Украинците не го забранија рускиот јазик, туку го втемелија украинскиот во службената употреба

Published on:

Кириличната азбука на украинскиот јазик Фото: FDRMRZUSACC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Овој напис е првобитно објавен од Вистиномер.мк (Северна Македонија), во рамки на проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на штетните влијанија преку набљудувачко новинарство.“

Не е точно дека Украинците им забраниле на Русите да зборуваат руски во Украина. Всушност, тоа што некои луѓе во Украина зборуваат руски јазик, не ги прави де-факто Руси. Иако во 2019 година во Украина беше донесен закон дека украинскиот јазик е официјален во Украина, сепак рускиот јазик останува широко користен јазик во Украина во поп-културата, во неформалната и во бизнис-комуникацијата. Како што пишуваат проверувачите на факти на „Политифакт“, во април 2019 година, Парламентот на Украина одобри закон за јазикот според кој украинскиот јазик е официјален јазик за вработените во јавниот сектор во државата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Овај Чашуле скрос забегал брејјјј. Ја споредува Русија со Бугарија а нас со Украина. Е па Коле не сери, ниту сме ние укрофашисти а ниту Русите им го забранија јазикот туку обратно се случи. Украинците на Русите (35% на број во Украина ) им беше забранет Јазикот и Црквата.

Не е точно дека Украинците им забраниле на Русите да зборуваат руски јазик во Украина. Всушност, тоа што некои луѓе во Украина зборуваат руски јазик, не ги прави де-факто Руси. Иако во 2019 година во Украина беше донесен закон дека украинскиот јазик е официјален во Украина, сепак рускиот јазик останува широко користен јазик во Украина во поп-културата, во неформалната и во бизнис-комуникацијата. Како што пишуваат проверувачите на факти на „Политифакт“, во април 2019 година, Парламентот на Украина одобри закон за јазикот, според кој украинскиот јазик е официјален јазик за вработените во јавниот сектор во државата.

 

Закон за украинскиот јазик како државен јазик

Усвојувањето на овој закон бара граѓаните да го знаат украинскиот јазик и јавните службеници, војниците, докторите и наставниците задолжително да комуницираат на украински. Некои исклучоци се направени во законот за некои јазици на малцинствата, како англиски јазик и други јазици на ЕУ. Рускиот не спаѓа во оваа категорија, пишуваат проверувачите на факти на „Политифакт“.

Откако Русија ја почна неиспровоцираната воена инвазија врз Украина во 2022 година, голем број Украинци се откажаа од зборување руски, како знак на отпор, пишува „Киев Индепендент“ во неодамнешен напис, потенцирајќи дека голем број Украинци продолжуваат да зборуваат и украински и руски. Според медиумот, зборувањето руски во Украина е последица од вековна русификација под Советскиот Сојуз.

За мнозинството зборувањето руски јазик не е израз на приврзаништво кон Русија. Но, за Кремљ, рускиот јазик стана исклучително моќна алатка за пропаганда, која се користи да ги портретира Украинците што зборуваат руски како „сигнал дека сакаат да ѝ се приклучат на Русија“, наведува „Киев Индепендент“.

Медиумот посочува дека украинскиот јазик почнал да се зборува помасовно од поголем број луѓе по распадот на Советскиот Сојуз, посебно во периодот по 2013-2014 година (Евро-Мајдан, Револуцијата на гордоста) и нелегалното присвојување на Крим и инвазијата на Русија на Доњецк и Луганск, кога Украина почнала активно да ја промовира употребата на украинскиот јазик.

Во 2019 година украинската влада донесе закон за да се осигура дека украинскиот е државен јазик. Наспроти некои намерни погрешни толкувања, јазикот не беше донесен за да се забрани рускиот јазик во Украина, туку за да се засили употребата на украинскиот јазик во јавната сфера, пишува „Киев Индепендент“, додавајќи дека некои Украинци престануваат да зборуваат руски за да не го оправдуваат изговорот на Русија за почнување на војната во која самите се жртви. За слични потези на отпор известува и „Алџезира“.

Како што извести „Гласот на Америка“ по носењето на законот за јазикот, тоа значело и дека сите фирми, организации и продавници биле задолжени да ги служат конзументите и да обезбедуваат информации за добрата и услугите на украински јазик. Но, информациите може да се преведени и на други јазици и може да се зборува и на друг јазик на барање на клиентот.

 

Зошто дел од Украинците говорат и руски јазик?

Во анкетата на „Рејтинг“ (независна истражувачка организација со седиште во Киев Rating Sociological Group) спроведена од 16 до 20 август 2023 година на 6.050 лица што живеат во Украина, на прашањето „кој јазик го зборувате дома“ – 59 проценти од испитаниците одговориле дека во секојдневниот живот зборуваат само украински, 31 процент и украински и руски јазик, а 9 проценти дека зборуваат главно руски во секојдневниот живот.

Од 4 до 27 декември 2022 година, Интернационалниот институт за социологија, приватен истражувачки центар со седиште во Киев (International Institute of Sociology), спровел испитување на 2,005 испитаници во Украина. Од нив 58 проценти кажале дека комуницираат ексклузивно или во најголем дел на украински јазик, а 15 проценти дека комуницираат ексклузивно или најмногу на руски јазик. Други 24 проценти одговориле дека ги користат и двата јазици подеднакво, пишува „Гласот на Америка“.

Мапа на население со доминантен мајчин јазик во Украина во 2001 година: со сина боја е украинскиот јазик Фото: LvivskeCC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Делот од обајвата во кој се споменуваат „укрофашисти“ кореспондира со про-Кремљ пропагандата со која се цели да се оправда војната која што Русија ја почна во Украина, суверена, независна држава со демократски избрано раководство. Повеќе од 300 историчари кои изучуваат геноциди, нацизам и Втората светска војна потпишаа декларација во која наведуваат дека реториката на Путин за „денацификација на фашисти“ е пропаганда.

Актуелната украинска влада не е фашистичка, ниту диктаторска, или на кој било начин поврзана со нацистичкото минато. Претседателот Володимир Зеленески е демократски избран на фер избори, добивајќи 73 проценти од гласовите на претседателските избори во 2019 година.

Џефри Веилдлингер, за Тајм вели:
Во еден момент, имало Украинци кои соработувале со нацистите. Затоа Путин го користи тој термин, но ова било пред 80 години и не ja одразува моменталната украинска влада. Кога Путин го користи овој термин, тој нема значење. Тој не е исплашен од нацистите во Украина. Тој е исплашен од демократијата во Украина и препознава дека како што демократијата доаѓа поблиску до Русија, има закана дека луѓето ќе бараат демократија.

За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година. Во Украина навистина има десничарски екстремни сили, кои, сепак, се слаби во споредба со другите европски земји. Со други зборови, нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз парламентот, не се во владата и не може да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина.

 

Која црква е забранета во Украина?

Во делот од објавата каде се тврди дека „Украина ја забранила црквата“ важно е да се напомене дека не станува збор за забрана на православната црква, туку за забрана на руската црква поврзана со Москва -Украинската православна црква на Московската патријаршија која е подредена на Руската православна црква. Како што тврди Киев, Украинската православна црква – Московска патријаршија (УПЦ) е директно поврзана и поддржана од Руската православна црква и затоа властите го подготвија нацрт-законот за нејзина забрана, или пак, да ѝ биде дозволена пререгистрација, односно формирање на нова црква која нема да биде на ниеден начин поврзана со Руската православна црква и патријархот Кирил.

Забраната следуваше откако се откри дека во Украинската православна црква Московска патријаршија се шири руска пропаганда, се покриваат активности на непријателски служби и се регрутираат руски агенти. Причината за ваквиот потег на власта на Зеленски беше и тоа што Руската православна црква отворено ја поддржа руската воена инвазија врз Украина и официјално ја нарекува „специјална операција“. 

Во април 2025 година тајната служба на Украина формално обвини 14 високо-рангирани митрополити и архиепископи од Руската православна црква за нивно учество во нелегално присвојување на украински цркви во териториите на Украина окупирани од Русија.

Делот од објавата кој се однесува на споредбата меѓу Северна Македонија и Бугарија со Украина и Русија претставува личен став кој не подлежи на методологија за проверка на факти.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.