Протести во Грузија против рускиот Закон за странски агенти Фото: Zlad!, CC0, via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Рускиот стил на Законот за странски агенти денеска се пролиферира и во други земји, кои го оправдуваат со образложението дека со него обезбедуваат транспарентност за странско финансирање и влијание. Во реалноста ваквите закони се користат за контрола и ограничување на граѓанското општество. Тие се спроведуваат во клима на зголемена репресија врз граѓанското општество, вклучувајќи ги невладините организации, активистите за човекови права, независните медиуми и набљудувачите на изборите и често се насочени кон граѓанското општество поддржано од САД и Европа
Пишува Мирослава Симоновска
Во 2012 година, претседателот на Русија Владимир Путин го стави својот потпис на законот за странски агенти. Дванаесет години подоцна, прокси верзии на вакви закони се воведени и во Грузија и во Унгарија наспроти критичките гласови дека се на штета на слободното изразување и здружување, но и дека се потенцијална алатка за замолкнување на критичкото размислување.
Со рускиот Закон за странски агенти се задолжуваат сите невладини организации кои примаат финансиски средства од странство и се занимаваат со политички активности да се регистрираат во руското Министерство за правда како „странски агенти”. Овој термин „странски агент” е наелектризиран и има блиски асоцијации со шпионажа и предавство.
Летово Репортери без граници алармираа дека една третина од жртвите на овој закон во Русија се независните медиуми, кои се главен таргет на оваа легислатива. Со помош на овој закон, според Репортери без граници, се врши систематско легално прогонство на независните медиуми.
Низ годините во него се додаваа нови амандмани кои го стеснуваа јаремот на контролата врз субјектите што се таргетирани.
Репортери без граници ги анализираше црните листи на странски агенти кои се користат како алатка за цензура. Ја осудуваме стигматизацијата на независните медиуми, велат тие.
Кога Хелсиншкиот комитет на Норвешка ја пишува својата анализа за рускиот Закон за странски агенти, наведува дека тој има разорни последици по руското цивилно општество.
Ги стигматизира и става тежок товар врз организациите што примаат странски парични средства и спроведуваат активности, кои, според властите, се политички. Законот веќе поткачи стотици невладини организации кои не сакаат да се регистрираат и ефектот на ладење повеќе не е предвидување, туку реалност. Од 4 јуни 2014 година, Министерството за правда може да ги заведе организациите како „странски агенти” без нивна согласност. Но, доколку судот ги зел предвид обврските кои Русија ги има кон меѓународните човекови права, тогаш би нашол дека законот е во јасна колизија со нив, посочува Хелсиншкиот комитет на Норвешка.
Рускиот стил на Законот за странски агенти денеска се пролиферира и во други земји, кои го оправдуваат со образложението дека со него обезбедуваат транспарентност за странско финансирање и влијание. Во реалноста ваквите закони се користат за контрола и ограничување на граѓанското општество. Тие се спроведуваат во клима на зголемена репресија врз граѓанското општество, вклучувајќи ги невладините организации, активистите за човекови права, независните медиуми и набљудувачите на изборите. Тие често се насочени кон граѓанското општество поддржано од САД и Европа.
Како што пишува HRW, описот за тоа што значи политичка активност во овие закони, може да значи сè: од застапување, истражување, правни анализи, анализи на политики и други активности кои можат да влијаат на јавниот живот. Тука спаѓа и организацијата на јавни дебати, настани, собири и демонстрации. Други активности се учеството во мониторинг на изборите, спроведувањето на анкети на јавното мислење, споделувањето на правни или експертски мислења, мониторирањето на работата на владините институции и цел сет други активности на граѓанското општество.
Руски корени во случајот со Грузија
Законот за странски агенти од Русија пушти корени и во Грузија. Новото грузиско законско решение го отсликува растечкото руско влијание во земјата и придонесе за критики од САД и од ЕУ, кои се плашат дека може да му наштети на развојот на демократијата во земјата.
Законот за странски агенти во Грузија бара од невладините организации кои примаат 20 проценти или повеќе од својот буџет од странство, официјално да се регистрираат како „бранители на интересите на странска сила”. Ова во Грузија значи дека се афектирани 26 илјади невладини организации.
Организациите од граѓанското општество на Грузија добиваат повеќе од 90 проценти од своите финансии од странство. Рокот да се регистрираат како странски агенти беше 1 септември, а доколку не го сторат тоа, се соочуваат со казна од 9.300 долари.
Законот беше претставен од страна на владејачката партија во Грузија во април годинава, по неуспешното негово претставување пред јавноста во 2023 година. На 17 мај, тој го помина филтерот на Парламентот, со 84 гласа „за“ и воздржаност на речиси сите пратеници од опозицијата. За две недели парламентарното мнозинство го отфрли ветото што на законот го стави претседателот Саломе Зоурабичвили, кој нема партиска определба. Стотици невладини организации во Грузија оттогаш се обврзаа дека нема да му се потчинат на законот, а опозициските пратеници тврдат дека ќе го оспорат во судските инстанци.
Аналитичарите се децидни дека принудувањето на невладините организации во Грузија да се регистрираат како странски агенти е начин на кој се прави обид да се замолчат несогласувачките гласови во земјата пред изборите закажани за 26 октомври, потенцијално носејќи ја Грузија поблиску до Русија. Законот дозволува да се уништи моќта на граѓанското општество, сметаат дел од активистите.
Откако бизнисменот и политичар Биџина Иванишвили, за кого експертите велат дека е клучна фигура која стои позади законот, ја оформил партијата предлагач на истиот во 2012 година, оваа партија се залага за политики што би го приближиле Тбилиси до Москва. Иваншвили има силни економски и политички врски со Русија. Русија изрази поддршка за грузискиот закон, иако претседателот на Русија Владимир Путин вели дека немал никакво влијание за неговото донесување. Но, Русија има бенефит од изолацијата на Грузија од Европската Унија и НАТО, пишува Советот за надворешни работи.
Унгарија на суд за сличен закон
Европската Комисија ја даде Унгарија на суд поради Законот за надворешно влијание во оваа земја, за кој критичарите велат дека е создаден за да ги замолчи опозициските гласови. Според Европската Комисија овој закон ги прекршува фундаменталните права и слободи, меѓу кои и правото на слободно изразување.
И за овој закон наречен „Закон за заштита на суверенитетот” има гласини дека е поврзан со руската легислатива. Со него се предвидува владино тело потпомогнато од унгарските тајни служби, кое има моќ да собира информации за организации финансирани од странство. Иако Унгарија го оправдува ова правно решение за да се криминализира странското финансирање за изборни кампањи, Европската Комисија смета дека нивото на моќ кое му е доделено на новото тело, диспропорционално влијае врз граѓанските организации, медиумите и новинарите. Се споменува и дека со него се прекршуваат правото на личен и семеен живот, правото на изразување и правото на здружување.
Комесарот за човекови права во Советот на Европа Дуња Мијатовиќ побара унгарската влада да го повлече законот, наведувајќи дека тој претставува значаен ризик за човековите права и треба да биде отфрлен. Таа тогаш напиша дека ако законот се усвои, што на крајот се случи, тогаш би ја опремил владата на Унгарија со уште повеќе можности да ги замолчи и стигматизира независните гласови и противници.
И групи на невладини организации го осудија носењето на ова законско решение, вклучително Амнести Интернешнал и Транспаренси Интернешнал. Тие сметаат дека овој закон е само проект за политичка пропаганда изграден со разузнавачки методи, кој ги крши уставните, меѓународните и ЕУ обврските на Унгарија.
Идеите за слични закони се проширени и во Република Српска.
Новинари поминуваат голгота в затвор поради оваа легислатива
Неколку поранешни советски републики имаат воведено закони за странски агенти кои според некои публикации, директно го позајмуваат јазикот користен во законскиот текст од Русија. Во април Киргизстан усвои закон што ги таргетира невладините организации финансирани од странство. Слични закони има и во Азербејџан, Белорусија, Казахстан, Молдавија, Таџикистан, Туркменистан.
Сепак, експертите се децидни дека рускиот закон е еден од најрестриктивните од сите нив. Благодарение на него, една третина од невладините организации во Русија се затворија во првите две години по неговото усвојување во 2012. Во 2022 Русија усвои законско решение со кое сите невладини организации и индивидуи означени како странски агенти мора да се идентификуваат како такви при јавните или медиумските настапи.
Руската влада има многу детална листа на луѓе за кои тврди дека се поврзани со странски агенти, а на кои им е забранет пристапот до јавниот живот, цивилното општество и образованието. Во октомври 2023 година, Русија ја приведе новинарката на Радио Слободна Европа Алсу Курмашева според овој закон. Таа беше ослободена 11 месеци подоцна, во размена на затвореници.