Русија не зазела уште еден град во Украина, туку мало село

Published on:

Фото: Sammy-Sander auf Pixabay

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Објава на Фејсбук споделува медиумска вест дека руските сили зазеле уште еден град во Украина, што го поткрепува со извитоперена изјава на руското министерство за одбрана, кое, всушност, јавило за заземање на населен пункт, без да прецизира за какво населено место станува збор. Тука, всушност, се работи за село и тоа мало и слабо населено (и најверојатно веќе испразнето), кое едвај може да се најде на мапа, па затоа ваквото тврдење е неосновано

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува вест од еден македонски сајт, а таа е на тема на војната во Украина и носи сензационалистички наслов:

Русите зазедоа уште еден град

Веста е неточна, а споменатиот сајт се обидел да ја поткрепи со следниве зборови:

Александропољ во Донецката Народна Република беше ослободен со решителни дејствија на единиците на групата на сили „Центар“, се вели во соопштението на Министерството, пренесува ТАСС.

Тука сајтот се повикува на руското министерство за одбрана, но тенденциозно премолчува дел од она што министерството го изјавило, а што го пренела руската новинска агенција ТАСС. Она што е премолчено е следново (во превод од руски):

ослободен е населениот пункт Александропољ на Донечката Народна Република.

Значи, под контрола на руските агресори потпаднал одреден населен пункт, што тие лажно го опишуваат како „ослободување“ на територија, која, според нив, ѝ припаѓа на меѓународно непризнатата Донечка Народна Република (ДНР), но колку и тие да се озлогласени по пропагандата, тие барем не отишле дотаму да тврдат дека зазеле („ослободиле“) некаков град. Тоа самоволно си го додал споменатиот македонски сајт или можеби изворот од кого тој ја презел таа „вест“.

Во Украина има седум населени пунктови со таков назив (на руски: Александрополь, на украински: Олександропіль), но ниту еден од нив не е град, туку сите се села (линкови до нивната географска местоположба: 12345и 7). Порано имало и повеќе села со тој назив, но тие биле преименувани.

Три села, кои сега го носат тој назив, се во Донечката Област, т.е. на територијата врз која претендира т.н. ДНР, а руското министерство за одбрана се покажало крајно непрофесионално и дури не прецизирало кое од тие села сега било заземено („ослободено“).

Рускиот пропагандистички неделник Аргументы и факты тврди дека тоа било селото Александропољ во Краматорскиот Реон на Донечката Област, кое дури објективно го опишува како мало, а на таа локација упатува и Александар Коц, воен дописник на весникот Комсомольская правда, исто така руски пропагандист, според кого селото пред војната имало околу 150 жители. Заради војната, лани беше спроведена принудна евакуација на тамошните деца и нивните родители, што веројатно придонело селото поприлично да се испразни. Него претходно го наведовме под бр. 4.

Значи, дури и руските пропагандисти признаваат дека тоа е мало и слабонаселено село, додека споменатиот македонски сајт јавува за „заземање на град“, што звучи како голема воена победа, со што сајтот фактички излегол поголем руски пропагандист од самите руски пропагандисти. Вистиномер и претходно го забележувал тој сајт во ширење на лажни вести, кои потекнуваат од Кремљ.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита, а речиси истата содржина ја објавија и други македонски медиуми: тука и тука, па таа оценка важи и за нив.