Фото:Mediamodifier from Pixabay
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Зеленски, ЕУ и НАТО не се тие кои ја почнаа војната во Украина и дека не се директни виновници за жртвите, како што манипулативно тврди објавата. Од почетокот на руската воена инвазија на Украина пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите и да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто неиспровоцирана ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година. Украина како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Милион млади мажи загинати и уште толку трајно осакатени. Цела една генерација на душа ги носи полудениот Зеленски заедно со ЕУ и НАТО.
Војната заврши.
Тврдењето дека Зеленски, заедно со ЕУ и НАТО ја вовлекол Украина во војна и поради тоа „цела една генерација на душа ги носи“ е погрешно и манипулативно и потсетува на честите дезинформациски наративи на Кремљ.
На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.
Опсегот на рускиот напад беше масовен дожд од ракети истурен врз украинските градови, додека руските копнени трупи наголемо влегуваа на украинска територија од повеќе правци. Украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека земјата била цел на напад од крстосувачки и балистички ракети, а особено се целело кон инфраструктурата во близина на големите градови како Киев, Харков, Мариупол…, објави тогаш Дојче веле.
На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014-тата година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.
Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година. Да се очекува од Украина да седи со скрстени раце би значело дека граѓаните на Украина се согласуваат со тоа да бидат окупирани и територијално преземени од Русија, што не се случи. Украина како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија.
Украинскиот претседател Зеленски е најважната дезинформациска мета на Кремљ. Тој постојано е обвинуван дека е марионета во рацете на западните сили, дека ја вовлекол Украина во војна и слично. Факт е дека Зеленски е присилен да се брани од руската агресија во што му помагаат НАТО и ЕУ.
ЕУ ѝ пружа воена и финансиска помош на Украина која има право да се брани од воената руска инвазија и да го штити својот територијален интегритет.
ЕУ и нејзините земји-членки се обединети во нивната непоколеблива поддршка за Украина и цврсто ја осудуваат руската брутална воена агресија против Украина и нелегалната анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Од февруари 2022 година, Европскиот совет и Советот на Европската Унија редовно се состануваат за да разговараат за ситуацијата во Украина од различни перспективи.
Русија мора веднаш да ја прекине оваа страшна војна. Европската унија ќе застане до Украина со својата цврста поддршка онолку долго колку што е потребно, стои во заклучоците на Европскиот совет од 9 февруари 2023 година.
Лидерите на ЕУ во неколку наврати побараа Русија веднаш да ги прекине своите воени акции, безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Тие го истакнаа правото на Украина да ја избере својата судбина и го пофалија народот на Украина за нивната храброст во одбраната на својата земја.
ЕУ покажа единство и сила и ѝ обезбеди на Украина хуманитарна, политичка, финансиска и воена поддршка.
НАТО исто така ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците, ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана. Воената помош вклучува оружје, опрема и финансиска помош за украинската војска. Хуманитарната помош опфаќа медицински, прехранбени и други производи за цивилите, додека финансиската помош доаѓа во форма на грантови, заеми и гаранции.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека Зеленски, ЕУ и НАТО не се тие кои ја почнаа војната во Украина и дека не се директни виновници за жртвите. Русија изврши воена инвазија врз својата соседна земја и покрај апелите на меѓународната заедница да не го прави тоа. Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.