Со стар текст се манипулира дека Русија се повлекла од СЗО и СТО

Published on:

Русија сè уште е активна членка и на Светската здравствена организација и на Светската трговска организација. Рускиот парламент ниту разгледал, ниту гласал по каква било иницијатива за повлекување на земјата од двете големи светски организации, ниту пак, е најавено такво нешто во следниот период, пишува Вистиномер.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека Русија се повлекува од Светската здравствена организација (WHO) и од Светската трговска организација (WTO). Ова не е вистина. Русија е членка на овие меѓународни организации и нема преземено никакви конкретни чекори да ги напушти.

Русија се повлекува од светската здравствена организација и од светската трговска организација.

Следи комплетна реконструкција на Обединетите нации и крај на англосаксонската хегемонија.

Ако нејќат милом тогаш силом..., се вели во постот.

На објавата којашто неточно тврди дека Русија се повлекува од две големи меѓународни организации, прикачен е принтскрин од медиумска објава на престижниот медиум Политико. Овој принтскрин е точен односно фотографијата не е изманипулирана, а Политико навистина има објавено ваков текст со ваков наслов.

Манипулацијата е во датумот на објавувањето. Овој текст на Политико е објавен на 18 мај 2022 година, односно пред повеќе од една година. Принтскринот којшто е прикачен на објавата, што е предмет на оваа рецензија, не го покажува датумот на објавата на оригиналниот текст, па така ги манипулира корисниците на социјалните мрежи дека оваа вест е нова и дека ова повлекување се случува сега.

Она што е објавено во самиот напис на Политико е изјава од потпретседателот на рускиот парламент Пјотр Толстој, кој во мај минатата година кажа дека Долниот дом на рускиот парламент, Државната дума, планира да разговара за потенцијалното повлекување на земјата од Светската трговска организација (СТО) и Светската здравствена организација (СЗО).

Имаме задача да ги ревидираме нашите меѓународни обврски, договори кои денес не носат никаква корист, туку директно ѝ штетат на нашата земја. Министерството за надворешни работи испрати список на такви договори до Државната дума и заедно со Советот на Федерацијата [горниот дом на парламентот] планираме да ги анализираме и потоа да предложиме да се повлечеме од нив, рече Толстој минатата година.

Во истиот текст на Политико подолу е цитирано интервју со Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, кој изјавил дека го прашал руското Министерство за надворешни работи за нивното потенцијално повлекување и му било кажано дека „руската позиција е спротивна“. Министерството му кажа на Клуге дека Русија има намера да ја продолжи соработката со СЗО и „не испратила никаков предлог до парламентот за повлекување од СЗО“.

Две недели подоцна, Руската новинска агенција ТАСС, објави дека министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров, обраќајќи им се на пратениците на Државната дума изјавил дека „Неразумно е Русија да се повлече од Светската трговска организација (СТО)“.

Ни требаше многу долго, скоро 16 години, за да влеземе во организацијата. Голем предизвик е да се пресмета резултатот во однос на вредноста. Ние, исто така, ја заштитуваме нашата индустрија, користејќи ги сите можни средства што треба да се применат во рамките на цивилизираните правила што ги земаат предвид СТО. Не мислам дека е разумно да се повлечеме денес, затоа што веќе се прилагодивме на тие услови, рече тој одговарајќи на прашање на еден од пратениците.

Русија нема да иницира повлекување од Светската трговска организација (СТО), додека нејзиното протерување од организацијата е законски невозможно“, изјави неколку дена подоцна и рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Панкин.

За ова не се разговара. Намерно влеговме во организацијата поради придобивките што ги очекувавме и ги добивме, и нема да ја треснаме вратата, им рече Панкин на новинарите на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург како одговор на новинарско прашањето.

Речиси 14 месеци по објавата на Политико, односно по изјавата на потпретседателот на руската Дума, Русија сè уште е активна членка и на Светската здравствена организација и на Светската трговска организација. Рускиот парламент ниту разгледал, ниту гласал по каква било иницијатива за повлекување на земјата од двете големи светски организации, ниту пак, е најавено такво нешто во следниот период.

Вистиномер ја класифицира оваа објава како невистина. Русија не се повлекува ниту од Светската здравствена организација ниту од Светската трговска организација туку останува нивна активна членка.

hubmk