Теоријата на заговор дека сопругата на Макрон се родила како маж, повторно актуелна

Published on:

Брижит и Емануел Макрон, ноември 2018 година Фото: The Kremlin, MoscowCC BY 4.0, via Wikimedia Common

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Во септември 2024 година, две жени кои први ја проширија невистината дека Брижит Макрон е „родена како машко“, судски се осудени од кривичниот суд на Париз да ѝ платат отштета на сопругата на претседателот Макрон, за клеветата што ја сторија против неа ширејќи такви лаги

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Пенисот од Брижит Макрон е топ тема.

„Не е моја вина што Макрон се женил со пенис“ – Candace Owens.

Макрон го замолил Трамп да оргират кај Кандис да прекини со објавите за пенисот од жена му.

Доколку имало докази дека неговата сопруга со пенис фактички е биолошка жена, зошто е потребна ургенција.

Причината е што – Не постои ниту еден доказ, документ, фотографија од Бриџит Макрон како девојка, жена до 30-годишна возраст.

Тој е аргументот кој го побара Кандис од Макрон за прекин со објавите за неговата сопруга со пенис. Макрон не доставил ниту еден доказ. Ниту пак поднел тужба за клевета против Кандис.

И то… Курето од баба е нервозно.

Како што пишува „Ле Монд“Кандис Овенс е коментаторка кој се залага за теории на заговор, претставува фигура на американската крајна десница и неуморно работи на оживување на лажни информации за тоа дека сопругата на претседателот Емануел Макрон е трансродова.

Во Франција, во септември 2024 година, на две жени им беше наредено да платат отштета за клевета за ширење на невистинитата дека „Брижит Макрон е машко“ и дека имала операција за промена на полот.

Во својата емисија во јуни 2024 година, водителот Пирс Морган ги нарече тврдењата на Кандис Овенс „многу навредливи, многу погрешни“ . Потоа, во објава на „икс“ од јануари 2025 година насловено како „Добив правна закана од актуелен претседател…“, Овенс открива дека ја контактирала адвокатска фирма што ги претставува самите Макронови да ја предупреди за клеветите.

Зборувајќи на настан во Париз во март 2024 година, францускиот претседател за овие дезинформации рече:

Најлошото нешто се лажните информации и измислените сценарија. Луѓето на крајот им веруваат и ве вознемируваат, дури и во вашата интимност.

Исто така во март, ќерката на г-ѓа Макрон, Тифан Озиер , изјави за радиодифузерот BFMTV дека гласините се „гротескни“ и „форма на вознемирување“.

Како надоврзување на дезинформациите што се шират за Брижит Макрон е и вирален пост споделен на X, кој тврди дека Франција наводно ѝ понудила на конзервативната коментаторка Кандис Овенс еднократна исплата од 4 милиони долари и 50.000 долари месечно до крајот на нејзиниот живот за да престане да известува за првата дама на Франција, Брижит Макрон.

Во ноември лани, на Овенс ѝ беше одбиена виза за влез во Нов Зеланд, според „Асошиејтед прес“ . На Овенс претходно ѝ беше одбиено барањето за виза во Австралија, во кое се наведуваат забелешки во кои таа наводно негира дека Евреите биле предмет на медицински експерименти во нацистичките концентрациони логори.

Овенс започна серија наречена „Becoming Brigitte“ преку нејзиниот Јутјуб канал каде тврди дека  Брижит Макрон е наводно трансродова. Во онлајн епизода од нејзиниот подкаст „Candace“, Овенс тврди дека добила правна закана од претседателот Макрон како одговор на нејзините тврдења за неговата сопруга.

Сопругата на претседателот на Франција со тужба ѝ се спротивстави на теоријата на заговор која кружи на интернетот (а и во објавата што ја рецензираме) дека е „трансродова и дека е родена како машко“. Првата дама на Франција се најде на мета на социјалните мрежи каде бројни тврдења за оваа невистина беа објавувани од страна на теоретичари на заговори.

Овие невистини одеа дотаму што се тврдеше дека „е родена како машко под името Жан Мишел Троњо“. Името на социјалните мрежи се споменуваше десетици илјади пати.

„Ројтерс“ нотираше дека во оваа хајка против Брижит Макрон постоеа и споделувани беа различни фабрикувани фотографии за да се претстави „како таа наводно изгледала во детството кога била родена како машко“. Но, станува збор за невистина и за фотографии коишто не се веродостојни туку креирани со помош на алатки.

Во септември 2024 година, две жени кои први ја проширија невистината дека Брижит Макрон е „родена како машко“, судски се осудени од кривичниот суд на Париз да ѝ платат отштета на сопругата на претседателот за клеветата што ја сторија против неа ширејќи такви лаги.

Двете жени играа главна улога во пропагандата со ваква содржина во 2021 година на начин што имаа долго интервју над 4 часа, презентирајќи се како „независни новинарки“ на тема „заговор“ „измама“ и „државна лага“ за која тврдеа дека ја откриле. Во четиричасовното интервју на Јутјуб, двете жени покажаа фотографии од Брижит Макрон и нејзиното семејство, зборуваа за „операции што таа ги имала“, тврдеа дека не е мајката на нејзините 3 деца и издадоа лични податоци за нејзиниот брат, пишува француски „Ле монд“.

Според адвокатот на Макрон, Жан Еночи, не станува збор за победа со оваа пресуда – туку за вообичаено применување на правото.

На судењето адвокатот Еночи инсистираше дека оваа теорија на заговор предизвикала огромна штета предизвикана од лажните вести, кои се проширија низ целиот свет.

Тактиката на неосновано етикетирање на некого како трансродов не е специфична само за Брижит Макрон. Многу жени од висок профил се соочиле со слични теории на заговор кон нив. Феноменот е познат како „трансвестигација“, пишува Еуроњуз.

Побиената теорија на заговор дека Брижит Макрон, сопругата на францускиот претседател Емануел Макрон, е родена како биолошки маж и преминала во жена, е пласирана многупати во последниве години, но тоа не ја прави веродостојна.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.