Илустрација: Вистиномер.мк
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Путинистите ја плукаат Европа, нарекувајќи ја „Гейропа“ (Гејропа) и водат хибридна војна против неa и дури ѝ се закануваат со нуклеарна, но откако Трамп иницираше преговори за Украина, тоа плукање стивна, но тоа не е искрена желба за мир. За разлика од Трамп, Европејците се понепопустливи преговарачи, па Русија сака да ги омекне со наративот дека не треба да ја отфрлаат, дека „нема Европа без Русија“ и дека таа е „најголемата европска земја“ (иако таа е 77 отсто азиска). Украина, според тој наратив, е „поразена“ (иако војната не е ни завршена, а Путин не ги постигна зацртаните цели) и е „пречка за мирот“ меѓу Европејците и Русија, која нив ги мами и со поволни енергенси
Пишува: Вангел Башевски
Проруските пропагандисти кај нас, како и оние од соседна Србија, со години шират омраза кон Европејците, лепејќи им дури взаемно исклучувачки епитети како: нацисти, хомосексуалци и сатанисти управувани од Ватикан. Корените на тоа штетно странско влијание се во Кремљ, чии поддржувачи погрдно ја нарекуваа Европа – „Гейропа“ (Гејропа), а руските политичари и пропагандисти отворено ѝ се закануваа со војна, па дури и нуклеарна.
Арно ама, по сите тие смртни закани, тонот кај (про)руските пропагандисти волшебно се промени и ублажи – Европа веќе не е „Гейропа“, туку таа сега се повикува да ги затопли односите со Русија, но тоа не е искрено пружена рака, туку манипулација.
Сега се актуелни преговорите за војната во Украина, иницирани од Доналд Трамп, кој е донекаде попустлив кон Русија, а во нив се вклучија и Европејците, кои се понепопустливи, па подадената рака на Русија кон нив е само обид да се омекне нивниот отпор и тие да се претворат во европски еквивалент на Трамп. Тој во оваа приказна е претставен како позитивен пример на прагматичен и конструктивен политичар, кого Европејците треба да го следат.
Апсурд: Европа треба да ѝ биде партнер на Русија, а таа – гарант за европската безбедност
Една проруска објава вели (извадоци):
ЕУ ќе остане во лоши односи со Русија, а САД ќе почнат да градат партнерски односи со Русија.
ЕУ лидерите неколку години подоцна дозволија администрацијата на Бајден да успее да го испровоцира Путин да ја нападне Украина, а со тоа и целосно да ги наруши економските односи на Европскиот континент.
Можеби е време Европејците да ја сменат играта. Да се прифати воениот пораз во Украина со губење на што е можно помалку територија и да се почне со затоплување на односите со Русија преку брзо укинување на санкциите и поправка и ставање во погон на гасоводите од Русија. Можеби партнерството со Русија е најдобрата безбедносна гаранција за ЕУ.
Друга објава порачува нешто слично:
Без Русија нема европска безбедност.
Русија ја тероризирала Украина уште кога ЕУ и Џо Бајден не постоеле, па не држи тврдењето дека тие тоа го испровоцирале. Доказ за тоа се: руската злоупотреба на сојузничкиот Перејаславски договор (1654) со Украина, по што таа потпаднала под руските цареви; палежот на украинскиот град Батурин (1708) и на Запорошката сеча (1775); забраните за украинскиот јазик како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876); задушувањето на Украинската Народна Република (1918 – 1922) од страна на Советска Русија; како и Гладоморот и т.н. Стрелана преродба во 1930-тите.
И, Путин не ја нападна Украина во времето на администрацијата на Бајден, туку на Барак Обама. Во февруари-март 2014 г. Путин изврши агресија и илегална анексија на Крим, по што испрати агенти како Игор Гиркин-Стрелков за да го откинат од Украина и Донбас.
Така на 7.4.2014 г. никна т.н. ДНР, а пет дена подоцна Стрелков и неговите борци го нападнаа градот Славјанск, со што ја започнаа Донбаската војна. Во неа потајно се вклучуваа и регуларните сили на Русија, кои на 24.2.2022 г. тргнаа во отворена и сеопфатна агресија врз Украина.
Таа војна не е завршена, Украина не е поразена, а Русија не ги постигна зацртаните цели за т.н. денацификација (заземање на Киев и соборување на тамошната власт, која Русите лажно ја опишуваат како „неонацистичка“) и т.н. демилитаризација (воено ослабување на Украина, која сега е уште помилитаризирана со модерно западно оружје и која дури упадна во Курската Област на Русија). Затоа, неосновано е да се бара прифаќање на „поразот на Украина“.
Русија станала најголемата земја на светот (т.е. империја) со брутални освојувања, па не чуди тоа што куп нејзини бивши поседи, а сега соседи, побараа заштита од неа во рамките на НАТО: Полска, Литванија, Латвија, Естонија и Финска.
Кога сме кај Финска, таа и Шведска ја напуштија својата повеќедецениска неутралност и влегоа во НАТО токму заради руските воени злосторства и разурнувања во Украина какви што Европа не видела од Втората светска војна. Затоа Европејците сега ја зајакнуваат својата одбрана, а некои од нив дури планираат да ги минираат своите граници и да го вратат задолжителниот воен рок.
До не така одамна, тоа беше незамисливо, а Европа одеше на укинување на границите и на воениот рок, на добрососедска соработка и сл., но тоа се измени токму заради агресивноста на Русија, па каков тоа „партнер“ и „гарант на европската безбедност“ таа може да биде?
Претседателот на руската Дума (собрание), Вјачеслав Володин, има заканувачки изјавено дека руската ракета Сармат може да долета до Стразбур, кај што заседава Европскиот парламент, за 3 минути и 20 секунди, а пратеникот и генералот Андреј Гуруљов изјави дека би ја гаѓал Холандија.
Закани упатуваше и пропагандистот Владимир Соловјов, кој поседува вила на езерото Комо во Италија, која сега му е „замрзната“ со санкциите. Сепак, најекстремен во тоа заканување беше неговиот истоименик, политичарот Владимир Жириновски.
Да потсетиме и на заканата дадена во 2018 г. од рускиот амбасадор во земјава, Олег Шчербак, според кого, ние би можеле да бидеме легитимна мета на руски напад ако влеземе во НАТО-пактот и ако тој се судри со Русија. Така се закани и Виктор Татаринцев за влезот во НАТО на Шведска, кај што тој беше амбасадор, а таа го повика на одговорност за тој дипломатски скандал.
Ваков недипломатски речник и однесување за Европејците се незамисливи. Тешко дека ќе чуете вакви изјави, на пример, од Емануел Макрон, иако и Франција е нуклеарна сила.
Русија меѓу Европа и Азија
Повикувајќи ги Европејците да не ја отфрлаат Русија, следнава објава за неа вели:
Русија е земја со 11 временски зони, таа е најголемата европска земја, со најбројниот европски народ.
Меѓутоа, поголемиот дел од Русија (дури 77 отсто) е сместен во границите на Азија, зад планината и реката Урал како природна граница со Европа. Русија има и европски дел и тоа поголем од било која европска земја, па најпрецизно е да се рече дека таа е трансконтинентална, евроазиска земја. Според географските мерила, најголема европска земја е Украина, бидејќи со нејзините граници таа е целосно европска земја.
Европа не ја отфрли Русија, туку таа ја отфрли Европа, нагласувајќи дека таа си има свој „особен пат“, кој нема врска со европскиот. Наместо со Европејците, таа гради блиски односи со агресивни и репресивни режими како оние во С. Кореја, Иран, талебанскиот Авганистан и сл.
Нема Европа без Русија?
Една објава го вели следново:
Старата европска илузија за „нова Европа без Русија“ е мртва.
Објавата како да порачува дека „Нема Европа без Русија“ – како што гласи една позната политичка поговорка – но токму таа илузија е мртва, и тоа одамна. Тоа е идејата за обединета Европа „од Гибралтар до Урал“ или „од Атлантикот до Урал“ – како што гласат тие варијации на темата.
Поборник за тоа бил Шарл Де Гол, кој во 1966 г. дури ја дистанцирал Франција од НАТО и се обидел и да ги затопли односите со СССР, чиј дел тогаш била Русија, која многу ја почитувал. Во Москва тој тогаш бил пречекан како херој и потпишувал договори за соработка со неа, но нејзината агресија врз Чехословачка во 1968 г. ги урнала тие илузии.
Навраќање кон нив имало по демократизацијата на СССР под Михаил Горбачов на преминот меѓу 1980-тите и 1990-тите, а постсоветска Русија под Борис Елцин потоа соработувала со ЕУ, па дури и под Путин во неговата рана и поумерена владејачка фаза. Имало идеи Русија да влезе во ЕУ, па и во НАТО.
Но, тоа не се остварило заради отпорот кај некои евроатлантски членки или во самата Русија, а со тек на времето кај неа раснела огорченоста од Западот, заради неговите воени интервенции како онаа во Србија, неговата поддршка за т.н. обоени револуции и заради ширењето на НАТО на постсоветското пространство.
Тука се добива впечаток дека Западот ги онеправдал Русите со тоа што не ги есапел, но мора да се погледне целосната слика. Како прво, кога Русите се отвориле кон Западот, тие за него тогаш биле поразени непријатели од Студената војна, па тој не можел да ги третира како рамноправни партнери.
Нивната тоталитарна комунистичка идеологија завршила на буништето на историјата, СССР неславно се распаѓал и на виделина излегле сите негови злосторства, репресии и манипулации, од кои страдала цела Источна Европа, но и други делови од светот, а крахирала и тамошната планска економија и започнала тешка и криминална транзиција. Русија тогаш дури примала помош во храна од САД, небаре била земја на Третиот свет.
Додека во 1992 г. Европа се обединувала и славела, Русија била вмешана во војната во Транснистрија (против Молдавија), како и во Абхазија и Јужна Осетија (против Грузија), но судири имало дури и во Москва како Августовскиот пуч во 1991 г. и Уставната криза во есента 1993 г.,по што следела и Првата чеченска војна (1994 – 1996), а потоа и Втората (1999 – 2000).
Русија била прехаотична за да биде сфатена сериозно и за да влезе во европското друштво. Нејзините соседи, кои порано страдале под неа, биле гледани како жртви (Балтичките земји, Полска и др.) и стоеле нешто подобро од неа, па биле поприфатливи за Западот.
Секако, за влез во тоа друштво тие спровеле реформи, со што поуспешно се справиле отколку Русија, а иако и таа понешто спровела, тоа не било истерано како што треба. Таа дури не спровела лустрација, па сега има претседател – бивш агент на репресивната советска тајна служба КГБ.
Во есента 2003 г. Русија замалку не предизвикала војна со Украина со куса узурпација на островот Тузла крај Крим, а во август 2008 г. повторно ја нападнала Грузија во полза на Абхазија и Ј. Осетија. Кулминација на таквото однесување беше инвазијата врз Украина во 2014 и 2022 г.
Паралелно со тоа, Русија води хибридна војна против Европа, го контаминира нејзиниот медиумски простор со дезинформации, штетно влијае на изборите во неа и застрелува одбегнати дисиденти од Русија или ги труе, па дури подметнува бомби по воените складови низ Европа.
Како една таква Русија се вклопува во идејата за Европа како семејство на мирни, просперитетни, кооперативни, слободни и безбедни земји?
Проруските пропагандисти на ова немаат одговор, па им останува само да ги намамуваат Европејците со руските енергенси, како да подмитуваат некого со канта бензин.




