Путин не стави крај на ковид-пандемијата, ниту Израел со нападот врз Иран ставил крај на војната во Украина

Published on:

Илустрација: Вистиномер.мк

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Имунизацијата и прележаните инфекции, а не Путин и неговата воена инвазија врз Украина, допринесоа да се стави крај на ковид пандемијата. Што се однесува до тврдењето во објавата дека Нетанјаху, со нападот на Израел врз Иран го ослободил светот од Украина, исто така не држи вода. Прво, Украина не е агресор и закана по светската безбедност, па светот се ослободува од неа. Русија продолжува со својата воена агресија, а за тоа известуваат светските и домашните медиуми

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

На 24 февруари 2022 година, Путин за еден ден чудесно го ослободи целиот свет од коронавирусот. Дали на 13 јуни 2025 година Нетанјаху не помалку чудесно го ослободи целиот свет од Украина !?

Не е точно наведеното во објавата дека „Путин за еден ден чудесно го ослободил целиот свет од коронавирусот“. Временскиот период на прогласувањето крај на ковид-19 како глобална здравствена вонредна состојба и времето кога Путин ја нападна Украина не кореспондираат. Агресивната неиспровоцирана воена инвазија на Русија врз Украина се случи на 24 февруари 2022 година. СЗО прогласи крај на ковид 19 како глобална здравствена вонредна состојба на 5 мај 2023 година. Двата настани не се поврзани меѓу себе, а уште помалку Путин имал некакво дејство врз крајот на ковид-19 пандемијата. За крајот на пандемијата придонесоа други, епидемиолошки фактори.

Една година пред прогласувањето на крајот на ковид-19 како глобална здравствена вонредна состојба, пандемијата беше во надолен тренд поради тоа што имунитетот на населението се зголемуваше поради вакцинацијата и прележаните инфекции. Во овој период смртноста се намалуваше, а се намалуваше и притисокот врз здравствените системи. За целиот тој период, Комитетот за итни случаи и Светската здравствена организација внимателно ги анализираа податоците размислувајќи кога би било вистинското време да се намали нивото на тревога околу пандемијата.

Вчера, Комитетот за итни случаи се состана по 15 пат и ми препорача да прогласам крај на вонредната состојба за јавно здравје од меѓународен интерес. Го прифатив тој совет. Затоа, со голема надеж го прогласувам ковид 19 за завршен како глобален здравствен итен случај. Сепак, тоа не значи дека ковид 19 не е повеќе глобална здравствена заканаизјави на 5 мај 2023 година генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.

Итната состојба со ковид заврши, но додека траеше беше одбележана со варијанти на коронавирусот како што се делта и омикрон коишто предизвикаа зголемување на случаите и хоспитализациите. Во текот на пандемијата вакцините против ковид 19 спасија милиони животи. Од крајот на јануари 2022 до мај 2023, дневните пријавени случаи на ковид се намалија за 92 проценти, а смртните случаи за 80 проценти. Исто како и новите хоспитализации кои се намалија за 80 проценти во овој временски интервал.

Токму ова, а не Путин и неговата воена инвазија врз Украина, допринесоа да се стави крај на ковид пандемијата.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека Нетанјаху, со нападот на Израел врз Иран го ослободил светот од Украина, исто така не држи вода. Прво, Украина не е агресор и закана по светската безбедност, па светот се ослободува од неа. Русија продолжува со својата воена агресија, а за тоа известуваат светските и домашните медиуми.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека ниту Путин ставил крај на ковид-пандемијата, ниту Израел со нападот врз Иран ставил крај на руската воена инвазија врз Украина.

Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистина.