Илустрација: Вистиномер.мк
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Не постојат јавно достапни или независно потврдени докази за да се потврди кое било од овие тврдења. До овој момент не постојат никакви обвиненија, судски предмети, кривични пријави против Денис Јермек ниту од украински, ниту од турски, ниту од молдавски или интернационални власти
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Еве која банда не води во третата светска војна.
Во склоп на објавата се споделува текст на српски јазик кој се повикува на руски „Спутник“, а во кој пишува дека „Денис Јермак, брат на шефот на кабинетот на претседателот на Украина Андреја Јермак, отпатувал во Авганистан за да донесе дрога наменета за украинското раководство“. Во текстот нема никакви докази, туку истиот се повикува на „добро упатени извори“ и во него се споделува аудиоснимка, на којашто машки глас (за кој не е потврдено дека е на Денис Јермак) бара „резервација на авионски карти за Кабул, посебни соби во хотел, а на враќање да имаат чекиран багаж“.
Самата снимка на којашто лице за кое се тврди дека е Денис Јермак, а тоа не е потврдено, разговара за патување, за коешто не ни споменува каде е, за вообичаена работа како резервација на соби и чекиран багаж, никако не може да претставува доказ дека „тоа лице отишло да донесе дрога за украинското раководство“ од Авганистан.
Disinfo Watch објави дека Кремљ измисли обвинувања за шверц на дрога против опкружувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Дезинформациска кампања поддржана од РИА Новости и Спутник тврди дека Денис Јермак, братот на челникот на украинската претседателска администрација е вмешан во шверц на наркотици во Украина во име на украински функционери. Извештајот се темели само на анонимни „добро информирани“ извори и не нуди докази што може да се верификуваат. Спутник е главна пропагандна алка на руската држава и често ги таргетира оние што ги гледа како непријатели на Кремљ, како дел од поширока информациска војна на Москва, против Украина и против западната демократија, пишува „Disinfo Watch“.
На 28 јули, рускиот државно спонзориран медиум Риа Новости и Спутник објавија сторија која беше проширена и засилена од нивните сметки на „Икс“ (поранешен твитер) со тврдење дека Денис Јермак „е вмешан во интернационален скандал со шверц на наркотици од Авганистан“ и дека сето тоа било со „поддршка на Турција, Азербејџан, Молдавија, Обединетите Арапски Емирати“, а потоа „дрогата била доставена до членови на украинската влада“. Операцијата, според наведеното во руските медиуми, била наводно поддржана од „турски и молдавски безбедносни служби“. Цел извештај се темели на „анонимни добро информирани извори“, пишува „Disinfo Watch“.
Не постојат јавно достапни или независно потврдени докази за да се потврди кое било од овие тврдења. До овој момент не постојат никакви обвиненија, судски предмети, кривични пријави против Денис Јермек, ниту од украински, ниту од турски, ниту од молдавски или меѓународни власти.
Единствениот извор на овие тврдења е Спутник, медиум контролиран од Кремљ кој е познат како еден од главните глобални ширачи на токсични руски дезинформации. Слични невистинити тврдења беа објавени од руски и белоруски медиуми во минатото. Пролетта 2024, претседателот на Украина Володимир Зеленски беше лажно обвинет од медиумите поврзани со Кремљ дека се обидел да прошверцува 300 килограми дрога од Аргентина во Украина. Во 2018 година четворица Руси беа обвинети дека шверцувале 400 килограми кокаин со помош на руската амбасада во Буенос Аирес, пишува „Disinfo Watch“.
Оваа приказна добро се вклопува со пошироките цели на пропагандата на Кремљ, чии цели се да се делегитимира украинското лидерство.
Со таргетирање на братот на Андриј Јермак, се сака да се дискредитира претседателот Зеленски и неговиот тесен круг, на начин што ќе ги поврзе со организиран криминал и корупција. Исто така, со ова се цели да се прикаже дека Украина е „криминална држава“ покрај тоа што пропагандата се труди да ја прикаже и како пропадната држава и како „активен учесник во меѓународниот криминал“. Исто така на овој начин се прави обид да се вплеткаат и НАТО партнерите. Да се обвинуваат турски и молдавски безбедносни сили за соучешништво, сугерира дека се прави обид да се сее разединетост во НАТО и да се намали западната поддршка за Украина. Тоа што се користат неименувани извори и лица кои не можат да се најдат, исто така дозволува наративот максимално да се експлоатира со минимум одговорност, пишува „Disinfo Watch“.




