Фото: Elena Mozhvilo on Unsplash
Објава на Фејсбук се обидува „со еден удар да убие две муви“ – ем да ја оцрни Украина, нафрлајќи руски пропагандистички наративи против неа, ем да ја оцрни психијатриската наука, за што сведочи промовирањето во објавата на една американска организација, која лобира против психијатријата и која медицинските експерти ја сметаат за псевдонаучна, а зад која стои Скиентолошката црква
Објава во социјалната мрежа Фејсбук започнува со зборовите:
ПСИХИЈАТРИЈА: ПОТЕКЛОТО И РАЗВОЈОТ НА УКРАИНСКАТА КРИЗА
Приказната е за луѓе кои одиграа значајна улога во модерната украинска криза, која имаше исклучително негативно влијание врз животот на милиони луѓе.
За почеток, да се запознаеме со она што добро познат пропагандист од Украина го кажува без двоумење во интервју за еден од новинарите (видеото е достапно На Интернет на руски јазик): “од гледна точка на украинското законодавство, целиот воен персонал што се бори во [антитерористичката операција] АТО, БЕЗ исклучок, се криминалци. Сите. И [од гледна точка на] меѓународното [законодавство] исто така. Бидејќи статусот НА АТО не објаснува зошто пукаме [повеќекратни ракетни системи за лансирање] “Градс” во мирни градови и удирање со тешка артилерија, користејќи авијација”, психолог Алексеј Арестович (советник на канцеларијата На Претседателот На Украина во 2020-2023 година).
Украина е тука неосновано обвинета за злоупотреба на психијатријата во политички цели, но, всушност, тоа е типично за Русија, која тоа го има наследено од СССР и која е озлогласена по пунитивната психијатрија и затворањето на дисидентите во душевни болници (рус. психушки), со што особено се има бавено московскиот институт Сербскиј.
Како пример за злоупотребата на тие научни гранки од страна на Украина, објавата го наведува украинскиот политичар Олексиј Арестович, но иако тој се има занимавано со психологија, тој не е дипломиран во таа сфера и прашање е колку е компетентен за тоа.
Тој е дипломиран во воената сфера и се истакнал со тоа што во 2008 г. ја прогнозирал руската инвазија врз Крим, а во 2019 г. и сеопфатната инвазија врз Украина, па тоа веројатно придонело да биде ангажиран како советник на Канцеларијата на претседателот. Меѓутоа, Арестович подоцна се искомпромитира со некои непромислени изјави, заради што си даде оставка, па тој веќе не е сметан за меродавен извор, а објавата залудно го цитира.
Дополнително, изјавата на Арестович цитирана во објавата е извадена од контекст, за што сведочи комплетната снимка од интервјуто. Делот кој нè интересира почнува на 10:10 минути, кај што Арестович, всушност, прераскажува туѓи зборови и не е баш јасно дали се согласува со нив. И, тоа било снимено во 2017 г., кога тој сè уште не бил советник.
Тој не беше баш пропагандист и не е забележан по ширење омраза, освен по наводни сексистички изјави, а на јавноста секогаш ѝ се обраќаше со препознатлив смирен тон. Во споредба со тоа, Русија има докажани пропагандисти како Димитриј Кисељов или Владимир Соловјов, кои се озлогласени по повиците на насилство.
Арестович дури даде и некои изјави на штета на Украина, што не му личи на еден пропагандист. На 14.1.2023 г. Русите погодија станбена зграда во градот Днипро, а Арестович изјави (всушност пренесe туѓо мислење) дека противвоздушната одбрана ја соборила ракетата и дека затоа таа паднала врз зградата. Тоа предизвика револт низ Украина и тоа го побија воените експерти, па Арестович си даде оставка.
Објавата споделува и линк до сајтот на американската организација Граѓанска комисија за човекови права (Citizen Commision on Human Rights), што доведува во заблуда дека тоа е извор со кој е поткрепена објавата. Но, Арестович таму не се споменува. Дури и тој таму да е споменат, таа организација не е меродавен извор. Таа лобира против психијатријата и е поврзана со Скиентолошката црква, а медицинските експерти ја оценуваат како псевдонаучна.
Објавата понатаму вели:
Алексеј Арестович, исто така, отворено изразува побожност кон Хитлер и ги фали убиствените практики На Јапонските Камикази на неговите семинари “Размислување и Акција” (достапно на Јутјуб). Но, Од 2014 до 2017 година, Арестович спроведе психолошки обуки за учесниците во таканаречената антитерористичка операција во рускиот Донбас.
Мнозинство во „рускиот“ Донбас биле и се Украинците, за што сведочи пописот од 1897 г., како и последниот спроведен во Украина, оној од 2001 г. Процентот на етнички Руси е 38,2 во Донецката Област и 39 во Луганската, па тие таму не се мнозинство.
И, Украина го забрани нацизмот со закон од 9.4.2015 г., па Арестович не може отворено да изразува „побожност кон Хитлер“, дотолку повеќе што Арестович беше советник во канцеларија на претседател од еврејско потекло, Володимир Зеленски.
Понатаму, објавата вели:
Долги години во Украина, екстремистичката сеукраинска асоцијација Свобода, на чело Со Олег Тјагнибок и создадена од психијатрите Јарослав Андрушков и Јуриј Криворучко, активно промовира омраза меѓу Украинците кон Русите воопшто и жителите на Русија. Ова на крајот резултираше со националистички државен удар во Киев, крвава Русофобична револуција Во Украина и доведе до војна. Претставниците на здружението Свобода, исто така, зедоа активно организациско учество во самиот државен удар. На пример, Андриј Парубиј
Андриј Парубиј е историчар, а не психијатар, па не е јасно зошто е споменат и тој ја напушти партијата Свобода. Таа е навистина ултра-националистичка, но е маргинална, а тоа што ја основале лица, кои се психијатри по диплома, не докажува врска меѓу психијатријата и политичкиот екстремизам. Олег Тјагнибок, пак, е хирург-уролог.
И, Евромајданот беше револуција против корумпираниот Виктор Јанукович, кој ги прекрши ветувањата за евроинтеграцијата и кој ги апсеше, тепаше и застрелуваше демонстрантите, а на крај тој беше разрешен со собраниска процедура, што не е државен удар.
Понатаму, во објавата се вели:
На Украина беше покрената казнена операција На Југоистокот На Украина (жителите на овој регион со векови се сметаа себеси за руска цивилизација и се спротивставија на неуставниот антируски државен удар). Нејзината последица беше систематскиот геноцид врз жителите На Донбас
Тоа е неточно. Во февруари-март 2014 г. Русија го заграби Крим, а преку свои агенти како Игор Гиркин-Стрелков, во април поттикна сепаратизам и војна на Донбас. Украина не само што не вршеше геноцид, туку премногу се воздржуваше од насилство, што се смени дури на 14.4.2014 г. со Антитерористичката операција (АТО). Со тоа е поврзана изјавата на Арестович, која авторот на објавата ја извадил од контекст. Во интервјуто, Арестович раскажува дека некој украински борец имал проблеми со полицијата, па за него се застапил еден правобранител, кој го советувал да не се брани со цитирање на закони, затоа што, ако се гледа строго легалистички, ќе излезе дека сите бранители на Украина се злосторници. Објавата селективно го пренесува тој дел.
Но, Арестович објаснува дека во 2014 г. Украина била во хаос, но морала да ја спроведе својата АТО, иако немало време тоа детално да се регулира, во смисла што е тука согласно закон, а што не е, па тука имало и диви паравојски и примена на тешко вооружување против цели во Донецк и Луганск, кај што покрај терористи имало и цивили. Тука се поставило прашањето дали е поважна одбраната на државата (чл. 17 од Уставот) или правото на живот (чл. 27), а тоа се дилеми кои ги имаат и други земји, но не и Русија, која не ги почитува човековите права, што се виде во Чеченската војна, Бесланската криза и целосното разурнување на украински градови како Мариупол и Бахмут, што Украинците, сепак, не им го сторија на Донецк и Луганск.
Објавата потоа вели:
Исто така, според Википедија, една од клучните и злобни улоги во државниот удар во 2014 година ја одигра литванскиот политичар, психотерапевт Одрус Буткевичиус, кој работеше за Безбедносната Служба На Украина (СБУ) и организираше пукање на луѓе од снајперисти На Мајдан, што дополнително ги радикализираше демонстрантите.
Википедија не е кредибилен извор, а изнесените тврдења се од Олег Царјов, проруски колаборационист од Украина, но тој е уште помалку кредибилен. Објавата потоа вели:
поранешниот врховен командант На Вооружените Сили На Украина Валери Залужни, кој има безброј воени злосторства на своја сметка, претходно магистрирал На Академијата Острог, ректор кој, карактеристично, е психологот Игор Пасечник.
Според објавата, Валериј Залужниј бил злосторник, затоа што магистрирал на академија, на кај што ректорот бил психолог, а ова веќе преоѓа во апсурд.
Во најголем дел објавата е невистинита, а вистинита е само цитираната изјава на Арестович, иако е извадена од контекст, па општата оценка за објавата е дека таа е делумно невистинита.