САД немаат лаборатории за биолошко оружје во Украина и Грузија

Published on:

Фото: RephiLe water on Unsplash

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Откако почна руската инвазија на Украина, на социјалните мрежи почнаа да кружат лажни тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин ги гаѓа лабораториите за биолошко оружје управувани од САД во неговата соседна земја. Наводите за мрежа од такви лаборатории долж границата со Русија беа споделени во руските државни медиуми во неделите пред инвазијата. Лажните тврдења од Русија за наводна употреба на биооружје од страна на САД не се нови и за нив Вистиномер веќе има пишувано. На територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД.  Департментот за одбрана на САД уште на 10 март 2022 година објави дека Русија и Кина лажно обвинуваат за употреба на биолошко оружје против Русите

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

РФК Џуниор ја објаснува застрашувачката историја на истражувањето за зголемување на функцијата со бактерии.

Во 2014 година, некој вирус протече од американските лаборатории. Затоа Обама стави мораториум. Што направи американската војска? Преместете ги лабораториите и истражувањата за био оружје во други земји! (Вухан, Украина, Грузија итн.)

Во 1973 година, Никсон го прекина овој вид на истражување откако дозна за ужасните резултати од експериментите на ЦИА. Тој исто така доби 180 земји да потпишат договор.

Но, 11 септември даде совршен изговор за неоконзервите повторно да го започнат својот проект……

Откако почна руската инвазија на Украина, на социјалните мрежи почнаа да кружат лажни тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин ги гаѓа лабораториите за биолошко оружје управувани од САД во неговата соседна земја. Наводите за мрежа од такви лаборатории долж границата со Русија беа споделени во руските државни медиуми во неделите пред инвазијата.

Лажните тврдења од Русија за наводна употреба на биооружје од страна на САД не се нови и за нив Вистиномер веќе има пишувано.

Овие дезинформации произведени во кујната на Кремљ, на социјалните мрежи циркулираат со години.

Тврдењата дека САД развива биолошко оружје во Украина се стари барем од 2018 година.

Според нив, САД работат на доближување на смртоносни патогени близу руската граница и ги тестираат на подрачјето на поранешните советски републики. Според сервисот за проверка на факти „Раскринкавање“, наводите за американските биолошки лаборатории се појавиле уште во 2015 година. Како пример го наведуваат текстот на рускиот медиум „Спутник“ во кој пишува дека „Русија ја загрижуваат воените биолаборатории кои САД ги гради во нејзиното окружување“, иако самиот текст не носи детали или докази дека САД на постсоветско тло навистина гради такви лаборатории.

Вистината е дека на територијата на Украина нема био-лаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати е дебанкирано, како од светските сервиси за проверка на факти, така и од Вистиномер.

Департментот за одбрана на САД уште на 10 март 2022 година објави дека Русија и Кина лажно обвинуваат за употреба на биолошко оружје против Русите.

САД не ѝ помагаат на Украина со биолошко оружје во војната против Русија и нема индикации дека биолошко оружје се користи од страна на Украина. Има пет лаборатории за биолошко истражување во Киев. Нивната работа се фокусира на дијагностика, терапевтски пристапи, третмани, превенција и вакцинација, не на воена употреба како што Русија и Кина обвинуваат. Нема лаборатории за биолошко оружје на Департментот за одбрана ни во Украина ни на друго место во светот. Конвенцијата за биолошко оружје забранува развој, производство, трансфер, чување или употреба на биолошки и токсични оружја“, напишаа оттаму.

Владата на САД во март 2023 година, пишува дека, за да ја оправда својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, Кремљ пресоздаде и промовираше неколку фиктивни наративи, вклучително и некои поврзани со биолошко оружје. Во рок од неколку дена по инвазијата на Украина, Кремљ тврдеше дека има „лаборатории за биолошко оружје во Украина“, како еден од своите лажни изговори за својот напад. Сепак, една година подоцна, Кремљ не обезбеди никакви веродостојни докази за овие тврдења, додава Владата на САД.

Истражувачот за биолошко оружје и професорка на Кингс Колеџот во Лондон, Филипа Ленцос, за „Франспрес“ изјави дека нема индикации дека овие лаборатории во Украина се користат за да се развие биолошко оружје, туку нивната цел е да превенираат ширење на заразни болести.

Уште во март 2022 година, Светската здравствена организација ѝ  препорача на Украина да ги уништи патогените од лабораториите за да се спречи да се прошират и да настанат болести.

Објавите погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.

Во мај 2020 година, Службата за безбедност на Украина објави соопштение во кое ги повикува политичарите да престанат да шират лажни информации за постоење на странски воени биолошки лаборатории во Украина.

Лабораториите во Украина се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести, како што „Вистиномер“ веќе пишуваше.

„Вистиномер“ веќе пишуваше и за обвинувањата на руската влада дека Грузија врши тајни експерименти во лабораторијата „Ричард Лугар”, која, според Русија, ја финансира САД, односно Пентагон. Според Русија, Грузија во оваа лабораторија врши „експерименти за примена на инсектите како преносители на опасни болести“. Кампањата на Русија против лабораторијата „Ричард Лугар“ не е нешто ново и таа трае со години.

Објавата спомнува и некаков проект поврзан со 11 септември. Во врска со терористичкиот напад на 11 септември 2001 година во САД досега на социјалните мрежи се појавија повеќе теории на заговор за кои Вистиномер веќе пишуваше.

На крајот, важно е да се напомене дека Кенеди, кој сега е министер за здравство на САД во администрацијата на Доналд Трамп, долго време е вакцинален скептик кој има промовирано повеќе теории на заговор и во текот на целата пандемија говореше против вакцинацијата. Исто така и дезинформациите во врска со флуорот се поврзуваат со името на Кенеди.

Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.