Русија не е моќна „мечка“ како што ја персонифицираат нејзините глорификатори

Published on:

Фото: Уништувањето во Буча кај Киев, по ослободувањето од украинската војска. Извор: public domain,CC0 1.0

Објава на Фејсбук ја опишува Русија како мечка на која Украинците и Западот сакаат да ѝ влезат во дувлото и да ја уловат, иако се некадарни за таков подвиг. Но, како прво, споредбата на Русија со мечка гонета од ловци е неточна, затоа што таа држава не е мета на агресија, туку агресор, и како второ, како одговор на нејзиното однесување, Украинците упаднаа на нејзина територија, во Курската Област, што е прв странски воен упад во Русија по 1941 г. 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук е илустрирана со слика, на која непознати лица се соочуваат со една заканувачки исправена мечка, а врз сликата е додаден следниот текст:

Отидовме да м*чаме, ама се испос*авме…

На почетокот има и текст во кој се вели:

Слика од Г.Г. (САД) и О.К. кои решија да му мочаат во дворот на Путин. Арно ама кога покрај оградата на дворот им се исправи руската мечка, со назнака дека нема за тој потез укронацистите, зад кои Г.Г. (САД) и О.К. сакаат да се кријат и понатаму, туку дека нив ќе ги јаде, СЕ ИСПОС*АА ОД СТРАВ, и ЦУРИХ брзо, брзо назад, си го повлекоа тоа што го велеа и лајното в уста прскалица назад дома.

Во лов на мечки оди тој кој има знаење, капацитети, но и храброст, а не оној кој само сака, има желба да лови мечки. Таквите кои имаат само желба и тргнале, се враќаат испос*ани дома, ако имаат среќа да се вратат живи и во едно парче, а не со нозете напред или парче по парче.

Објавата шири веќе познатата пропагандистичка теза дека Украинците не водат легитимна борба против руската агресија, туку дека зад тоа стои „обид на Западот да продре во Русија“.

Така, објавата тврди дека Западот посакал (метафорички речено) да врши нужда во дворот на мечката (која е персонификација на Русија), па за таа цел ги врбувал Украинците, но мечката му скокнала и го набркала. Објавата заклучува дека за „лов на мечки“ треба храброст, знаење и капацитет, што Западот и Украинците не го поседуваат.

Меѓутоа, Русија не е мета на агресија (како мечка гонета од ловци), туку агресор и таа речиси сета се состои од заграбени територии: Чеченија, Дагестан, Татарстан, Башкортостан, Удмуртија, Бурјатија, Јакутија, Чукотка и др. Во царските времиња, под рускиот јарем била и Украина.

Ако се осврнеме на поновата историја, Русија започна со агресија врз Украина уште во 2014 г., а кулминација на тоа беше сеопфатната инвазија, започната на 24.2.2022 г.

Притоа, Русија беше поразена во битките за Киев и Харков и го загуби единствениот обласен центар кого тогаш го освои, Херсон, и нејзе ѝ беше потопен крстосувачот Москва. Украинците ја пренесоа војната во Русија, гаѓајќи бази, аеродроми и рафинерии, особено во Белгород, но дури и во Москва. На 3.5.2023 г. мета на дрон беше и Кремљ.

Во Украина беа формирани паравојски на руските опозиционери како РДК, кои повеќепати упаѓаа во Русија, за на 6.8.2024 г. тоа да го стори и украинската војска. Тоа е прв странски воен упад во Русија по 1941 г. Метафорично кажано, Украинците притоа не налетале на мечка, која им покажала заби, туку на некаква тромава мечка во длабок зимски сон.

За само 48 часа, Украинците во Русија зазедоа територија, која е дури поголема од онаа која тие ја ја ослободиле во Украина во летната контраофанзива во 2023 г.

Кремљ се обиде го омаловажи овој упад со лажни вести дека тој е сузбиен, но тоа веќе не можеше да се крие. На 12.8.2024 г. гувернерот на Курската Област, Алексеј Смирнов, му рапортираше на Владимир Путин дека Украинците зазеле дури 28 населени места.

На 19.8.2024 г. Володимир Зеленски изјави дека Украинците зазеле 92 населени места или 1250 км², што за гигант како Русија е можеби мала загуба, но тоа е голем удар врз авторитетот на една суперсила. Украинците евидентно имаат храброст, знаење и капацитет, а каде е тука храброста, знаењето и капацитетот на Русија? Нејзе ѝ требаше повеќе од еден месец за да поведе контраофанзива, која е сега во тек.

Објавата создава впечаток дека САД и Обединетото Кралство го подбуцнале овој упад и на некој начин биле вмешани во него зад грбот на Украинците, но за тоа не нуди доказ. Ако тие земји практично ја нападнале Русија, таа треба да ги прекине дипломатските односи со нив и да им објави војна или во најмала рака да ги алармира за тоа ОН, но Русија тоа не го прави. САД и Британија не ја нападнаа Русија, туку Русија ја нападна Украина, а таа се брани.

Западот води претпазлива политика кон Русија, па на Украинците дури им наложува низа ограничувања околу оружјето кое им го дава. Малку веројатно е дека Западот би подбуцнал крајно ризичен упад на тлото на една нуклеарна сила. Тој беше изненаден од таа украинска операција, а САД изјавија дека не биле известени за тој план. Ако авторот на објавата поседува тајни документи од ЦИА или Пентагон, кои велат нешто друго, тогаш нека ги објави.

Објавата ја повторува и пропагандистичката теза дека украинските сили се „укронацисти“. Но, иронично, претседателот на Украина, Зеленски делумно има еврејско потекло, а со закон донесен на 9.4.2015 г., таа ја забрани нацистичката идеологија. Како и секаде, понекои нејзини следбеници има и во Украина, но тие се маргинални и не се на власт. Иронично е и тоа што против Украина војуваат руски неонацисти како Антон Раевскиј и Алексеј Миљчаков со одредот Русич.

Објавата главно се состои од паушални тврдења, со мала доза на вистина во смисла на тоа дека Западот е недоволно смел по однос на Русија, па објавата ја оценуваме како делумно невистинита.