Објавата без никакви факти и докази, притоа користејќи фотографии од странство, сака да предизвика некакви емоции кај следбениците, но и револт, правејќи неосновани споредби. Пожари во Македонија имало и ќе има, државата се справува со нив со сите расположливи капацитети, како и со помош од странските партнери и тоа во никој случај не може да се доведе во корелација со надворешната политика на земјата и поддршката за Украина која две години се обидува да се одбрани од руската агресија
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Вие секирајте се и праќајте помош на Украина, наместо да ги жалите овие храбри млади момчиња и други како нив, кои се борат со огнената стихија на ова топло време. Срам да ви е
Објавата споделува и драматична фотографија од млад пожарникар, за кој, според напишаното, оние кои ќе ја видат објавата ќе сфатат дека е од С. Македонија.
Ниту фотографијата, ниту помошта за Украина имаат некаква врска со пожарите во Македонија.
Имено, Вистиномер ја пребара фотографијата на Гугл и најдовме дека таа е направена лани во Грција. На оригиналната фотографија може да се види дека на пожарникарското возило има натпис на грчки јазик.
Дека фотографијата е од Грција, утврдиле и од сервисот за проверка на фактите Стоп фејк на бугарски јазик, бидејќи истата фотографија деновиве масовно се споделува и во Бугарија, прикажувајќи ја како да е од пожарите таму.
Понатаму, објавата тврди дека никој не ги жалел македонските пожарникари и наместо тоа се испраќала помош во Украина. Мешање баби и жаби. Помошта во Украина која ја испраќа државата не е ништо ново и нема никаква врска со справувањето со пожарите.
Имено, во гаснењето на пожарите се вклучени и војската и полицијата, а помош пристигна и од Европската Унија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 18 јули 2024 година на Фејсбук напиша:
Врз основа на укажаната потреба и побарувања за поголем обем на ангажман во гасењето на пожарите, донесов одлука за ангажирање на дополнителни 200 припадници на Армијата во гасење на пожарите. Дополнителните сили од составот на Командата за операции и Командата за обука и доктрини ќе се ангажираат по насоки на Центарот за управување со кризи, кој е надлежен за координација на сите вклучени институции.
Од денеска вкупно 300 армиски припадници ќе даваат активен придонес на терен во локализирање на пожарите.
Како што инфформираа медиумите, два хеликоптера на МВР од Одделот за воздухопловни единици дејствувале на повеќе локации каде што имаше пожари во реонот на Богомила, селата Габровник и Мокрени.
Како што информираше директорот на ЦУК Стојанче Ангелов на 21 јули 2024 година, за сузбивање на пожарите се распоредени ер-трактори од ДЗС, армијата и хеликоптери на МВР. Копнената поддршка вклучува 30 полицајци од единицата Тигри, десет армиски персонал и 40 членови на ДЗС, сите фокусирани на локализирање на пожарот.
Помош за државата за справување со пожарите стигна и од Европската Унија.
Со активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, во Северна Македонија се распоредени четири хеликоптери и три противпожарни авион од Хрватска, Словенија, Србија и Турција, информираше на 16 јули, портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаш Ујвари.
За помош во справување со пожарите во земјава се испратени еден хеликоптер од Србија, два хеликоптери од Словенија, хеликоптер и два авиони од Турција и авион кој е дел од противпожарната флота на ЕУ стациониран во Хрватска.
Значи, никој не ги оставил сами пожарникарите во Македонија, како што тоа сака да го прикаже објавата, уште помалку затоа што се испраќала помош во Украина.
Како што информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски, новата влада ќе продолжи да дава воена помош на Украина.
Знаете дека доста донации се дадени на Украина, ние сме петта земја по донации и за мала земја тоа е огромен успех. Претходната влада тоа го правела и јас го поздравувам тоа. Без разлика дали било од претходната влада или оваа влада истото ќе го прави, тоа мора да продолжи. Се разбира, ние мора да ѝ помагаме на Украина во овие тешки времиња и ќе гледаме сето она што не ѝ е потребно на нашата Армија да го дадеме, рече Мисајловски.
Од сето погоре може да се закклучи дека објавата без никакви факти и докази, притоа користејќи фотографии од странство, сака да предизвика некакви емоции кај следбениците, но и револт, правејќи неосновани споредби. Пожари во Македонија имало и ќе има, државата се справува со нив со сите расположливи капацитети, како и со помош од странските партнери и тоа во никој случај не може да се доведе во корелација со надворешната политика на земјата и поддршката за Украина која две години се обидува да се одбрани од руската агресија. Поради тоа, можеме да кажеме дека на објавата ѝ недостига контекст.