и светските сервиси за проверка на фактите веќе ги имаат дебанкирано.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата манипулира и ги шири добро познатите дезинформациски наративи на Кремљ со цел да ја оцрни Европската Унија, но притоа не користи никакви докази и факти за наводите. ЕУ не е таа што лаже, туку Русија, која сакајќи да ја оправда својата инвазија на Украина не бира какви пропагандни средства ќе користи. Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.