Снимка од лет на борбени авиони без никаков извор и доказ е опишана како влетување на Русите во воздушниот простор на САД. Ако е тоа точно, а не е, тоа би бил страотен инцидент, кој би бил ударна вест во медиумите и кој би предизвикал дипломатска војна во ООН, ако не и трета светска војна. Иако на Куба, која е близу до Флорида, пристигнаа руски борбени бродови, меѓу нив нема носач на авиони, па ваков лет е неизводлив, а со своите радари и сателити него би го „уловила“ и пресретнала американската команда за противвоздушна одбрана НОРАД, како што тоа веќе се случува со руски авиони близу Алјаска. Но авионите во клипот се најверојатно американски, од сквадронот Сини ангели (Blue Angels) базиран во Флорида, чии летови се примамливи за снимателите на клипови
Објава на социјалната мрежа Фејсбук прикажува клип проследен со следниве зборови:
Руските борбени авиони прелетаа над Флорида
Ако е ова точно, а не е, тоа би бил страотен инцидент од историско значење и ова би била ударна вест во светските медиуми. Ова би предизвикало дипломатска војна со протестни ноти и кавги во ООН, ако не и трета светска војна, но такво нешто не гледаме.
Овој клип главно се врти на Тик-ток, но овој клип го нема и на руските медиуми како ТАСС и РИА Новости, што значи дека дури ни за нив тој не бил доволно добар.
Објавата што ја рецензираме не е поткрепена со каков било извор и доказ, а во клипот гледаме група луѓе на тераса со поглед на море пред која пролетуваат борбени авиони. Текстот во клипот треба да нè убеди дека тие се „руски“, но вакви сцени се вообичаени во Пенсакола, Флорида, кајшто е базиран сквадронот на американската морнаричка авијација Сини ангели (Blue Angels), чии летови се примамливи за снимателите на клипови, па нив на Јутјуб ги има многу, но тоа нема врска со Русија.
При крајот на клипот, некој поставува прашање на англиски дали авионите се руски, но дилемата на тоа лице не докажува ништо, а ние него и не го гледаме во кадар, па можеби тој глас бил отпосле додаден. Во клипот е уфрлен и фрагмент од песната „Walking on a Dream” од австралиското дуо Empire of the Sun, што е потполно бесмислено, но тоа барем ни докажува дека во клипот навистина имало аудио-монтажа. Еден толку битен настан сигурно би заслужил посериозен клип од овој, а тој трае само 14 секунди.
Инаку, ваков прелет е невозможен не само заради предострожноста од трета светска војна, туку и од технички причини. Вакви авиони не можат да долетаат до Флорида од Русија. Навистина, таа испрати борбени пловила на Куба, која е близу Флорида, но меѓу нив немаше и носач на авиони. Тоа беа четири пловила: фрегатата Адмирал Горшков, подморницата Казањ, реморкерот Николај Чикер и танкерот Академик Пашин. Русија има само еден носач на авиони, Адмирал Кузњецов, а тој не учествуваше во оваа мисија.
САД и нивните сојузници од НАТО внимателно ги следеле активностите на Русите на Куба со испраќање на: бродовите-разорувачи Тракстон, Доналд Кук и Делберт Д. Блек; бродот-кутер Стоун на Крајбрежната стража на САД; извидувачкиот авион Боинг П-8 Посејдон; канадската фрегата Вил де Квебек, како и француска фрегата од класата Ла Фајет. На тоа додајте и дека САД имаат база на самата Куба, во заливот Гвантанамо. Илузорно е дека во таква ситуација, Русите можеле тукутака да си летаат над Флорида.
Тие би биле „уловени“ од американските радари и сателити, како оние на американската команда за противвоздушна одбрана НОРАД или поморскиот радарски систем Аегис, далеку пред да стигнат до копното на САД, при што би биле предупредени да се повлечат или би биле пресретнати и ескортирани назад или во крајна линија би биле соборени.
САД често забележуваат руски авиони близу Алјаска, а понекогаш испраќаат пресретнувачи и ги ексортираат назад. Во поново време, таков случај имаше на 2.5.2024 г.
Но понекогаш тоа завршува лошо – на 24.11.2015 г. руски авион од Сирија влета во воздушниот простор на НАТО во Турција и беше соборен, што предизвика дипломатска војна меѓу Москва и Анкара, но на крај тие го затворија случајот. Како и да е, не може такво нарушување да го нема во ниту еден релевантен извор и да нема никаква реакција.
Навистина, дури и најголемите светски сили понекогаш прават пропусти на тој план. Така, на пример, во 2023 г. над САД леташе кинески извидувачки балон, но тој не беше толкава закана и тој секако беше соборен, а најголеми промашувања на тој план има Русија.
На 28.5.1987 г., 19-годишниот пилот-аматер од Западна Германија, Матијас Руст, со своето авионче Цесна влетал во советскиот воздушен простор и на крај дрско се приземјил на самиот Црвен плоштад во Москва. Противвоздушната одбрана на Русија ни сега не е поарна. Украинците секојдневно ги ракетираат руските градови, особено Белгород, па дури и Москва, а погодија и цели на дури 1200 км во длабочината на Русија.
Објавата што ја рецензираме е токму од Фејсбук-страница на која и порано се споделувале вести кои ги шират наративите на Кремљ.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.