Фото: Принтскрин видео
Шефот на НАТО побара повеќе пари за одбрана и во тој контекст ги спомна буџетите на земјите членки кои ги двојат за пензии, здравство и социјала, но тоа не значи дека Руте бара да се кратат пензии и здравствени и социјални услуги за да има повеќе пари за оружје и смрт. Тој побара само многу мал дел да се пренамени за одбрана и тие пари не мора да бидат од пензиите или здравството – земјите членки самостојно и суверено одлучуваат како ќе ги распоредат парите во буџетите. За споредба Русија за идната година ќе одвои 25 отсто од буџетот за одбрана, додека во земјите членки на НАТО, како што спомна и самиот Руте, тој процент е само два отсто. Барањето на Руте нема никаква врска со туркање на Европа во оган, туку со одвраќање на потенцијални агресори – како Русија, на пример
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Шефот на Нато бара да се троши помалку на пензии и здравствено осигурување за да има повеќе пари за оружје, смрт и војни, да се финансира Нато.
Овие се банда лудаци кои ја туркаат Европа во оган!
Објавата споделува и видеоисечок од говор на шефот на НАТО Марк Руте одржан на 12 декември 2024 година во Брисел.
Точно е дека во говорот Руте побара државите членки на НАТО да одвојат повеќе пари од државните буџети за одбрана, односно за организацијата, но не за да има „повеќе пари за оружје, смрт и војна“, ниту пак, „за да се турка Европа во оган“, како што сака тоа да го прикаже објавата, манипулирајќи ја јавноста.
Шефот на НАТО во својот говор јасно кажа дека потребно е да се двојат повеќе пари за одбрана за да се спречат војни, а не за да се предизвикуваат, и за да се запре агресорот Русија.
Руската економија е на воена основа. Во 2025 година, вкупните воени трошоци ќе бидат од 7 до 8% од БДП, ако не и повеќе. Тоа е една третина од државниот буџет на Русија – и највисоко ниво од Студената војна. И руската одбранбена индустрија произведува огромен број тенкови, оклопни возила и муниција. Она што на Русија ѝ недостига во квалитет, тоа го надополнува во квантитет – со помош на Кина, Иран и Северна Кореја. Сето ова покажува во една јасна насока: Русија се подготвува за долгорочна конфронтација. Со Украина. И со нас, нагласи Руте.
Посочувајќи дека трошоците за одбрана се зголемени, шефот на Алијансата нагласи дека се троши многу помалку отколку за време на Студената војна.
Вистина е дека сега трошиме повеќе за одбрана отколку пред една деценија. Но, ние сè уште трошиме многу помалку отколку за време на Студената војна. Иако заканите за нашата слобода и безбедност се исто толку големи – ако не и поголеми. За време на Студената војна, Европејците трошеа многу повеќе од 3% од својот БДП за одбрана.Со тој менталитет победивме во Студената војна. По падот на железната завеса се намалија трошоците. Светот беше побезбеден. Не е веќе. Пред една деценија, сојузниците се согласија дека е време уште еднаш да инвестираат во одбраната. Реперот беше поставен на 2%. До 2023 година, сојузниците на НАТО се согласија да инвестираат „најмалку“ 2%. Барем… Можам да ви кажам, ќе ни требаат многу повеќе од 2%. Знам дека да се троши повеќе за одбрана значи да се троши помалку за други приоритети. Но, тоа е само малку помалку.Во просек, европските земји лесно трошат до четвртина од својот национален доход за пензии, здравствени и социјални системи. Ни треба мал дел од тие пари за да ја направиме нашата одбрана многу посилна и да го зачуваме нашиот начин на живот. Да се даде приоритет на одбраната бара политичко лидерство.Тоа може да биде тешко и ризично на краток рок. Но, тоа е апсолутно суштинско на долг рок, рече Руте.
Руте во својот говор посочи дека државите членки на НАТО трошат четвртина од својот буџет за пензии, здравствени и социјални системи и нагласи дека е потребен мал дел од тие пари да се пренамени за одбрана за да се заштитат земјите од долгорочната војна која ја планира Русија.
Ваквиот став на шефот на НАТО не значи дека државите навистина ќе двојат пари од пензиите и социјалните и здравствен системи за да дадат пари на НАТО. Секоја држава самостојно одлучува како ќе го организира својот буџет и за што ќе троши пари. Сепак, да се двојат пари за НАТО не значи дека алијансата сака да предзвикува војни, како што тоа го прикажува објавата која ја анализираме.
Прво, НАТО не е во војна со никого, односно не е вклучена во војната со Русија, па оттука и не може да се каже дека бара повеќе пари за смрт и дека ја турка Европа во оган.
НАТО не војува со Русија, туку Русија изврши воена инвазија врз Украина во којашто загинаа голем број на цивили и војници на украинска територија.
На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.
Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана.
Од друга страна, она што објавата испушта да го спомне е дека Русија во својот буџет 2025-2027 година, предвидува зголемување на воените расходи за речиси една четвртина до над 6,2 отсто од БДП.
Зголемувањето потврдува дека економијата се префрлила на воена основа. Дури и ако војната во Украина заврши наскоро, насочувањето на парите кон армијата и надуениот одбранбен сектор ќе остане главен приоритет. Според буџетот за 2025 година, Кремљ треба да ги ескалира воените трошоци за неверојатни 25%, достигнувајќи 140 милијарди долари. Ова не само што го означува постсоветскиот рекорд, туку и означува одржливо високо ниво на трошење на оружје во следните три години, анализира Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА).
Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е манипулативна. Точно е дека шефот на НАТО бара повеќе пари за одбрана и дека во тој контекст ги спомна буџетите на земјите членки кои ги двојат за пензии, здравство и социјала, но тоа не значи дека Руте бара да се кратат пензии и здравствени и социјални услуги за да има повеќе пари за оружје и смрт, како што тоа сака да го прикаже објавата. Тој побара само многу мал дел да се пренамени за одбрана и тие пари не мора да бидат од пензиите или здравството – земјите членки самостојно и суверено одлучуваат како ќе ги распоредат парите во буџетите. Повеќе пари за одбрана не мора да значи дека се за „оружје, смрт и војни“. Може да се за да се зголеми бројот на професионални војници и тоа не значи дека ќе се оди во војна, туку тоа служи да се одвратат потенцијалните агресори – како Русија, која за идната година ќе одвои 25 отсто од буџетот за одбрана, додека во земјите членки на НАТО, како што спомна и самиот Руте, тој процент е само два отсто. Барањето на Руте нема никаква врска со туркање на Европа во оган, туку со одвраќање на агресори. Поради сето ова, оценуваме дека на објавта ѝ недостига контекст.