Владимир Путин при посетата на командното место на групата Курск, 12.март 2025 Фото: kremlin.ru
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Вистиномер не успеа да најде вест дека Путин издал декрет со кој на Африканците им се отвора патот за руско државјанство, за вработување и служење воен рок, како што тоа го тврди објавата. Таква информација не најдовме ниту на официјалната веб-страница на претседателот на Русија. Путин во неколку наврати досега има потпишано декрети со кои им се олеснува на странците кои се пријавуваат во руска војска да дојдат до руско државјанство, но посебен декрет само за Африканци, нема
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Рускиот Претседател Владимир Путин издаде декрет со кој на Африканците им се отвора врата за Руско државјанство, запослување и служење на воен рок.
Последната вест што успеавме да ја најдеме, а е поврзана со тоа дека рускиот претседател потпишал некаков декрет, е онаа за пролетната мобилизација на руски војници.
Русија ќе започне пролетна кампања за регрутирање, во која ќе учествуваат 160.000 луѓе на возраст од 18 до 30 години, се вели во декретот потпишан од претседателот Владимир Путин на 31 март, пренесува Либертас.
Вистиномер не успеа да најде вест дека Путин издал декрет со кој на Африканците им се отвора патот за руско државјанство, за вработување и служење воен рок, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме.
Таква информација не најдовме ниту на официјалната веб-страница на претседателот на Русија.
Путин во јануари 2024 година потпиша декрет со кој го забрза патот за добивање државјанство за странците кои ќе се пријават во руската војска.
Путин првпат дозволи брзо државјанство за странците кои потпишуваат договори со руската армија во септември 2022 година, набргу откако најави делумна мобилизација на 300.000 резервисти за Украина.
На оние имигранти кои потпишале договор за најмалку една година и учествувале во активни воени дејствија најмалку шест месеци, им било дозволено да аплицираат за државјанство без да покажат доволно познавање на руски јазик или дека живееле во земјата пет години по ред со дозвола за престој. Право да аплицираат имаа и сопружници и деца. Властите беа обврзани да одлучат за таквите апликации во рок од три месеци, според тогашниот претседателски декрет.
Друг декрет на Путин од мај 2023 година дополнително ја поедностави процедурата: клаузулата за учество во активни воени дејствија најмалку шест месеци беше отстранета, а на секој што потпишал барем едногодишен договор за време на „специјалната воена операција“ на Кремљ во Украина, како и на нивните сопружници и деца, им беше дозволено да аплицираат во брзата процедура.
Декретот потпишан во јануари 2024, го направи патот на државјанството уште побрз, посочувајќи дека одлуката за таквите барања не треба да трае повеќе од еден месец, наместо три, пренесе АП.
Значи, Путин има потпишано декрет со кој на странците кои се пријавуваат да служат во руската војска им се олеснува процесот за аплицирање и добивање на руско државјанство, но нема потпишано посебен таков декрет за Африканците.
Што се однесува до учеството на Африканци во руската војска, Африканскиот одбранбен форум (АФД) на 7 јануари 2025 година, објави дека Русија ги мами Африканците да водат војна во Украина.
Руската пропаганда често ги истакнува приказните за доброволци од „пријателски“ или „неутрални“ африкански народи кои се приклучуваат на армијата за да се борат во Украина, но многу од овие регрути воопшто не волонтирале. Тие беа испратени во првите редови со измама и принуда.
Од почетокот на 2024 година, вкупно 3.344 странски државјани кои заминале да се борат во Украина добиле руско државјанство, соопшти руското Министерство за внатрешни работи, пишува АФД.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.