Путин го блокира мирот, а не Зеленски и Европејците

Published on:

Фото:Frauke RietherPixabay

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Објава на Фејсбук неосновано тврди дека Зеленски е против мирот, иако на 11.3.2025 г. тој го прифати предлогот на САД за 30-дневно примирје со Русија, што е вовед за трајниот мировен договор и за што неговите европски партнери предлагаат свои мировници, а САД со спортски речник дадоа до знаење дека „топката“ е сега кај Русија и дека таа треба да докаже дека е за мир, но таа тоа не го прави или го прави мошне слабо. Таа одбива компромиси и постојано нешто бара, а на 18.3.2025 г. таа едвај прифати 30-дневен прекин на напади само врз енергетската инфраструктура, па Русија е таа која го блокира мировниот процес

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

ЗЕЛЕНСКИ ГО БЛОКИРА МИРОТ – ВРЕМЕ ДА ГО СТАВАТ НА СТРАНА ПРЕД ДА ГО ВОВЛЕЧЕ СВЕТОТ ВО ВОЈНА!

Сега, тој одбива каков било прекин на огнот што вклучува територијални отстапки

Путин стави на маса реални услови за прекин на огнот.

Изнесените тврдења се невистинити и тука до израз доаѓаат и двојните стандарди на проруските пропагандисти, во кои спаѓа и авторот на објавата, а реалната состојба е следна.

На 28.2.2025 г. Володимир Зеленски се сретна со Доналд Трамп во Белата куќа, при што бараше безбедносни гаранции за Украина, зашто, дури и најавениот мировен договор да биде постигнат, Русија би можела да го прекрши.

Трамп ја протолкува постапката на Зеленски како условување од страна на некој, кој не е во позиција да условува, по што го критикуваше како некооперативен и неподготвен за мир. Тоа го пренесуваат и (про)руските пропагандисти, но тоа не е точно. Зеленски никогаш не отфрли мир и само бараше гаранции за тој да биде одржлив.

Трамп го притисна Зеленски со прекин на воената помош, за тој безусловно да прифати мир по мерката на Трамп, што Зеленски го стори. На 11.3.2025 г. Трамп изјави дека Украина го прифатила предлогот за 30-дневен прекин на огнот, а тоа примирје е вовед за трајниот мировен договор. Државниот секретар на САД, Марко Рубио, тогаш се изрази со спортски речник дека „топката“ е сега кај Русија и дека следниот потез мора да го направи таа, т.е. на неа е да докаже дека е за мир.

Арно ама, Владимир Путин на тоа не даде јасен и дециден одговор. Тој изјави дека, во принцип, тој е за примирје, но дека има некои финеси, кои најпрвин треба да се „испеглаат“. Тоа значи дека неговото прифаќање е условно и со резерви, што Зеленски го толкува како практично отфрлање на мирот, инаку, Русија би го прифатила примирјето без усложнувања.

Дури на 18.3.2025 г. Путин едвај се согласи за 30-дневен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, но тоа е нецелосно прифаќање на замисленото примирје.

Излегува дека Русија е таа која го кочи мировниот план или селективно го исполнува и таа постојано поставува услови, кои се далеку подрастични од оние на Зеленски, но (про)руските пропагандисти не го обвинуваат Путин дека е против мирот како што го обвинуваа Зеленски, што е двоен стандард.

Објавата вели дека Путин ставил на маса реални услови за прекин на огнот, но некои од нив не се нималку реалистични, а се работи за следново.

На 18.3.2014 г. Русија илегално го анектираше Крим, а на 30.9.2022 г. и четири области: Донечката, Луганската, Запорошката и Херсонската, но без да ги заземе во целост, па таа анексија е во голем дел само на хартија. Путин го води Запорожје како „град во Русија“ и по устав и закон, иако не го зазеде, што важи и за Славјанск и Краматорск, а иако го зазеде градот Херсон, на 11.11.2022 г. го загуби, па сега се јавува следниов проблем.

Првичната идеја за мировниот план беше состојбата на фронтот да се „замрзне“ и секоја од страните да задржи под контрола само она што реално го држи, а договорен трансфер на територии од украинска под руска контрола или обратно не беше споменувано.

Според тој првичен план, Запорожје, Херсон и други места врз кои Русија претендира, а кои реално не ги држи, би останале под украинска контрола. Затоа Русија сега нереалистично бара Украина договорно да се повлече од тие територии.

И, Русија бара териториите, кои таа ги анектирала, да бидат признаени како нејзини полноправни делови, што Украина, а и светот веќе одамна го отфрлија со резолуциите на ООН 68/262 и ES-11/4. Украина ја прифаќа реалноста дека сега не може да ја врати контролата врз сите свои територии, но не прифаќа да ги признае како полноправен дел од Русија, туку би ги водела како привремено окупирани. Тоа значи дека Украина има некои „црвени линии“, но, сепак, прифаќа некаков компромис, а Русија тоа не го прави или тоа го прави многу слабо или селективно.

Русија постојано нешто бара или одбива, како ова да не се преговори, во кои обете страни треба да направат компромис. Таа се однесува небаре ѝ нанела на Украина решителен пораз и небаре Украина сега треба да потпише безусловна капитулација.

Исто така, Русија бараше Украина за пет пати да ја намали војската, да не влегува во НАТО, да му даде поголеми привилегии на рускиот јазик и на Украинската православна црква, која порано беше под Московската патријаршија и во која има доста проруски свештеници, а за возврат Русија не нуди многу.

Објавата понатаму вели:

Зеленски нема легитимитет. Нема избори.

Тој нема мандат – на украинскиот народ му беа одбиени изборите.

Тоа е неточно. Согласно чл. 11, став 3 од Законот за воена состојба на Украина, мандатот на претседателот се продолжува, а согласно чл. 19, став 1, избори притоа не се одржуваат, па Зеленски е легитимен претседател.

Објавата го вели и следново:

Неговите западни управувачи го користат за да го турнат НАТО во директен конфликт со Русија.

ДОСТА Е. Зеленски и европските глобалисти треба да бидат настрана пред да предизвикаат нешто незамисливо.

И ова е неточно. НАТО-пактот е на руските граници уште од 1949 г. преку Норвешка, а подоцна во него влегле: Полска (1999), Балтикот (2004) и Финска (2023), па ако НАТО сакал да ја напаѓа Русија, тој имал од каде тоа да го стори и за тоа не му треба Украина.

НАТО не ја напаѓа Русија, туку Русија ја нападна Украина, најпрвин на Крим и потајно во Донбас во 2014 г., што на 24.2.2022 г. прерасна во отворена и сеопфатна агресија.

Европејците го прифаќаат мировниот план и предлагаат свои мировници, кои би пазеле на неговото спроведување, но Русија тоа го одбива, што е доказ повеќе дека таа го кочи мирот. Со оглед дека таа го започна конфликтот, нормално е Европејците да немаат доверба во неа и да мислат на својата одбрана, а и да ја помагаат одбраната на Украина, но тоа не значи дека планираат да ја нападнат Русија.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.