Поддршката за Украина од функционери на ВМРО-ДПМНЕ не е поддршка на „нацизам и фашизам

Published on:

Во објавата, всушност се изедначува поддршката кон Украина од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, со наводно поддржување на „нацизам и фашизам во Украина и ЕУ“, што не е точно. Ваквиот наратив кореспондира на про-Кремљ наративот дека во „Украина се спроведува денацификација“, термин што се користи од врвот на Русија за да се оправда неиспровоцираната воена инвазија врз Украина, којашто започна на 24 февруари 2022 година

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ВМРО-ДПМНЕ јавно го поддржува нацизмот и фашизмот во ЕУ и Украина. Што не им е јасно на Македонците што гласаа за нив.

Ќорави и глуви ли се или не знаат што значи денацификација. Во превод два метра под земја.

Во објавата што ја рецензираме, всушност се изедначува поддршката кон Украина од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, со наводно поддржување на „нацизам и фашизам во Украина и ЕУ“, што не е точно. Ваквиот наратив кореспондира на про-Кремљ наративот дека во „Украина се спроведува денацификација“, термин што се споменува и во објавата што ја рецензираме, а којшто термин се користи од врвот на Русија за да се оправда неиспровоцираната воена инвазија што беше почната врз Украина на почетокот на 2022 година.

Украина е земја во која загинаа милиони луѓе, борејќи се против нацизмот во Втората светска војна. Таму  нацистичката идеологија е забранета, но наспроти тоа Кремљ упорно го турка наративот дека Украина е нацистичка. Базата на податоци EUvsDisinfo содржи бројни примери на про-Кремљ дезинформациски тврдења за „нацистичка/фашистичка Украина“.

Бројни историчари тврдат дека воената агресија во Украина не може да се доведува во корелација со никаква денацификација, што е еден од главните наративи на Кремљ за оправдување на воената инвазија.

Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на ,,Патот до неслободата: Русија, Европа, Америка“, за Тајм Магазин.

За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.

Рака под рака со претставувањето на Украина како „нацистичка и фашистичка“ оди и претставувањето на Европската Унија во слично светло. Меѓутоа, Европската Унија е формирана втемелено на заложби и цели сосема спротивни на нацизмот и фашизмот. Станува збор за политичка и економска унија на 27 земји членки примарно лоцирани во Европа, со политики кои обезбедуваат слободно движење на луѓе, проток на добра, услуги и капитал на внатрешниот пазар, заеднички политики за трговија агрикултура и регионален развој.

На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи.

Членовите на Европскиот парламент сметаат дека крајно десничарски организации во некои од земјите членки се еден од причинителите за растот на насилието, кое целосно го афектира општеството и е таргетирано на Евреи, Муслимани, Роми, ЛГБТИ луѓе итн.

Тие предложија да се состават единици во полицијата за борба против криминал од омраза, за да се осигури дека ваквите инциденти се процесуираат и се истражуваат. Членовите на Европскиот парламент ги охрабруваат националните влади ефективно да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи и сите други фондации и асоцијации кои го глорифицираат нацизмот или фашизмот.

Европскиот парламент повика земјите членки јасно да ги осудат и санкционираат криминалот од омраза, говорот на омраза од страна на политички фигури кои користат омраза и насилство. Исто така, оттаму додадоа дека е потребно земјите членки да се спротивстават на ширењето на расизам, фашизам, ксенофобија преку интернет во соработка со компании за социјални мрежи.

Во резулуцијата се наложува земјите членки и националните спортски федерации, особено фудбалските клубови да се спротивстават на фашизмот, расизмот и ксенофобијата на стадиони и други спортски и културни настани со санкционирање и осуда на овие дејства. Исто така, се предлага земјите членки на ЕУ да состават програми со кои ќе може да им се помогне на индивидуите кои се дел од насилни неофашистички и неонацистички групи, да се одделат од нив и да ги напуштат. Членовите на Парламентот исто така ја потенцираат важноста на образованието, за да се подигне свеста кај младината за историјата и повикува сите јасно да одбиваат да ги прават злосторствата на фашизмот од минатото, дополнувајќи дека вистината за Холокаустот не смее да се тривијализира.

Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија. Вистиномер веќе работеше на дебанкирање на наративи со кои функционери од ЕУ се правеше обид да се оцрнат како поврзани со фашизмот.

Ниту ВМРО-ДПМНЕ поддржува фашизам и нацизам во ЕУ и Украина, ниту пак, фашизмот и нацизмот во ЕУ и Украина е на ниво поголемо од исклучок, односно изолирани групи, нерепрезентативни на високо ниво во креирањето на политиките, туку на ниво на поединци и радикални групации против кои ЕУ и Украина се спротиставуваат.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.