Русите не заробиле офицери на НАТО во Украина

Published on:

Тенк на украинската армија (Фото: Ministry of Defense of UkraineCC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons)

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Македонските медиуми, кои пренеле за „заробувањето на британските офицери“, признале дека веста е непотврдена или користеле изрази како „наводно“, префрлајќи ја одговорноста за веста врз руските медиуми. Некои руски медиуми навистина известиле за „заробувањето на британски офицери“, но проблемот е во тоа што веста е лажна, а се работи за крајно опскурни и пропагандистички руски медиуми. Најрелевантните руски новински агенции како ТАСС и РИА Новости пишуваат за британски доброволци, кои се борат за Украина, но не отишле дотаму да тврдат дека биле заробени „офицери на НАТО“

 

 

Рецензираме објава од македонски медиум на социјалната мрежа Фејсбук, кај што се вели:

Руските медиуми објавија дека силите заробиле офицери на НАТО

Ова го пренесоа и некои други македонски медиуми на Фејсбуктукатукатука и тука, па рецензијата, која следи подолу се однесува и за нив.

Во објавата со која започнавме е споделен и линк до напис од македонски веб-сајт, кој вели:

Специјалните сили на Руската Федерација наводно заробиле неколку офицери на НАТО во украинскиот град Очаков, кои им помагале на украинските вооружени сили да гаѓаат ракети и беспилотни летала кон руски цивилни цели, објави Телеграм каналот „На Марше“, а објавија и неколку руски медиуми.

Потоа, сајтот ги цитира тие руски медиуми:

Вчера вечерта во Очаков, руските специјални сили слетаа од неколку бродови и навлегоа во командниот центар на украинските вооружени сили. Тие заробија британски војници кои ја координираа употребата на британски ракети и беспилотни летала.

Некои руски медиуми навистина известиле за таков настан, но проблемот е во тоа што веста е лажна, а се работи за крајно опскурни и пропагандистички руски медиуми како ГлавныйИнфо24 и Блокнот. Некои од нив како извор го користеле подеднакво опскурниот и пропагандистички Телеграм канал На марше или нему сличниот канал Милитарист, но и обата признаваат дека веста е непотврдена, а сепак ја шират. И обата канали им ја припишуваат таа вест на неименувани западни извори, што е крајно неубедлив аргумент.

Непотврденоста на таа вест ја признаваат и македонските медиуми, кои ја пренеле истата, па се поставува прашањето зошто тие пренесуваат такви непроверени вести и тоа од опскурни и сомнителни извори? Оваа вест не ја објавил ниту еден релевантен руски, украински или западен медиум. Независниот британски портал за безбедност и одбрана UK Defence Journal (UKDJ), пак, во меѓувреме потврди дека станува збор за дезинформација.

Веста, на која ѝ недостига било каква независна верификација, потекнува од извори поврзани со Русија и вклучува фабрикувани фотографии и фиктивни идентитети, се вели во проверката на UKDJ.

 

UKDJ пренесува и фотографија, објавена заедно со првичната дезинформација и од неа се гледа дека е направена со вештачка интелигенција и тоа особено ако поблиску се погледнат приложените пасоши, на чии насловни страници нема препознатливи букви и зборови, туку само недефинирани облици. Особено се забележува дека на едниот пасош во горниот дел од насловната страница вакви недефинирани облици има во три реда, а на другиот само во два реда, иако би требало да станува збор за исти британски пасоши.

Заробување на офицери на НАТО од страна на Русите би била вест од која би ечеле сите релевантни светски медиуми, особено затоа што и Русија и Британија се нуклеарни сили, а Русија би ги парадирала заробените пред камери, што за неа би бил пропаганден успех, но такво нешто не гледаме.

Ова не е првпат да се шират такви дезинформации. Така, во 2022 г. се ширеше лажна вест дека при заземањето на украинскиот град Мариупол, Русите заробиле американски генерал, а „доказ“ за тоа беше видеоклип од апсење на некое обично лице на Крим, кој беше лажно опишан.

Најрелевантните руски новински агенции како ТАСС и РИА Новости не споменуваат никаков руски поморски десант во Очаков, туку нешто сосема обратно: британски доброволци, кои се борат за Украина, наводно отпловиле од Очаков, со цел да се истоварат на островот Тендровска Коса, во што биле спречени од страна на руските сили, кои го држат под окупација и во тој момент го гранатирале Очаков. Најверојатно, оваа приказна потоа била извитоперена, па така се дошло до онаа за „рускиот поморски десант во Очаков“ и за тамошното „заробување на британски офицери“.

Странците кои доброволно се борат за Украина, Русија ги нарекува „наемници“, што не е точно и за што веќе сме пишувале, а таа етикета е употребена и во овој случај, но колку и ТАСС и РИА Новости да се пропагандистички медиуми, тие не отишле дотаму да тврдат дека биле заробени „офицери на НАТО“.

Дали некакви британски доброволци навистина извршиле таков десант во Тендровска Коса и дали притоа биле осуетени од Русите – тоа не е прашање со кое се занимава оваа наша рецензија, туку дали руските сили се истовариле во Очаков и дали таму заробиле офицери на британските регуларни воени сили. За такво нешто немаме никаков доказ, а В. Британија и не учествува во војната во Украина.

Ако во војната има вклученост на В. Британија, Кремљ тоа треба да го изложи пред ООН, да ги прекине дипломатските односи со В. Британија и да ѝ објави војна, но Кремљ такво нешто не прави.

Што е за право, македонските медиуми, кои пренеле за „заробувањето на британските офицери“, покажале доза на претпазливост, па или признале дека веста е непотврдена или користеле изрази како „наводно“, префрлајќи ја одговорноста за веста врз руските медиуми. Тоа, сепак, не ги амнестира од ширењето дезинформации и од користењето на сомнителни извори, со што нашата јавност можат да ја доведат во заблуда.

Земајќи го предвид сето досега наведено, заклучуваме дека некои руски медиуми навистина објавиле таква вест, но нашата јавност треба да знае дека тие се некредибилни и ирелевантни, а таа вест е невистинита.