Противречностите на прорускиот кандидат за градоначалник на Скопје, Зоран Јовановски

Published on:

Илустрација: Вистиномер

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Јовановски се претставува како „вмровец“, но угостува великосрпски четници во својот подкаст, по што ламентира по партизанот Тито, но и по неговите противници Ченто и СССР, додека антиквизацијата ја помирува со панславизмот, а православието и десничарството со комунизмот. Сето тоа е измешано во ставовите на овој кандидат на локалните избори, кој е наводно независен, иако зад него стои партијата Единствена Македонија, а тој е близок и со руската амбасада

 

Пишува: Вангел Башевски

 

На локалните избори на 19.10.2025 г. учествуваа неколку кандидати, кои ја нагласуваа својата проруска определба, иако локален политичар треба да се бави со локални, а не светски проблеми. Тука се истакна Зоран Јовановски, но не толку со својата програма, ниту со голем број на добиени гласови (вкупно: 404), туку со неговите противречни ставови, кои дури одат во апсурд.

 

„Вмровецот“ Јовановски промовира великосрпски четници

Јовановски се претставува како „вмровец“, т.е. како член на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која тврди дека е наследничка на историското ВМРО. Колку тоа тврдење држи е дискутабилно, но, како и да е, тоа „вмровство“ подразбира заложби за македонска самостојност, но Јовановски во својот подкаст го угости великосрпскиот четник Братислав Живковиќ.

Тоа не беше дебата или судир на ставови, туку Јовановски го водеше интервјуто благонаклоно и без незгодни прашања, а го започна со поздрав користен од српските четници („Помоз бог!“), по што гостинот пријателски го ословуваше со „друже“.

Живковиќ подоцна загина како проруски доброволец во војната против Украина, што ни кажува дека тој не бил само пропагандист, туку тој се борел за своите идеи со пушка в рака, и тоа уште во Босна во 1990-тите, па ако југословенските војни ја опфатеа и тогашна Република Македонија, логично е да се претпостави дека тој би се борел и против неа.

Но, во подкастот тој непречено и со гордост говореше за тоа како во 1903 г. било основано четничкото движење за „ослободување на Јужна Србија“, т.е. за српска анексија на Вардарска Македонија. Српското четничко движење се борело против ВМРО и врбувало и локални помагачи како Мицко Крстевски, кој дури го држел Даме Груев, еден од основачите на ВМРО, во едномесечно заложништво.

Тука би потсетиле и на ВМРО од времето на Иван Михајлов, кога неговиот егзекутор Владо Черноземски со поддршка на хрватските усташи, го убил српскиот и југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ.

Се разбира, нам не ни е целта ширење омраза, туку просто укажуваме дека ВМРО и српските четници биле непријатели и дека Јовановски е недоследен во таа своја „вмровска“ определба.

 

Независен кандидат и наводен експерт за руско-украинските односи

Јовановски се претставува како експерт за руско-украинските односи, но во нашиот напис „Манипулации околу Зеленски и Украина, нејзината демографија и историја“, ние аргументиравме дека Јовановски нема ни некои основни познавања за Украина, па ни за Русија.

Неговата „експертиза“ се сведува на папагалско повторување на пропагандните наративи на Кремљ, а ние не најдовме релевантен и кредибилен извор кој потврдува дека Јовановски е експерт.

Тоа не го споменува ни Единствена Македонија, проруската партија која застана зад него на изборите и која едноставно го опиша како дипломиран правник. Партијата во која тој членува, ВМРО-ДПМНЕ, не застана зад него, иако тој тврди дека „огромното мнозинство“ во неа е проруско.

Јовановски вели дека е независен кандидат, само формално поддржан од политичка партија, но со оглед на неговата блискост со руската амбасада, со чии манипулации повеќепати сме се занимавале, таа независност е под голем знак прашалник.

 

Тито и СССР, левичари и десничари

Јосип Броз-Тито ги гонел поборниците за самостојна Македонија, но, иронично, Јовановски шири југоносталгија, а при гостувањето на дипломатот Ристо Никовски во неговиот подкаст, тие дури заедно позираа со сликата на Тито.

Тоа не оди заедно ни со веќе споменатите српски четници, против кои Тито се борел, а мета на неговите репресии бил Методија Андонов-Ченто, кому Јовановски исто така му посветува објави.

Јовановски ламентира и по СССР, со кого Тито се судрил во 1948 г., по што симпатизерите на СССР завршувале в затвор на Голи Оток, но Јовановски тоа го занемарува. Во тоа негово ламентирање се забележуваат левичарски тенденции (на пр. на читателите тој им го честита 1 мај), но во други објави тој со радост јавува дека низ Европа е во пораст десницата, па најдете логика.

 

Проруски вмровец

Јовановски ја води фејсбук-групата „Проруски ВМРОвци“, но историското ВМРО и Русија немале соработка и дури имале лоши односи, што го изложивме во написот „Руски псевдоисториски манипулации со Македонците“.

Таму се осврнавме и на рускиот конзул во османлиска Битола, Александар Ростковски, за кого Јовановски прави голема помпа и сака да му подигне споменик – како што вети пред изборите. Конзулот е запаметен по тоа што понекогаш се заложувал за поробеното месно население, но тоа немало врска со официјалната политика на Русија, башка што тој имал негативен став за ВМРО.

Редок исклучок од тие тензии меѓу ВМРО и Русите имало во 1924 г. Тогаш имало обид за соработка на ВМРО на Тодор Александров со СССР, но и тоа било контроверзно, а и неуспешно.

Левите и десните фракции во македонското револуционерно движење тогаш требале да се помират и здружено да се борат за ослободување и обединување на Македонија, која би влегла во Балканска Федерација, слична на СССР. Во тоа би им помагал СССР преку неговото политичко орудие – Коминтерната (Комунистичката интернационала).

Тоа не било поведено од „братска љубов кон Македонија“, туку Москва сакала да ја искористи ВМРО за свои цели, па затоа Александров се откажал од тоа, барем тоа е впечатокот од декларацијата на ВМРО бр. 772, но има и други толкувања за тоа откажување.

Левите и десните фракции не се обединиле, но организација под назив ВМРО (Обединета), сепак, била создадена, а во неа, всушност, членувале главно левичари како Димитар Влахов и таа практично била марионета на СССР и Коминтерната. Башка, ВМРО (Об.) се бавела главно со публицистика и не кревала востанија. Тоа беа ретки и не баш блескави примери за соработка на Русија со некакво ВМРО.

СССР и Коминтерната тогаш го помагале и албанскиот Косовски комитет, турскиот лидер Кемал АтатуркИрската републиканска армија, кинескиот Куомитанг и сите оние, кои вршеле работа за дестабилизација на капиталистичките земји: Британија, Франција, Кралството Југославија итн.

СССР дури повикувал на џихад (исламска света војна) против колонијалистите на Блискиот Исток, а во други делови на светот пласирал други наративи, соодветни за тамошната публика.

 

Различни наративи пред различна публика

Јовановски е близок со руската амбасада, па можеби таа преку него сака да привлече најразлични сегменти од нашето општество, пласирајќи му на секој од нив она што тој сака да го чуе.

Кремљ пласира различни наративи пред различна публика, па, на пример, левичарите ги привлекува со советското минато, а десничарите со религија, конзервативност, хомофобија и сл.

Кај нас, да речеме, Кремљ може да ја поддржи партијата Левица, но во друга земја – „трули капиталисти“ како Доналд Трамп или десничари како Марин Ле Пен и Матео Салвини.

Русија прима мигранти од Узбекистан, Таџикистан и други екс-советски републики, претежно муслимани, но во западните земји подбуцнува антиимигрантски и исламофобни протести како оние на Алтернатива за Германија и ПЕГИДА, со цел да ги дестабилизира тие земји.

На Блискиот Исток, пак, Кремљ соработува со Хамас, Хезболах, Иран, Хутите и Талибанците, па таму пласира происламски, антиамерикански и антиизраелски наративи.

Кај нас Кремљ изразуваше поддршка за нашето уставно име во спорот со Грција, но таму поддржуваше грчки националисти, со цел да не се најде компромис за името и за ние да не влеземе во НАТО.

Така функционира таа тактика на Кремљ, но Јовановски можеби се збунил, па пласира различни наративи пред една иста публика, а таа, што е најтрагично, не ги забележува противречностите и не реагира на нив, судејќи по коментарите под неговите објави.

Или, пак, можеби во тоа што го прави Јовановски и нема некоја тактика, туку тој, просто, нема јасно оформени ставови. Трето објаснување нема.