Самит на БРИКС во Русија Фото: President.az, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons
Рефлексиите од самитот на БРИКС кај неговите македонски фанови во објавите на социјалните мрежи се движат од егзалтацијата дека Западот ќе добие силен противник кој ќе го укине американскиот долар, ќе се воведе нов постзападен свет, до потребата С. Македонија ултимативно да се приклучи кон овој блок
Пишува Стојан Синадинов
Многу медиуми изминативе денови пластично го опишуваа самитот на БРИКС (BRICS – Brazil, Russia, India, China, South Africa) во Казан, главниот град на Татарстан, Русија (22-24 октомври) со играта со зборовите изведени од акронимот, пропратено со впечатокот дека Владимир Путин не само што е отпорен на санкциите од Западот, туку и ја гради новата геополитичка конфигурација на Глобалниот Исток и Глобалниот Југ „цигла по цигла“ (англ. brick – цигла, тула). Но, ако алузиите за тулите јасно рефлектираат на евегринот на „Пинк Флојд“, „Another Brick In The Wall“ („Уште една цигла во ѕидот“), прашањето што се поставува е дали БРИКС ќе гради нов „Кинески ѕид“ за да се заштити првенствено од Западот, или пак, тие би биле употребен за изградба на мост за поврзување?
„Вистиномер“ веќе го анализираше огромното, речиси еуфорично внимание што дел од домашните медиуми му го посветија на самитот уште пред да почне неговото одржување, со потенцирање дека тоа е сигнал дека зад рускиот претседател застанала коалиција од земји кои претставуваат 45 отсто од светското население и 35 отсто од глобалната економија. Меѓу нив посебно се издвојува Кина, на која отпаѓа половина од економската моќ во рамките на БРИКС, а секако и геополитичката и економската моќ на Индија, Турција, Иран и останатите земји кои членуваат или афилираат кон оваа група. Присуството на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на самитот на кој Русија го презеде претседавањето со БРИКС само ги подгреа контроверзите, покрај очекуваните остри критики од страна на Украина.
Егзалтација за укинување на доларот и новиот постзападен свет
Рефлексиите од самитот на БРИКС кај неговите македонски фанови во објавите на социјалните мрежи се движат од егзалтацијата дека Западот ќе добие силен противник кој ќе го укине американскиот долар, ќе се воведе нова валута меѓу земјите-членки на оваа групација, која ќе биде доминантна на светската геополитичка мапа, до потребата С. Македонија ултимативно да се приклучи кон овој блок.
И, конечно и најбитно за нив, БРИКС нема да ги уценува новите партнери – меѓу кои благонадежно се гледа и С. Македонија – како Западот, па не ќе мора да се коленичи пред него, туку ќе имаме шанса да се приклучиме во „новиот постзападен свет“. За шансата да „не коленичиме пред вратата на ЕУ за влез во царството на фашистите и ЛГБТ болесниците“ и во видео објавата во која се тврди дека во БРИКС „никого не уценуваат со име, идентитет, јазик, култура“.
Со употреба на замена на тезите, поддржувачи на илибералните тенденции создаваат наратив кој на навидум „софистички“ начин го изместува фокусот.
Меѓу објавите кои го глорификуваат БРИКС се и онаа на јутјуб каналот „Слободен свет“, во која се тврди дека само на овој самит Македонците можат да бидат „чистокрвни Македонци“ и дека „треба да бидеме ненормални и како народ и како поединци“ ако не го сакаме БРИКС. Објавата вели дека иднината на Македонија е во рамките на БРИКС, и не ни треба глобалистичката политика која ги „продава македонските национални интереси“.
И објавата на руската амбасада во С. Македонија за земјите-членки на БРИКС кои „…се подготвени да работат на изнаоѓање заеднички решенија без надворешен диктат или обиди да се наметнат само некои потесни пристапи на кој било“ сигурно ги „бустираат“ споменатите наративи, на кои треба да им се приклучиме.
Посакуваната супремација на БРИКС се рефлектира и во објавата која го величи рускиот претседател Путин, пред кого наводно се поклонува и Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Меѓу објавите кои циркулираат во „слава на БРИКС“ се и оние за единствената банкнота за земјите-членки, која „ќе стане замена за доларот“, кому веќе му се порачува „збогум“, претставена од претседателот на Русија. Но, и самиот Путин на самитот бил дециден дека земјите од БРИКС нема да го отфрлат доларот:
Рускиот претседател Владимир Путин јасно стави до знаење на самитот дека земјите од БРИКС не го отфрлаат целосно американскиот долар, туку подготвуваат алтернативи доколку пристапот до него продолжи да биде ограничен. Истражувајќи ги алтернативните валути за трговија, БРИКС настојува да ги ублажи ризиците од таквите политички мерки, пишува „Фајненшл експрес“.
Медиумот додава дека „валутата што ја држи претседателот Путин е макета на нацрт-законот за БРИКС на самитот во Казан што му го претставија ентузијасти, а не официјално усвоена банкнота на БРИКС“, потврдија официјални лица за „Фајненшл експрес онлајн“.
Реалната моќ на БРИКС?
Може ли тој казан на БРИКС да биде успешен како американскиот „melting pot“ (место каде што се мешаат различни народи, стилови, теории, култури…)? Што велат економските показатели за моќта на БРИКС?
„Франс24“ минатата година направи опсежна анализа за економскиот потенцијал на земјите кои сочинуваат 40 отсто од светското население и продуцираат повеќе од 25 проценти од глобалниот БДП.
Учеството во глобалниот БДП од формирањето на групацијата постојано расте – од 8 отсто во 2001 пораснал на 26 отсто во 2022 – но од друга страна само Русија има поголем БДП по глава на жител (15,345 американски долари) од светскиот просек, кој изнесува 12,657 американски долари. Кинескиот БДП е токму на линијата на тој просек (12,720), додека Бразил (8,918), Јужна Африка (6,776) и Индија (2,389) се далеку под просекот. За споредба, БДП по глава на жител во САД минатата година изнесуваше 81,695 американски долари.
Медиумот го цитира интервјуто за францускиот дневен весник „Монд“ од 2021 година на Џим О’Нил, главниот економист во инвестициската банка „Голдман Сакс“ и творецот на акронимот БРИКС, во кое забележал дека соодветните удели на Русија и Бразил во глобалната економија „по една деценија брз раст, се намалиле на нивното ниво од 2001 година“.
Можеби требаше да го наречам овој клуб „ИК“ (за Индија и Кина)“, додаде О’Нил. „Или само „К“, цитира „Франс24“.
Иако во регионот има групации со големи симпатии кон БРИКС, можат да се пренесат и поинакви пораки, како таа на белградскиот политиколог Александар Ѓокиќ во врска со отсуството на српскиот претседател Александар Вучиќ на самитот во Казан (на кој, сепак, испрати четири министри, плус присуството на Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина). Ѓокиќ смета дека БРИКС не е голема закана за Западот, бидејќи во последниве 20 години немал никакви значајни резултати и успеси за кои може да се зборува.
Попрво би можеле да кажеме дека Кина е сериозниот предизвикувач на Западот, а не БРИКС. Му се придава преголемо внимание. Србија, на пример, годинава потпиша билатерална спогодба со Кина. Тоа е многу поважен чекор и од економска гледна точка и кога станува збор за односите на земјата со ЕУ, анализира Ѓокиќ во белградскиот магазин „Време“.