Фото: Принтскрин видео
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Повелбата на Обединетите нации не ѝ дава право на Русија, ниту на која било друга држава да изврши инвазија на друга земја „врз основа на искоренување на нацизмот“. Повелбата обезбедува само еден услов под кој земја-членка на ОН може да употреби воена сила против друга држава без консултација со ОН: кога самата земја е нападната. Во пропагандата на Кремљ често се повторува наративот за „денацификација“ и покрај тоа што Русија никогаш не приложи докази „нацизмот цвета во Украина“. Нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз Парламентот, не се во владата и не може да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и се тврди:
Русија, САД, Велика Британија, го имаат правото за напад и агресија на друга држава поради појава на нацизам без да ги известат другите две споменати страни.
Во видеото Душан Дунѓер тврди дека „е манипулација дека Русија извршила инвазија врз Украина со која ѝ го нарушила територијалниот интегритет“ и дека „Повелбата на Обединетите нации од 1946 налага дека Руската федерација има право на каква било интервенција на чија било територија при појава на нацизам“.
Сега гледате дека не само во Украина туку и ширум Европа и во светот расте нацизмот и се создава како од 1938 до 1941 година, идентична е ситуацијата, вели тој во видеото од објавата.
Како што пишуваат проверувачите на факти од Литванија „Делфи“, Повелбата на Обединетите нации не ѝ дава право на Русија, ниту на која било друга држава да изврши инвазија на друга земја врз основа на искоренување на нацизмот. Повелбата обезбедува само еден услов под кој земја-членка на ОН може да употреби воена сила против друга држава без консултација со ОН: кога самата земја е нападната.
Во пропагандата на Кремљ често се повторува наративот за „денацификација“ и покрај тоа што Русија никогаш не приложи докази „нацизмот цвета во Украина“, пишуваат проверувачите на факти на „Делфи“.
Суштината на Повелбата на ОН е да се обезбеди мир и суверенитет на државите.
Правото на употреба на вооружена сила против друга држава без консултации со ОН е предвидено во член 51 од Повелбата, но само во случај на земја која се брани од напад од друга држава.
Во членот 51 пишува:
Ништо во оваа Повелба нема да го наруши вроденото право на индивидуална или колективна самоодбрана доколку се случи вооружен напад против членка на ОН, додека не се преземат неопходни мерки за меѓународна безбедност на Советот за безбедност на Обединетите нации. Мерките преземени од страна на членките во остварувањето на ова право на самоодбрана веднаш ќе бидат доставени до Советот за безбедност и не смеат на каков било начин да влијаат на овластувањето и одговорноста на Советот за безбедност според оваа Повелба да преземе во секое време такви дејствија, што ќе ги смета за неопходни за одржување или обновување на меѓународниот мир и безбедност.
Бидејќи Русија не беше нападната од ниту една земја, туку напротив, ја нападна суверена Украина и ја започна војната, таа ја прекрши самата суштина на Повелбата на ОН чија цел е да се обезбеди светскиот мир, суверенитетот на државите и да се спасат земјите-членки „од неволјата на војната“, како што е наведено во Преамбулата на Повелбата на ОН.
Актуелната украинска влада не е нацистичка и на ниеден начин не е поврзана со нацистичкото минато. Претседателот на Украина Володимир Зеленски е демократски избран на фер избори, добивајќи 73 проценти од гласовите на претседателските избори во 2019 година. Во Украина навистина има десничарски екстремни сили, кои, сепак, се слаби во споредба со другите европски земји. Со други зборови, нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз Парламентот, не се во владата и не може да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина.
Базата на податоци EUvsDisinfo содржи речиси 500 примери на про-Кремљ дезинформациски тврдења за „нацистичка/фашистичка Украина“, иако Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Приказната за наводен нацизам во Украина влече корени од Втората светска војна и тогашниот украински опозициски политичар Степан Бандера, како и од првичното воодушевување од влезот на германските војски кај дел од Украинците што живееле во регионот на Галиција. Но, германската управа многу бргу покажала дека намерата ѝ е чиста окупација на Украина, која дотогаш била дел од Советскиот Сојуз (СССР). Демократски избраната украинска влада, чиј претседател е со еврејско потекло, не поддржува ниту една неонацистичка идеологија.
Професорот од Јејл Универзитетот, Џејсон Стенли вели дека денацификација е процесот што сојузниците го спровеле во Германија по Втората светска војна. Почнувајќи со нирнбершките судења, тие суделе и осудиле голем број нацисти, голем број од нив биле убиени и потоа тие ја замениле нацистичката идеологија во сите големи институции со луѓе кои биле недопрени од нацизмот.
Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на ,,Патот кон неслобода Русија, Европа, Америка за Тајм Магазин.
На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи. Исто така, се предлага земјите членки на ЕУ да состават програми со кои ќе може да им се помогне на индивидуите кои се дел од насилни неофашистички и неонацистички групи, да се одделат од нив и да ги напуштат.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.