С. Македонија не е страна во војната за да биде „легитимна цел“ за руски напад

Published on:

Фото:Gerd Altmann auf Pixabay

Тоа што се случил напад на македонската амбасада во Киев никако не значи дека „С.Македонија била легитимна цел и таргет зашто донирала помош за Украина“. НАТО не војува со Русија и не е страна во војната што Русија ја води кон Украина. НАТО ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана. Ниту НАТО ниту Северна Македонија не се страна во војната

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува соопштението на Министерството за надворешни работи во врска со нападот врз македонската амбасада во Украина и пишува:

Kога праќавте оружје не мислевте дека некој може вака да реагира или тоа не ви кажаа “стратешките”,а?
Требаше амбасадата на СЕВЕРНА директно да ја погоди. Go Russia!
Зашто го осудуваме, нели сме НАТО, а како такви сме легитимна цел. Или не знаевте за тоа?
Нормално кога пракаме оружје на земјата со која Русија е во војна. Кој к** се мешавме?

На 20 декември 2024 година македонската амбасада во Киев (која беше затворена веднаш по стартот на руската воена инвазија врз Украина во февруари, па повторно беше отворена во мај 2022)  беше оштетена во руски ракетен напад врз Киев. Во нападот на други локации (не во близина на амбасадата) тој ден загинало едно лице а десетина се повредени.

Дел од медиумите објавија дека „објектот не бил директна цел на руската армија туку мета биле згради за кои се претпоставува дека ги користеле украинските безбедносни сили“. Во периодот кога се случил нападот, во дипломатско-конзуларното претставништво на Северна Македонија во Киев немало никој, меѓутоа причинета е материјална штета. Во истата зграда покрај македонската се наоѓаат и амбасадите на Албанија, Аргентина, Палестина, Португалија и Црна Гора. Нападот беше експресно осуден од страна на Европската комисија.

Овој напад уште еднаш ја покажува криминалната природа на рускиот претседател Владимир Путин кој е опасност за Украина, за ЕУ, за целата наша безбедност, рече портпаролката за надворешни работи и безбедносни политики на Европската комисија, Анита Хипер, на брифинг во петокот (20 декември 2024).

МНР му врачи протестна нота на рускиот амбасадор во Скопје Сергеј Баздникин, поради штетата врз зградата во која се наоѓа македонската амбасада во Украина. Амбасадорот бил повикан во МНР за да му биде врачена протестната нота.

На рускиот амбасадор му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“, извести МНР.

Дополнително МНР на својата веб-страница го објави и следното соопштение:

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува денешните ракетни напади на руската армија врз Киев. Воедно, информираме дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и Амбасадата на Република Северна Македонија. При нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата. Од страна на надлежните служби извршен е првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање.

Не е точно наведеното во објавата „дека поради тоа што Северна Македонија дала воена помош за Украина и затоа што е НАТО членка – затоа претставува легитимна цел на руски напад“.

НАТО не војува со Русија и не е страна во војната што Русија ја води кон Украина. НАТО ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана, како што е наведено во Повелбата на ОН.

Како одговор на руските агресивни акции, НАТО продолжува да ја јакне својата одбрана и осигурува дека нема место за недоразбирања во поглед на тоа дека НАТО е подготвено да ја заштитува секоја членка.

НАТО е одбранбена алијанса чија основна задача е да ги чува безбедни нациите. На Самитот во Вашингтон, сојузниците го повторија ставот дека ќе ги бранат териториите на своите членки во било кое време.

Членот 5 е јасен:

Страните се согласуваат дека вооружен напад против една или повеќе од нив во Европа или Северна Америка ќе се смета како напад кон сите нив, и консеквентно се согласуваат дека ако се случи таков напад, секоја од нив во склоп со правото на индивидуална или колективна самоодбрана признаена во член 51 од Повелбата на Обединетите Нации, ќе ѝ помогне на страната или страните што се нападнати, преку индивидуални дејства и дејства што се во согласност со другите страни, и тоа такви дејства што ќе ги смета за неопходни вклучително и употреба на вооружена сила, за обновување и одржување на безбедноста на северноатлантската област.

Секој таков вооружен напад и сите преземени мерки треба да се пријават во Советот за безбедност. Таквите мерки треба да прекинат кога Советот за безбедност ги презел сите неопходни мерки за да го врати и одржи меѓународниот мир и безбедност.

Членот 5 вели дека ако сојузник на НАТО е жртва на вооружен напад, секоја членка на Алијансата ќе го смета овој акт на насилие како вооружен напад кон сите земји членки и ќе ги преземе сите мерки што мисли дека се неопходни за да ѝ помогне на нападнатата земја.

Украина има право и одговорност да ги заштити своите луѓе. Самоодбраната е основно право кое го има во Повелбата на ОН, а НАТО има право да ја поддржува Украина која се бори да го одржи своето право на самоодбрана и да опстои како суверена држава во Европа. Самоодбраната и поддршката за самоодбрана е во линија на меѓународното право.

Од безбедносни причини, најнапред беа класифицирани одлуките за донациите за Украина. Тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска децидно објасни дека станува збор за одлука на суверена држава и покрај тоа што сме членка на НАТО.

Одлуката која ја донесе Владата апсолутно претставува одлука на суверена и самостојна држава, без оглед на тоа што сме членка на НАТО и сме дел од колективниот систем на безбедност, но Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена независна и самостојна држава – Украина е нападната треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност. Од тие причини мотивирани ја донесовме одлуката за поддршка на Украина во опрема и вооружување, затоа што Украина е државата којашто беше нападната и којашто се брани од агресија, појасни Петровска на 15 август 2022 година.

Подоцна беше декласифицирано во што се состојат донациите, односно дека станува збор за пешадиско вооружување и муниција, артилериска опрема, тенкови, авиони Сухои, средства и опрема за водење противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција за военото воздухопловство како и интендантски материјални средства.

Тоа што се случил напад на македонската амбасада во Киев никако не значи дека „С.Македонија била легитимна цел и таргет зашто донирала помош за Украина“. Ниту НАТО ниту С. Македонија не се страна во војната!

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.