Пропагандна објава го напаѓа НАТО и ја правда руската воена агресија против Украина

Published on:

Сенаторот Томи Тубервил Фото: Принтскрин видео

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

НАТО е примарно посветен на мирно решавање на конфликтите, но доколку дипломатските напори не успеат, тогаш НАТО има воен капацитет за превенира кризи и да менаџира операции сам или во соработка со други држави и меѓународни организации

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

НАТО, КРВАВИОТ СОЈУЗ НА ЗЛОТО НАТО никогаш никого не бранел, туку само нападнал!!! НАТО постои за да ги реши проблемите создадени со постоењето на НАТО. За да го оправда своето постоење, на НАТО постојано му требаат надворешни непријатели и конфликти. Постојат голем број важни факти кои сенаторот ги заборавил или ги испуштил. Прво, тој не спомна дека Викторија Нуланд направила промена на режимот во Украина во 2014 година. Ги обучувала и вооружила до врв, како што тоа го прават со Бин Тајван, Израел и сега на Филипините. Гледаше на друга страна додека Украина уби над 14.000 етнички Руси во Донбас. Одби да ги пее договорите од Минск договорени со ОН. Брзаше Борис во Киев кога Русија и Украина постигнаа почеток на мировен договор. Ветувајќи им бескрајни пари, оружје и поддршка. „Колку што е потребно“ Уште колку илјади треба да бидат убиени од заблудата западна глобалистичка елита, до последниот Украинец? Војна прекрасна војна. Таков профитабилен бизнис за трговците на смртта. МИЦ, банкарите и сите вклучени политичари кои имаат корист од војната, на сметка на занемените МСМ неуки даночни обврзници. За овие луѓе мирот никогаш не е опција, само бескрајни војни. Човештвото е навистина болно.

 

Во видеоматеријалот претставен е говор на сенаторот Томи Тубервил (сенатор од Републиканската партија).

Говорот е од 25 септември 2024 година.

…дека никогаш нема да има источно проширување на НАТО кон Русија. Готово беше. Во тоа време имаше 16 НАТО членки. Денеска, 33 години по овој договор има 32 НАТО членки иако во 1991 се согласивме дека нема да има експанзија на исток. Го прекршивме договорот. Ние, НАТО и САД. НАТО се прошири на исток 7 пати после тој договор во 1991. Најголемата експанзија е во 2004 и вклучи две земји што делат граница со Русија Естонија и Латвија. Денеска во НАТО се 3 држави што граничат со Русија. Шест членки на НАТО се поранешни членки на Варшавскиот Пакт. Најголемиот дел од оваа експанзија се случи пред Русија да го анектира Крим и изврши инвазија на дел од Украина во 2014. Ова се фактите. Сите тие играат улога во приказната на НАТО и рускиот одговор на таа приказна. Еве уште еден факт. Експанзијата на НАТО беше под услови на НАТО без каква било активност или инпут на Русија, спротивно на тврдењата на секретарот Остин. Запрашајте се како ќе реагираше САД ако Кина или Русија влезеа во заедничка одбранбена организација со Мексико или Канада? Како ќе реагиравме ние? Што ако тие почнеа да сместуваат трупи или да учествуваат во воени вежби само на милји од нашата татковина? Откако покривме кратка историја на НАТО ајде да го поставиме логичното прашање, кое секогаш треба да го поставуваме пред да инволвираме во каков било воен конфликт. Прво до каде сме подготвени да ја водиме оваа прокси-војна со Русија? Размисливме ли за тоа пред да влеземе во ова? Дали сме посветени да победиме како што е претседателот на Русија, Владимир Путин? Што ќе се случи ако настане пресврт во моментумот? Што ќе се случи ако моментумот се сврти против Украина и Русија почне да има придобивки, како што личи дека се случува денес? Дали САД ќе испрати уште пари од даночните обврзници и уште оружје? Дали НАТО или САД ќе пратат трупи? Каков е планот? Војната е сериозна работа. Досега требаше да го разбереме тоа. Не одите половично во војна и сигурно не излегувате половично од неа. Тука изгледа тоа тешко се сфаќа. Откако почна руската офанзива пративме повеќе од 174 милијарди долари пари од даночните обврзници за Украина. А тоа е една од најкорумпираните земји во светот. Неодамна администрацијата на Бајден и Харис ја објавија нивната намера да испратат дополнителни 700 милијарди долари од даночните обврзници во Украина. Се шегувате?

Не е точно дека НАТО не е одбранбен сојуз и дека „никого не бранел туку само напаѓал“. На сајтот на НАТО се наведени сите мисии на Алијансата и од минатото и денеска на следниот линк, заедно со причините кои довеле за истите. НАТО е примарно посветен на мирно решавање на конфликтите, но доколку дипломатските напори не успеат, тогаш НАТО има воен капацитет за превенира кризи и да менаџира операции сам или во соработка со други држави и меѓународни организации. На пример, за мисијата на НАТО во Ирак, таа почна во 2018 година на Самитот во Брисел, на барање на владата на Ирак и со координација на Глобалната коалиција за поразување на ИСИС. Станува збор за мисија без борби за градење капацитети којашто има за цел да ги зајакне ирачките безбедносни институции и сили, за тие самите да можат да го превенираат враќањето на ИСИС, да се борат против тероризмот и да ја стабилизираат својата држава. Сите аспекти од оваа мисија се изведуваат со согласност на владата на Ирак и со целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак. НАТО соработува со безбедносните сили на Ирак под директна и ефективна контрола на владата на Ирак. Во февруари 2021 година, НАТО одлучи да ја прошири оваа мисија на поширок сектор од безбедноста на Ирак, откако за тоа доби директно барање од владата на Ирак. Ова е само еден од бројните примери каде НАТО оперира по барање и во соработка со национални влади, без да напаѓа, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме.

Друг пример од наведените во листата е мисијата на НАТО во Авганистан која е завршена. После терористичките напади во САД, по барање на властите на Авганистан и со мандат од ОН беа оформени Меѓународните сили за безбедносна поддршка (International Security Assistance Force (ISAF) во 2001 година. Мисијата заврши во септември 2021 година, а нејзината мисија беше да се оформат нови авганистански безбедносни сили и да се овозможи властите на Авганистан да обезбедат ефективна безбедност низ земјата и да оформат средина за функционирање на демократски институции, владеење на правото, за да се спречи Авганистан повторно да стане прибежиште за терористи. ИСАФ придонесе за реконструкција и развој на Авганистан, преку градење капацитети, но тоа не беше напад туку менаџмент на криза.

ИСАФ беше една од најголемите меѓународни операции за менаџирање кризи, со поддршка од 51 различни држави. На крајот на 2014 година процесот на транзиционирање на целосните одговорности од ИСАФ на трупите на Авганистан заврши и така се затвори мисијата. Веднаш потоа следуваше нова невоинствена мисија предводена од НАТО за тренинг, советување и помош на авганистанските безбедносни сили и институции. Тоа беше на формално барање на авганистанската влада, пишува на сајтот на НАТО и се додава дека на во 2021 година мисијата беше прекината откако сојузниците решија да го почнат повлекувањето од Авганистан.

На следниот линк може да ги видите сите претходни историски мисии на НАТО како и тековните од кои произлегуваат сите причини за нивното остварување и сите бенефити од истите.

Тоа што се тврди во објавата дека „НАТО постои за да ги реши проблемите поради самото свое постоење“ исклучително резонира со рускиот наратив дека воената инвазија што беше почната од страна на Русија во Украина, е „одговор“ на експанзијата на НАТО. Таков е и говорот на видеото од објавата што ја рецензираме, меѓутоа, НАТО оперира со политика на отворена врата, односно државите самите одлучуваат дали сакаат да се приклучат кон Алијансата. Таква држава е и Украина, која има суверена и демократски избрана влада и Украинците сакаат нивната држава да се приклучи кон НАТО.

Не е точно дека „за да го оправда своето постоење на НАТО постојано му требаат надворешни пријатели и конфликти“. НАТО почна да постои баш поради тие конфликти, за одбрана и за зацврстување на позициите. Не ги бара конфликтите, тие самите се случуваат, a формирањето на НАТО е одговор на нив, но за одбрана и заштита на членките. Така, целите поради кои е формирано НАТО се одбрана од заканата од Советскиот Сојуз, но другите причини поради кои историски е формирана Алијансата се запирање на советската експанзија и забранување на оживувањето на националистичкиот милитаризам во Европа преку силно цврсто северноамериканско присуство на континентот, како и охрабрување за европска политичка интеграција.

Не е точно наведеното во објавата дека „Викторија Нуланд направила промена на режимот во Украина во 2014 година, ги обучувала и вооружила Украинците“. Протестите „Евромајдан“ заедно со целото истоимено движење во Украина против тогашниот претседател Виктор Јанукович беше последица на одбивањето на договорот за трговија со ЕУ, во корист на Русија. Нема никакви докази за државен удар поттикнат од САД или Нуланд, како што тоа се тврди во објавата, туку стануваше збор за големи демонстрации предизвикани од внатрешно незадоволство на граѓаните од патот што го зазеде Јанукович во тоа време. Демонстрантите беа илјадници Украинци, а протестите беа и поради нивното незадоволство од корупцијата и авторитаризмот под Јанукович, за тој на крајот да избега од државата. Тврдењата дека Нуланд ги оркестрирала овие настани е невистина. Таа ги поддржуваше протестите и беше инволвирана на мисиите од САД за помош, но нема креирано пуч ниту пак, вооружувала некого.

Не е вистина дека Украина убила 14 илјади етнички Руси во Донбас. Повеќе од 14 илјади луѓе беа убиени во борбите во овој регион, речиси сите во месеците кои следеа по руската прокси окупација на областите во 2014 година, но 4.400 од убиените беа украински војници и 6.500 беа руски прокси борци.

Во објавата се вели дека „Нуланд одби да ги пее договорите од Минск договорени со ОН“. Проверувачите на факти на „Дојче Веле“ веќе ги имаат дебанкирано тврдењата од овој вид кои дојдоа и од рускиот врв за тоа зошто договорите од Минск не беа успешни.

Иако 13 точки од вториот договор никогаш не беа целосно имплементирани, ништо не сугерира дека Украина или западните држави имале намера така да се случи, пишува „Дојче Веле“.

И самиот претседател на Украина, Володимир Зеленски во интервју изјави дека не ја гледал украинската независност возможна под договорите од Минск.

Во објавата се вели дека „Западот им ветувал бескрајни пари, оружје и поддршка“, во смисла на тоа дека ја поттикнувале војната која се одвива во Украина. Меѓутоа, Западот веднаш почна да апелира на безброј начини кон Русија да ги повлече своите војници од независна и суверена Украина и да ја прекине неиспровоцираната воена инвазија што не се случи. Потоа НАТО земјите почнаа да ја поддржуваат Украина во своето право на самоодбрана. Тезата во објавата дека „глобалистичката елита е таа која убива до последниот Украинец“ е руска пропагандна флоскула, бидејќи самата Русија е таа која ја изврши инвазијата без никаков напад од Украина или која било НАТО држава. Во објавата се обвинува Западот за профитирање од смртта во војната во Украина, меѓутоа таа немаше никогаш да се случи доколку нејзината суверена територија не беше експлицитно нападната што може да претставува закана и за државите од ЕУ, што НАТО сака да го спречи.

Според стратешкиот концепт на НАТО усвоен во 2022 година, Русија е најзначајната и директна закана за безбедноста на сојузниците и за мирот и стабилноста на евро-атлантската област.

Русија сака да воспостави сфери на влијание и контрола врз други земји преку субверзија, наведување, агресија и анектирање. Користи конвенционални, сајбер и хибридни методи, вклучително и дезинформации против НАТО и партнерите. НАТО не бара конфронтација и не е закана за Русија. Алијансата ќе продолжи да одговара на руските закани и акции со одговорен и заеднички принцип. Ја штитиме нашата одбрана ги поддржуваме партнерите и ја зајакнуваме нашата отпорност, вклучително и со тоа што ги разобличуваме дезинформациите на Русија, пишува на сајтот на НАТО.

Од ова произлегува дека НАТО не сака војна ниту сака „бескрајни војни“ ниту профитира од неа, како што се наведува невистинито во објавата што ја рецензираме. Војната во Украина донесе бројни човечки жртви и економски последици за целиот свет и нејзиното запирање е најдобра опција, но условите за тоа прекинување на војната допрва треба да се договорат и прецизираат и да бидат прифатливи за украинската страна.

Што се однесува на говорот на сенаторот Томи Тубервил од објавата што ја рецензираме, делот дека „ветено било дека никогаш нема да има источно проширување на НАТО кон Русија“, ова не е точно и е демантирано на сајтот на НАТО.

Митот дека имало ветување од западните лидери да не се дозволува на нови членки да влезат во НАТО циркулира многу години и активно се користи во дезинформациската кампања од Кремљ од почетокот на нивната војна против Украина. Во иницијалните фази на дискусиите, секретарот на САД Џејмс Бејкер и неговиот германски колега Ханс Диетрих Геншер, разгледувале таква идеја еден со друг и со советските лидери во 1990 година, но дипломатските преговори брзо напредувале и оваа идеја е одбиена. Според основачкиот договор на НАТО, потпишан во 1949 од 12 првични земји членки, и секоја држава што се има приклучено после тоа – вклучува јасна одредба која ги отвора вратите на НАТО кон секоја европска држава која е во позиција да ги унапреди принципите на овој договор и да придонесе за безбедноста на северноатлантската област. Ова никогаш се нема променето. Никаков договор не бил потпишан меѓу НАТО сојузниците и Русија во кој било вклучено дека НАТО не може да прима други членки. Дискусиите за НАТО членството се одвиваат со консензус меѓу сите членки. Опишувањето на оваа политика на отворени врати на НАТО како „експанзија“ веќе е дел од митот. НАТО не бараше нови членки и не целеше да се „прошири на исток“. НАТО го почитува правото на секоја држава да го одбере својот пат. НАТО членството е одлука најнапред на тие држави кои сакаат да се приклучат. Потоа е на НАТО сојузниците да ја разгледаат апликацијата, пишува на сајтот на НАТО.

Тврдењата во говорот од видеото, дека војната во Украина е одговор на Русија на  „експанзијата на НАТО“ е пропагандно и невистинито.

Русија со својот модел на сè поагресивно однесување од Грозни до Грузија и Алепо и Украина, ги загрози меѓународните договори. НАТО сојузниците се вклучија во упорни дипломатски напори да ја убедат Русија да го смени курсот. НАТО го одржа последниот состанок на Советот НАТО-Русија во јануари 2022 година за да побара од Путин да се повлече. Тој одбра војна, пишува на сајтот на НАТО.

Таму се додава дека „Русија ја почна војната против Украина без да биде под закана од Украина или која било друга европска држава“.

Русија нелегално го анектираше Крим во 2014 година и продолжи да зазема територии на Доњецк и Луганск. Во 2022 година со инвазијата во Украина почна најкрвавиот конфликт во Европа после Втората светска војна. Русија гранатираше болници, училишта и трговски центри. Русија бомбардираше цивилна инфраструктура за вода и струја. Русија ги убива украинските цивили. Украина има право и одговорност да ги заштити своите граѓани. Самоодбраната е фундаментално право кое е наведено во Повелбата на ОН. И НАТО има право да ја поддржува Украина во правото на самоодбрана и да опстане како суверена држава во Европа. Самоодбраната и поддршката на самоодбраната е во линија на меѓународното право, пишува НАТО.

 

Не е точно дека „НАТО е инволивиран во конфликтот во Украина“, како што се наведува во говорот, ниту дека „НАТО имал експанзија без инпут од Русија“, а ни алузиите дека сместувањето трупи на НАТО било оправдание за војната.

Пред агресивните дејства на Русија врз Украина во 2014 година, немаше испраќање на НАТО трупи во источниот дел на Алијансата. Бидејќи безбедносната средина се промени после руското нелегално анектирање на Крим и дестабилизацијата во источна Украина, НАТО ја прекина практичната соработка со Русија, но одржуваше политички и воен дијалог и испрати 4 мултинационални воени групи во балтичките држави и Полска во 2016. Како реакција на руската целосна инвазија врз Украина од 2022 година, НАТО ја продолжува својата одбранбена поставеност. Го зголемивме двојно бројот на одбранбени групи во источниот дел на Алијансата и ќе продолжиме да правиме се што е потребно за да ги заштитиме и браниме сите сојузници. Надвор од НАТО територијата, Алијансата има КФОР мировна мисија во Косово под мандат на Советот на ОН, како и мисија во Ирак за тренинг и поддршка во борбата против тероризмот на барање на ирачката влада. Руските агресивни дејства ја поткопуваат меѓународната безбедност и стабилност. Како и нејзината агресија против Украина, Русија има воена база и војници во Грузија и Молдавија без согласност на владите на овие држави, се наведува на сајтот на НАТО.

„Вистиномер“ веќе ги дебанкираше тврдењата за помошта кон Украина од страна на Западот. Во врска со наведеното дека Русија била опколена од НАТО – Русија е најголемата држава двапати поголема од САД и Кина.

Кога Финска се приклучи во НАТО Алијансата во април 2023 година, копнената граница меѓу НАТО и Русија се удвои. Дури и со тоа, само 11 проценти од руската копнена граница таа ја дели со НАТО држави.

Никој не ја опколил Русија. Тешко е да го направите тоа со држава во која има 11 временски зони, пишува на сајтот на НАТО.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.