Путин немал никакво влијание врз крајот на ковид пандемијата

Published on:

Графичка илустрација на митското Хазарско царство (Фото: Принтскрин)

Агресивната неиспровоцирана воена инвазија на Русија врз Украина се случи на 24 февруари 2022 година. СЗО прогласи крај на ковид 19 како глобална здравствена вонредна состојба на 5 мај 2023 година. Двата настани не се поврзани меѓу себе, а уште помалку Путин имал некакво дејство врз крајот на ковид 19 пандемијата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува наслов од „Дејли Мејл“ за студија според која „Носењето маска ве прави поатрактивни за спротивниот пол“ од 2022 година и пишува:

Еден месец подоцна маската беше заменета со знамето на Украина како врвен афродизијак… Сè уште не може да се разбере зошто Путин не ја доби Нобеловата награда како најдобар исцелител во историјата на човештвото. Тој ја запре светската пандемија со неговиот напад врз Украина. Едно место, еден напад – нула ковид низ светот.#KazarianMafia
Не е точно наведеното во објавата дека „Путин ја запрел светската пандемија со неговиот напад врз Украина“. Во објавата со последниот дел „казаријан мафија“ се алудира и на теорија на заговор за која ќе објасниме подолу. Најнапред, временскиот период на прогласувањето крај на ковид 19 како глобална здравствена вонредна состојба и времето кога Путин ја нападна Украина не кореспондираат. Агресивната неиспровоцирана воена инвазија на Русија врз Украина се случи на 24 февруари 2022 година. СЗО прогласи крај на ковид 19 како глобална здравствена вонредна состојба на 5 мај 2023 година. Двата настани не се поврзани меѓу себе, а уште помалку Путин имал некакво дејство врз крајот на ковид 19 пандемијата. Други, епидемиолошки фактори имаа. Крајот на ковид пандемијата се случи година и 3 месеци по почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина.
Една година пред прогасувањето на крајот на ковид 19 како глобална здравствена вонредна состојба, пандемијата беше во надолен тренд поради тоа што имунитетот на населението се зголемуваше поради вакцинацијата и прележаните инфекции. Во овој период смртноста се намалуваше а притисокот врз здравствените системи се намалуваше. За целиот тој период Комитетот за итни случаи и Светската здравствена организација внимателно ги анализираа податоците размислувајќи кога би било вистинското време да се намали нивото на тревога околу пандемијата.

 

Вчера, Комитетот за итни случаи се состана по 15 пат и ми препорача да прогласам крај на вонредната состојба за јавно здравје од меѓународен интерес. Го прифатив тој совет. Затоа, со голема надеж го прогласувам ковид 19 за завршен како глобален здравствен итен случај. Сепак, тоа не значи дека ковид 19 не е повеќе глобална здравствена заканаизјави на 5 мај 2023 година генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус.

 

Итната состојба со ковид заврши, но додека траеше беше одбележана со варијанти на коронавирусот како што се делта и омикрон коишто предизвикаа зголемување на случаите и хоспотализациите. Во текот на пандемијата вакцините против ковид 19 спасија милиони животи. Од крјаот на јануари 2022 до мај 2023, дневните пријавени случаи на ковид се намалија за 92 проценти, а смртните случаи за 80 проценти. Исто како и новите хоспитализации кои се намалија за 80 проценти во овој временски интервал.

Токму ова, а не Путин и неговата воена инвазија врз Украина допринесоа до крај на ковид пандемијата.

Во објавата се споменува терминот „казарска мафија“ кој се актуелизираше по почетокот на воената инвазија врз Украина. Приврзаниците на оваа теорија на заговор го користат терминот „хазарската мафија“ за да ја оправдаат, па дури и да ја прослават инвазијата на Русија.

Овој заговор алудира на верувањето дека модерното источноевропско еврејство потекнува од народ познат како Хазари, кој наводно преминал во јудаизам во осмиот век и живеел во денешна Украина. Приврзаниците на оваа теорија на заговор тврдат дека упадот на Путин во Украина бил средство за да ù се помогне на земјата да се спротивстави/да ја отфрли инвазијата на „хазарските Евреи“, пишува на страницата на АДЛ, водечката организација формирана во 1913 година со мисија да ги сопре клеветите против Евреите и која се бори против антисемитизмот.
И проверувачите на факти на „Мит Детектор“ пишуваат дека популарноста на оваа теорија на заговор пораснала во контекст на руската воена инвазија врз Украина.
Според следбениците на теоријата, Хазарските Евреи престојуваат во Украина, а нападот на Русија врз Украина ќе и помогне на земјата да се ослободи од нивната доминација. Доказите за оваа содржина активно се шират од следбениците на движењето Кју Анон кои тврдат дека последниот центар на „Хазарската мафија“ се наоѓа во Украина и дека од таму се води „длабоката држава“, пишува „Мит Детектор“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.