Пропагандна објава неосновано го обвинува НАТО за „туркање во војна“ со Русија

Published on:

Фото: НАТО

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Полската и сојузничките воздушни одбрани се распоредени за да го обезбедат воздушниот простор на земјата, затоа што Русија започна нови смртоносни воздушни напади врз соседна Украина. НАТО е одбранбена алијанса и затоа ги засилува своите воздушни патроли низ регионот како одговор на сомнителните руски упади во воздушниот простор и појавата на беспилотни летала во неколку земји членки. Овие мерки се превентивни по природа и имаат за цел обезбедување на воздушниот простор и заштита на граѓаните, особено во областите во непосредна близина на загрозениот регион

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ НАТО-НЕОФАШИСТИТЕ ДА НЕ ТУРНАТ ВО ВОЈНА СО РУСИЈА!!!
Кога ги слушам неофашистите:
Доналд Туск, Урсула фон дер Лајен, Емануел Макрон, Кир Стармер, Марк Руте, Фридрих Мерц, Борис Писториус (германски министер за одбрана), Каја Калас, Аналена Бербог, американски Генерали, Јохан Вадефул(германски министер за надворешни работи) и многу, многу други идиоти, имам впечаток, дека сите ја наследија шизофренијата на Хитлер и дека од историјата немаат никакво познавање и ништо не научиле!!!
Не верувајте во лагите на западните неофашисти, дека Русија ќе ја нападне Полска и ќе маршира до Варшава.
Не верувајте во лагите на горенаведените, дека Русија ќе ги нападне Балтичките земји, Финска и другите членки на НАТО и преку Полска и Украина ќе стигне до Берлин. Таквите мозоци што вршат таква пропаганда, контаминирани се со фашистичка идеологија!!! На Русија не и’ треба ниту поголем простор за живеење ниту пак повеќе ресурси!!! Русија сака мир и сигурни граници, без фашисти!!!

Не е точно наведеното во објавата што ја рецензираме дека европските политичари кои се споменати во објавата се „неофашисти“. И во минатото „Вистиномер“ рецензираше слични наративи во кои европските политичари неосновано се клеветеа дека биле „фашисти“ и тоа со дезинформации.

Самиот концепт на функционирањето и темелите на Европската Унија се антифашистички и ЕУ ги дели антифашистичките вредности. Заедничката борба против современите облици на екстремистички и тоталитарни идеологии, вклучително и неонацизмот останува клучен приоритет на ЕУ. Дополнително ЕУ цврсто стои против сите форми на антисемитизам, кој е некомпатибилен со основните вредности и принципи на кои е основана ЕУ. ЕУ и нејзините земји членки презедоа обемни правни и политички мерки за борба против актите на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција.

Постојат јасни докази дека ЕУ и нејзините членки функционираат спротивно на постулатите на фашизмот. Европската Унија е политичка и економска унија составена од 27 земји членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. ЕУ става силен акцент на човековите права, основните слободи и заштитата на малцинствата. Таа има механизми за да ги поддржува овие принципи, како што е Европскиот суд за човекови права.

За разлика од ова, фашистичките режими се познати по нивната угнетувачка природа, вклучувајќи цензура, прогон на политичките противници и кршење на човековите права. ЕУ ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети.

На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи. Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија.

Исто така, не е точно дека НАТО е фашистичка организација.

Фашизмот е екстремно десничарска, авторитарна, ултранационалистичка политичка идеологија и движење, што се карактеризира со диктаторски лидер, централизирана автократија, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во цврста општествена хиерархија, подреденост на индивидуалните интереси за доброто на нацијата или расата и силен режим на општеството и економијата.

Не е точно ни дека НАТО-земјите туркаат во војна со Русија. Безбедноста на Украина е од големо значење за НАТО и неговите земји-членки. Алијансата целосно го поддржува природното право на Украина на самоодбрана и нејзиното право да ги избере своите безбедносни аранжмани. НАТО ја осудува агресивната војна на Русија против Украина на најсилен можен начин. Оваа агресија сериозно ја поткопува евроатлантската и глобалната безбедност и претставува очигледно кршење на меѓународното право.

Сојузниците на НАТО, во согласност со релевантните резолуции на Генералното собрание на ОН, бараат Русија веднаш да ја запре војната, да престане со употребата на сила против Украина и целосно и безусловно да ги повлече сите свои сили од Украина.

НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија. Алијансата ќе продолжи да одговара на руските закани и дејствија на обединет и одговорен начин. Ние ги зајакнуваме нашите одвраќања и одбрана, ги поддржуваме нашите партнери и ја зголемуваме нашата отпорност. Ова вклучува осудување на дејствијата на Русија и спротивставување на дезинформациитепишува на сајтот на НАТО.

Полската и сојузничките воздушни одбрани се распоредени за да го обезбедат воздушниот простор на земјата, затоа што Русија започна нови смртоносни воздушни напади врз соседна Украина. НАТО е одбранбена алијанса и затоа ги засилува своите воздушни патроли низ регионот како одговор на сомнителните руски упади во воздушниот простор и појавата на беспилотни летала во неколку земји-членки. Овие мерки се превентивни по природа и имаат за цел обезбедување на воздушниот простор и заштита на граѓаните, особено во областите во непосредна близина на загрозениот регион. Аеродромите во Германија, Данска, Норвешка и Полска, исто така, неодамна ги прекинаа летовите поради неидентификувани дронови, додека Романија и Естонија го посочија прстот кон Русија, која ги отфрли обвинувањата.

Така што, превентивните одбранбени мерки на НАТО се со причина, а не „пропаганда од луѓе контаминирани со фашистичка идеологија“. Агресивните дејствија на Русија ја поткопуваат меѓународната безбедност и стабилност. Покрај агресијата против Украина, Русија има воени бази и војници во Грузија и Молдавија без согласност на владите на овие земји. НАТО не ја нападна Грузија во 2008 година. Русија го стори тоа. НАТО не ја нападна Украина во 2014 година, а повторно и во 2022 година. Русија го стори тоа.

Русија беше таа што ја нападна Украина под изговор дека врши „денацификација“ наратив што е пропаганден и дебанкиран.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.