Интернационалната легија во Украина Фото: Mil.gov.ua via Wikimedia Commons
Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“
Објава на Фејсбук ја шири руската пропаганда дека странците кои се борат за Украина се платеници, но тие не ја исполнуваат дефиницијата за платеници според меѓународното право, туку се регуларни војници на Украина по договор. Исто како и оние од Киев или Харков, со кои имаат исти права и обврски, а и во Русија има војници по договор, меѓу кои има и странци. Објавата манипулира и дека Русија во Украина војува против Полјаци и други дојденци, кои не треба да се заробуваат, туку да се егзекутираат и дека Русија е хумана кон Украинците, а тука е споделен и клип, чие потекло и веродостојност се нејасни
Објава во социјалната мрежа Фејсбук споделува клип проследен со следниов опис:
„Наредбите СЕ ДА НЕ ОСТАВААТ ЖИВ НИКОЈ ПЛАТЕНИК“
Овој руски војник објаснува како се убиени најверојатно полски платеници
Објавата е преземена и невешто преведена од овој странски Телеграм канал, а клипот содржи сведоштво на еден руски војник за странските „платеници“ кои војуваат за Украина. Но, тоа е само пропаганда на рускиот агресор за оцрнување на Украина и странците кои војуваат за неа. Тие не се платеници и не ги исполнуваат критериумите за да бидат сметани за такви. Тоа е дефинирано во Меѓународното хуманитарно право, кое се темели врз Женевската конвенција. Постои и посебна Конвенција на ООН, која го дефинира наемништвото и која е насочена против него.
Украина е потписник на таа конвенција и не врбува платеници. Странците кои војуваат за Украина се вклучени во нејзините регуларни сили (со договор, потпис, печат итн.), па, на пример, еден борец од САД или Британија има ист статус како и војникот од Киев, Харков, Лавов или Одеса.
Тие странци ги имаат истите права и обврски како и украинските војници и не добиваат поголеми плати од нив како што е тоа типично за платениците. Тоа што тие странци добиваат плата не ги прави платеници. Нормално е да постојат професионални војници, а такви има и кај нас, но нив не ги викаме платеници. И во Русија има војници по договор (контрактники), меѓу кои има и странци.
Украина овозможи странци легално да служат во нејзините сили во 2016 г., а во 2022 г. создаде Интернационална легија, јасно укажувајќи дека тоа не е наемништво. Многу од легионерите се од западните земји, кај што можат подобро да заработат, па мотив не им се парите, туку почитта кон Украина. Платениците, пак, војуваат за оној, кој плаќа повеќе. Тие учествуваат во конфликти, во кои нивната држава не е завојувана страна и тие не се регуларни војници на државите за кои војуваат.
Некои од тие критериуми за наемништво се среќаваат кај руската приватна војска Вагнер. Тоа се руски државјани, кои за пари се борат и во конфликти во кои Русија не е завојувана страна (во Централна Африка, Мали, Судан и Либија). Кремљ долго криеше дека стои зад Вагнер, со што тие не фигурираа како војска регулирана од руската влада, што подоцна се промени. Излегува дека Русите се бават со еден вид на наемништво, а ѝ морализираат на Украина за тоа. Сепак, Вагнер не ги исполнуваат сите услови за да бидат оценети како платеници, па нивниот статус е малку нејасен.
Настрана од тоа, во руската регуларна војска има контрактники. Формално, тие не се платеници, но мотивот им е сепак главно финансиски. Среде нив има и странци од Непал, Шри Ланка, Индија, Сомалија, Куба и други сиромашни земји. Контрактник е можеби и рускиот војник во клипот во објавата. Тој сведочи како елиминирал странски „платеници“, кои се бореле за Украина, но е малку нејасен дали тоа го сторил во битка или подмолно ги егзекутирал, иако можел да ги зароби живи.
Забуна внесува тоа што тој вели дека добил наредба никогаш да не остава платеници живи, што е воено злосторство. Навистина, конвенциите не нудат исти права за војниците и платениците, но и овие вториве мора да бидат третирани хумано и не смеат да бидат просто така убивани ако може да се заробат. Ако се заробени од одредена држава, таа смее да ги суди за наемништво, ако е тоа казниво според нејзините закони, но не смее да ги казни без суд.
Клипот шири пропаганда дека Русија во Украина се бори против Полјаци и други дојденци, па војникот вели (иако признава дека не е сигурен во тоа) дека „платениците“ говореле на полски, а не на украински јазик (кого, патем, го нарекува „хохловский “, што е говор на омраза). Русите слабо владејат со странски јазици (па дури ни со украинскиот), за што сведочат анкетите на Левада, најпознатиот аналитички центар во Русија, а тие „платеници“ може биле Украинци, но на војникот му звучеле како Полјаци. Забуна создава и тоа што меѓу украинскиот и полскиот јазик има лексичка сличност од 70 отсто. Блискоста е особено голема кај западноукраинските дијалекти.
Целта на објавата е да ги обесхрабри оние кои би заминале да се борат за Украина (таквите кај нас се ретки, но објавата е од странски извор). Таа ги дезинформира дека тие со тоа ќе станат платеници, дека ќе ги прекршат меѓународните конвенции и дека ќе бидат егзекутирани, што, наводно, им следува на платениците, но тоа не е вистина. Објавата за тоа вели:
Ова е жалба и со Женевската конвенција, затоа не одете да се борите во Украина!
Пропагандистичкиот тон на објавата се согледува и по следниве зборови:
Најдобар и пријателски третман што Русите го прават на насилно мобилизираните Украинци. Многу од нив дури можат да добијат руско државјанство и да си одат да го живеат својот живот надвор од војна.
Русија не ги третира Украинците пријателски, туку врши агресија, масакри, разурнувања и други воени злосторства врз нив. Едно од нив е и насилната мобилизација во руската војска на Украинци од окупираните територии, кои Русија илегално ги анектираше. Украинските војници, кои се враќаат од руско заробеништво, сведочат за инквизиторски тортури, а некои не се ни заробувани, туку се подмолно егзекутирани.
Најголем дел од објавата е невистинит, а што се однесува до клипот, таа не ни кажува ни кој е негов автор и примарен извор, ни кога тоа било снимено, ни дали тоа било во Украина или Курската област на Русија, кајшто исто така се војува. Не знаеме ни кој е војникот кој таму говори, ни каква должност врши, ни дали настанот кој го опишува е вистинит. Единствено што гледаме е дека тој носи црвена ознака на десната рака на воената групација Отважные. Клипот го најдовме и на други места (тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука и тука), но не и детални податоци за него.
Тука имаме нејасна и сомнителна ситуација, па немаме друг избор освен да дадеме општа оценка дека објавата е невистинита.