Учеството во странска војска е забрането со Кривичниот Законик без оглед која е војската

Published on:

Војна во Украина | Фото: Ministry of Defense of UkraineCC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Кривичното дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ е казнувано со затворски казни за повеќе лица државјани на Република Северна Македонија, а кои биле осудени за истото. Затворските казни во некои случаи според нашата анализа се движат меѓу 4 и 6 години. Пресудите се однесуваат на лица кои што се бореле или се обиделе да се приклучат во ИСИС, наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме дека „исисовци во Македонија се борат во Сирија, се враќаат и заминуваат кога сакаат“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Стотици Вахабисти и исисовци од Македонија се бореа во Сирија и никому ништо, се враќаат и заминуваат кога сакаат, ама ете, за Тошковски, проблем се Македонците кои сакаат да се борат на руска страна против укрофашистите и нивните западни ментори, па тој одма ги апси, небаре сечеле глави како првоспоменатите за кои има посебни повластици и се им е дозволено. Пу јазк.
Во склоп на објавата се споделува скриншот од наслов од медиумски напис „Македонски државјанин обвинет за обид да се приклучи на руската војска“.
„Вистиномер“ поседува судски пресуди кои се објавени на страницата на Кривичниот суд, од кои е евидентно дека кривичното дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ е казнувано со затворски казни за повеќе лица државјани на Република Северна Македонија, а кои биле осудени за истото. Затворските казни во некои случаи според нашата анализа се движат меѓу 4 и 6 години. Пресудите кои ги разгледавме се однесуваат на лица кои што се бореле или се обиделе да се приклучат во ИСИС, наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме дека „исисовци во Македонија се борат во Сирија, се враќаат и заминуваат кога сакаат“. Во мај 2023 година, објавена е информација од МВР во која се вели дека „во македонските затвори има над 50 лица повратници од ИСИС“.
Конкретниот случај кој е наведен во објавата што ја рецензираме, се однесува на кривична пријава против македонскиот државјанин Ј.К за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“, кој според сознанијата на полицијата, заминал во Москва за да ѝ се приклучи на руската војска, но, на 11 октомври се вратил во земјата.

Пријавениот, откако претходно се запознал со пропаганден материјал со повик за служење во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации за потребите на Руската Федерација, преку интернет платформа за комуникација стапил во контакт со непознато машко лице кое му се претставило дека бил задолжен од страна на руската војска да регрутира војници за служба во руската војска за паричен надоместок од 3.000 евра. Искажувајќи подготвеност за приклучување на новоформиран одред во рамки на руската армија наменет за борба на воените фронтови во Украина, пријавениот на 5 октомври годинава од Меѓународен аеродром Скопје преку Белград заминал во Москва, Руската Федерацијасоопшти МВР.

 

Обвинителството, исто така, на својата страница објавува кога има ситуации во кои се спроведуваат истраги за лица вклучени во странски воени формации. Така на 28 февруари 2020 година Обвинителството информираше за случај во кој македонски државјанин се нашол под истрага.

На почеток на месец ноември минатата година, осомничениот, со намера да учествува и да се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во Сирија, ја напуштил територијата на нашата држава со автобус и заминал за Р.Турција. Во текот на патувањето остварувал контакти со македонски државјани, истакнати приврзаници на радикален ислам, кои се наоѓале во кризните подрачја на Сирија и кои му помогнале со контакти со лица од Р.Турција што ќе му овозможат префрлање во Сирија. При обид илегално да ја премине границата на Р. Турција во воено забранетата зона и да влезе на сиријска територија бил спречен и фатен од страна на турските власти. При легитимирање дал лажен идентитет на државјанин на Р. Италија. По пат на меѓународна соработка со Р. Турција, осомничениот е екстрадиран во Р. С. Македонија и изведен пред судија на претходна постапка. Поради постоење на основите предвидени во член 165 ст.1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка по предлог на надлежен обвинител на осомниченото лице му е определена мерка притвор во траење од 30 денаинформираше тогаш Обвинителството.

Според македонскиот кривичен законик, кривично дело е македонски државјани да се борат за странска војска, независно од тоа чија е таа. Три дена по почнувањето на воената инвазија од страна на Русија врз Украина, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, апелираше граѓаните на странски држави да дојдат во Украина да се приклучат на странска легија и да се борат заедно со Украинците. Потоа, Министерството за надворешни работи на Украина претстави и веб-страница за странски државјани кои сакаат да се приклучат на Меѓународната легија за одбрана на Украина со сите контакти за странските претставништва на Украина во сите земји каде се формираат странски волонтерски единици.

Но, овој повик за македонските државјани веднаш беше ставено до знаење дека е недозволлив и тоа преку официјално соопштение од Министерството за надворешни работи. Кривичниот Законик на Република Северна Македонија предвидува дека казната за учество или обучување во странски војски и паравоени формации и групи надвор од земјава, изнесува најмалку 4 години затвор.

Министерството за надворешни работи ги потсетува граѓаните на С. Македонија дека учеството во која било странска војска, со законските прописи, поточно со Кривичниот законик на земјава, е кривично дело. Како пријателска земја на Украина, имаме разбирање за сложената состојба во која се наоѓа Украина и која ги става во посебна состојба украинските власти да повикуваат за секаков вид помош, во сите пријателски земји, вклучувајќи и придружба, и/или доброволци кои би се приклучиле на украинската армија во одбраната од воената закана која доаѓа од руските воени сили, наведоа од МНР во своето соопштение.

Од горенаведените примери, станува јасно дека кривичното дело учество во странска војска, е казниво со затворска казна, без притоа да се прави дистинкција за тоа за која странска војска се работи. Архивата на Кривичниот суд во која пребаруваше „Вистиномер“ даде резултати за бројни лица кои се осудени за учество во ИСИС а се од државава.

 

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека „стотици вахабисти и исисовци од Македонија се бореа во Сирија и никому ништо, се враќаат и заминуваат кога сакаат“, а од друга страна оние кои сакаат да се борат за Русија веднаш се апселе. Кривичното дело учество во странска војска е казниво независно од тоа дали се работи за учество во војска на Русија, Украина или во некоја друга земја.