Руски заговор пред изборите во Молдавија?

Published on:

Маја Санду, претседателка на Молдавија | Privesc.Eu MoldovaCC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Пред гласањето што ќе се одржи в недела (28 септември) повеќе онлајн групи за мониторинг следеа пропагандни и дезинформациски кампањи што ѝ се припишуваат на Русија. Нивната цел е да ја намалат поддршката за владејачката проевропска ПАС, на гласањето на 28 септември, што многумина го сметаат за геополитички избор помеѓу Исток и Запад

 

Пишува Мирослава Симоновска

 

Претседателката на Молдавија Маја Санду во обраќање без преседан изнесе загрижувачко предупредување дека Русија потрошила „стотици милиони евра“ за да ги поткопа парламентарните избори во нејзината земја кои ќе се одржат претстојниот викенд.

Кремљ фрла стотици милиони евра за да купи стотици илјади гласови на двата брега на реката Днестар и во странство. Луѓето се опиваат секојдневно со лаги. Стотици поединци се платени да провоцираат нереди, насилство и да шират страв. Доколку Русија ја преземе контролата врз Молдавија, последиците ќе бидат непосредни и опасни за нашата земја и за целиот регион. Секој Молдавец ќе страда, без разлика за кого гласал, рече таа, наведувајќи ги ризиците за регионалната стабилност, европското финансирање и слободното движење.

Полицијата во Молдавија спроведе масовни рации вчера низ целата земја и притвори 74 лица поради наводен заговор поддржан од Русија пред изборите – осомничени дека подготвувале нереди. Апсењето се случи 6 дена пред клучните парламентарни избори, за кои молдавската претседателка Маја Санду од проевропската партија ПАС, кажа дека  се плаши дека ќе има руско мешање додека Москва се обидува да ја тргне земјата од нејзиниот проевропски пат.

Молдавци на обука во Србија

Истрагата започна во јуни, откако обвинителите откриле државјани на Молдавија на возраст меѓу 19 и 45 години кои патувале во Србија на обука, во замена за пари. Според обвинителите, регрутите таму биле обучувани од претставници на руските специјални служби како да ги пробијат полициските кордони, да им се спротивстават на органите на редот и да ракуваат со гумени палки, лисици, а во некои случаи и со огнено оружје.

Некои од овие лица очигледно не биле свесни за нивната точна дестинација во Србија, бидејќи им било кажано дека ќе посетуваат верски објекти. Сепак, откако стигнале таму, тие се согласиле да учествуваат во обуките и биле платени од луѓе поврзани со руските специјални служби, пренесе „Балкан Инсајт“.

Врховниот совет за безбедност на Молдавија пред 2 месеца идентификуваше најмалку 10 главни алатки за мешање во изборниот процес, вклучувајќи ја употребата на криптовалути во вредност од околу 100 милиони евра, заедно со ширење на дипфејк видеа, платени протести и свештенство поврзано со Кремљ за манипулирање со јавното мислење.


На списокот на закани се и кампањите за манипулација со информации преку ширење дезинформации, дипфејк видеа и лажни документи насочени кон поткопување на јавната доверба во државните институции и дезинформации промовирани и локално и на меѓународно ниво, со цел ширење страв, недоверба и омраза. Ваквите кампањи вклучуваат и кампањи за клеветење и лични напади, вклучително и изработка на клеветнички материјали против проевропски лидери, новинари и други јавни личности, наведоа од Врховниот совет за безбедност на Молдавија

Полицијата соопшти дека претресите биле поврзани со кривичното дело „подготовка на масовни немири и дестабилизација“ кои биле „координирани со Руската Федерација преку криминални елементи“. Обвинителството извести дека повеќето од нив имале обука во Србија. 

Имитација на истражувачко новинарство со ВИ

Глобалната непрофитна организација „Ресет Тек“ која ги следи дигиталните закани за демократијата и операциите на руско влијание истражувала платформа на англиски јазик генерирана со вештачка интелигенција „Рестмедија“, која го имитира истражувачкото новинарство со сериозни написи и добро дизајнирана графика. Околу една четвртина од нејзината содржина биле фокусирани на Молдавија. 

Пред гласањето што ќе се одржи в недела повеќе онлајн групи за мониторинг следеа пропагандни и дезинформациски кампањи што ѝ се припишуваат на Русија. Нивната цел е да ја намалат поддршката за владејачката проевропска ПАС, на гласањето на 28 септември, што многумина го сметаат за геополитички избор помеѓу Исток и Запад.